Плоштад: Во потрага сме по одговор на сосема природните реакции од граѓаните за буџетот,изборот на гости и целокупната манифестација за прославата на 11 „Ноември ‘‘ оваа година. Дали,кога Вие би биле во организацискиот одбор за чествување на празниците,би го направиле истото (30000 евра за естрадни ѕвезди и огномет,без претходно објавени резултати на спроведената анкета за желбите на кумановци)?
Никола Лазаревски, Левица:
Вејот на црвените знамиња во студенотото ноемвриско утро за кумановци и Македонија донесе слобода, донесе република, донесе славење, донесе победа. Победа над фашизмот, победа над маката човечка, го донесе мирот.
Славењето и чествувањето на денот на ослободувањето на градот првоборец од фашистичкиот окупатор апсолутно треба да биде втемелена во секој кумановец.
Голем број од прославите низ републиката и градовите по повод ослободувањето и чествувањето, за жал денеска е заменета со популистички културен кич и шунд, односно застапувањето на автентичната историско културна рамка за нашето општество е тотално обезвреднета и деморализирана.
За жал, скромните прослави и чествувањето на НОБ денеска се заменети со искривени вредности од страна на актуелните локални власти и организаторите, кои приредуваат мега концерти и цели програми со што трошат огромни суми на пари кои всушност се одвоени од џебот на граѓанините на Куманово.
Морам да напоменам дека покрај самата прослава на денот на градот, организаторите го празнат буџетот и со пропратни, досега не споменати и актуелизирани „активности“ што не се дел од понудената програма.
На граѓаните им се презентира програма во која можеме да забележиме дека не се издвоени големи суми на пари за настаните кои што ќе се одвиваат во текот на месецот.Но, задкулисно реалноста е поинаква, како што во неа не се наведении (свечени вечери, коктели, угостување на делегации од збратимени градови по локални кафеани и трошење на народни пари за сопствени суети).
Така што и самото циркулирање на анкетата низ социалните мрежи беше фиктивно презентирање на демократијата и уверување на народот во Куманово дека може да одлучува дури и за тоа „ КОЈ ЌЕ МУ ПОЕ“.
При јавни претпријатија кои тонат во долгови, при една од најголемите загадености во државата, општината приредува екстравагантни шоуа и фатаморгани за да со уште поголемо трошење ја прикрие својата неспособност и своето недомаќинско работење.
11 Ноември, Денот на Куманово, е ден кој одекнува со силата на историските моменти и борбите на храбрите души кои ја обликувале иднината на градот и на целата нација. Овој ден не е само симбол на славата и патриотизмот, туку и на револуционерниот дух што го носи Куманово во своето срце.
На овој ден се потсетуваме на големите напори на Кумановци кои дале големи жртви против фашизмот за своја правдина и напредок.
Куманово не е само географска точка, туку е симбол на отпорот, на неуморната желба за промена, Куманово е и слободарскиот дух и пркосот на Кумановци во антифашистичката борба која кулминира со негово конечно ослободување.
Денот на Куманово е ден кога не само што ја славиме историјата, туку и ја создаваме иднината. Тука, на оваа земја, се потврдува дека револуцијата не се води само со оружје, туку и со идеја, со посветеност и со храброст да се направи нешто поголемо од нас самите. Денес, Куманово продолжува да биде инспирација за сите оние кои сонуваат за слободен и праведен свет, и потсетник дека секој обид за промена започнува од народот, од неговата свест, и од неговата способност да се бори за тоа што е правилно.
Програмава повеќе личи на некој летен културен настан отколку чествување на најголемиот ден на градот, кој треба да го искористиме за луѓето да не заборават каква жртва имаат дадено нашите предци за нашава слобода денес да општиме и пишуваме на свој мајчин јазик.
Ќе положам свежо цвеќе во нивна чест, во нивна заслуга за нивна слава,за нивни и мои идеали, за никогаш да не се заборави.
Смрт на фашизмот – слобода на народот.
Црвено Куманово – црвена Република
Честит празник кумановци!