Куманово е град со богато минато, распослан на убава географска локација и отсекогаш претставувал судбински коридор низ кој поминувале и му се навраќале многу луѓе, знајни и незнајни. Гаталци и паталци, патеписци, лекари, професори, државници… Еден од големите државници, Јосип Броз Тито, токму на денешен ден, 7 ноември, во 1972 година, последен пат го посетил нашиот град.
Навраќајќи се хронолошки, ќе се потсетиме колку пати вкупно, всушност, маршалот го посетил Куманово, а во продолжение ќе се задржиме на неговото последно доаѓање, на 7 ноември таа 1972 г.
- Тито првпат го има посетено Куманово на 3 јуни 1957 г., во рамки на своето осумдневно патување низ Н.Р.Македонија. Тогаш го посетил и Куманово и фабриката за заварени цевки и профили „11 Октомври“. Низ улиците го пречекале повеќе од 35.000 граѓани.
- Вторпат, Тито со воз поминал и застанал на кумановската железничка станица, на 7 март 1959 г. Синиот воз го пречекале преку 20.000 граѓани. По кратко задржување, возот продолжил за Врање.
- Третпат, по неколкудневен престој во нашата држава, на пат за Белград, Тито на кумановската железничка станица, на 15 ноември 1961 г., се задржал околу 10 минути, каде го поздравиле повеќе од 10.000 граѓани на Куманово. Тогаш, при таа посета, во Скопје, Тито го пуштил во употреба автопатот Скопје – Грделица.
- Четвртата посета му била на 27 јули 1963 г., еден ден по катастрофалниот земјотрес во Скопје. Тогаш ја посетил кумановската болница и повредените од земјотресот.
- Петтата посета му била на 20 октомври 1967 г., каде на железничката станица во Куманово бил свечено пречекан по петдневната посета на С.Р.Македонија. На железничката станица го пречекал тогашниот градоначалник, Јездимир Богдански, со околу 10.000 граѓани на Куманово и околните места.
И последната, шеста посета, се случила на денешен ден – 7 ноември 1972 година.
Како пишувал во минатото „Наш Весник“, претседателот на Републиката Јосип Броз Тито со сопругата Јованка, на 7 ноември 1972 година, допатувал во повеќедневна посета на С.Р. Македонија. Над 40.000 граѓани, младинци и пионери, го пречекале и поздравиле претседателот на СФРЈ – Јосип Броз Тито.
На свечено украсената железничка станица, претседателот Тито, Јованка Броз и придружбата ги пречекале и поздравиле највисоките раководители на С.Р.Македонија и нашата општина. Тој со придружбата на кумановската железничка станица пристигнал точно во 10 часот. Ведро расположениот и насмеан, претседателот Тито, Јованка и придружбата биле пречекани од претседателот на Собранието на СРМ, Никола Минчев, и претседателот на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија, Ангел Чемерски, со сопругите. Заедно со претседателот Тито допатувале и Митја Рибичич, член на Претседателството на СФРЈ, Фадил Хоџа, член на Извршното биро на Претседателството на СКЈ и Марко Орландиќ, член на Сојузниот извршен совет.
Потоа, на претседателот Тито и на Јованка пионерите Сузана Ангеловска од ОУ „Кочо Рацин“ и Бранислав Ѓуниќ од ОУ „Вук Караџиќ“ им предале букети цвеќе.
На свечениот пречек, претседателот Тито, неговата сопруга Јованка и придружбата ги пречекале и поздравиле и: доктор Ксенте Богоев, Бошко Станковски, Павле Давков, Хисен Рамадани, генерал-полковник Васко Карангеловски, Перо Коробар, Љупчо Арнаудовски, генерал-мајстор Тихомир Шаревски, Блашко Јаневски, Стоиле Пејчиновски, Ратко Тодоровски, Владо Николовски, Чедомир Георгиевски, Сашо Кузмановски, генерал-мајор Јосиф Костовски и други.
По интонирањето на химната, командирот на почесната чета на ЈНА, капетанот Сава Ковачевиќ, на претседателот Тито му поднел рапорт, по што претседателот Тито извршил смотра на четата. По ова, колоната автомобили со претседателот Тито и придружбата, бурно поздравувана од неколку илјади граѓани, поминале низ улиците „Доне Божинов“ на пат кон Спомен Костурницата на паднатите борци.
На Спомен Костурница, добредојде им посакале: Бранко Стојковски – Руле (1920-2004), првоборец во кумановските партизански одреди, поранешен началник на Републичкиот секретаријат за внатрешни работи и претседател на Општинскиот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОБ и Златко Билјановски, претседател на Републичкиот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОБ на Македонија.
Откако положил венец на паднатите борци, претседателот Тито извршил смотра на почесниот вод, а потоа се ракувал со народните херои од кумановскиот крај и родителите на загинатите народни херои и борци.
Потоа, придружувани од претседателот на Општинското собрание, Блашко Јаневски, го разгледале споменикот и градот. Поздравени од голема маса на луѓе, Тито и Јованка Броз, биле испратени од присутните со песната „Друже Тито ми ти се кунемо“.
Колоната автомобили со Тито низ улиците „Доне Божинов“, „11 Октомври“ и „29 Ноември“ се упатиле кон фабриката за заварени цевки и профили „11 Октомври“.
Тито по вторпат го посетил овој гигант, каде бил срдечно и топло пречекан во кругот на фабриката од страна на работниците и генералниот директор на фабриката, машинскиот инженер, Милован Петрушевски.
По обиколката на погоните, во просториите за општествена активност на работниците другарот Тито со другите гости водел едночасовен разговор со политичкиот актив на општината, а градоначалникот на Куманово, Блашко Јаневски, во ресторанот на фабриката, приредил и свечен ручек. За време на ручекот се одржале кратки здравици, а потоа членовите на КУД „Панче Пешев“ настапиле со пригодна програма.
Нешто по 13.30 часот, Тито со сопругата Јованка и останатата делегација, во отворен автомобил, заминале за Скопје.
Тоа била последната посета на Тито во нашиот град Куманово.
Извор:
Весник „Борба“ уторак, 4. јун 1957
Весник „Борба“ недеља, 8. март 1959
Наш Весник бр. 3, среда 29. ноември 1961 год.
Весник „Борба“ недеља, 28. јул 1963
Наш Весник бр. 146, 1 ноември 1967 год.
Весник „Борба“ среда, 8. новембар 1972
Наш Весник бр. 335, 10 ноември 1972 год.
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник