Почетна НЕШТО УБАВО Кумановски салтанати

Кумановски салтанати

Една коњска чеза кружи околу Куманово. Преполна е со спомени, сите на готовс да се најдат на разгледници што ќе се испраќаат низ петстотини години. Личат на албумите од „Фото око“. Педе и Живко водат тивка војна кој подобро ќе ги ретушира градските шмекери.

Кумановски интервали. Кога од сеќавањата би никнувала трева, ова би бил најзелениот град на светот!

Поздрав од местото достојно за „Варошарии“, од таму кај што се израмнуваат сметките, без данок на додадена вредност!

Кочијата тргнува од старата автобуска станица, кај денешен хотел „Кристал“. Полека се упатува до кај „Пивница“, сегашен Центар за култура, да се напие јак наут и да си нарача грч пиво за квечерина.

Luxury Catering Service

Задоволство и заборав. Линии, калдрми, насоки. Која да се одбере? Шајче или Еснаф? За коњите, бе, вода да земе, сеирџии, не оди по ракија кондуктерот во бела, штиркана кошула.

Ај, да видимо има ли муштерије у влачаре, бојаџилнице и јужаре. Ќе пројдемо од куде „Брокат“. Спремав се цветни дезени на нову моду јоргани. Крстооооо! Исечи од тој овчо кисело млеко, на враќање од корзо да се освежимо! Мирише симит од Цветанову фурњу. Петкана проваѓа сас нови везени папуче. Коса ву густа, од оцат сјајна. У корак гу прати арома од сумпуров сапун, марка „Прогрес“. Спремила се е да иде на игранку у Соколану. Ќе свирив „Глечери“.

Заинтересираноста за минатото галопира во неизвесна иднина. Кочијата, каков што бил редот, ги минувала сите сокаци со покојникот додека да биде однесен во вечниот дом на единствените градски гробишта. Да се видело кој колку „реди“ за упокоениот. Од секој агол не им се смеел преполн контејнер, не ги ѕиркал пес скитник од картонска кутија, Шајтан не правел багатела качкети, а жедта за естетика не била во форма на апартмански комплекси.

Пачков, ташаклија, направи плакату од другара, божем умреја, залепи на сви бандере преко ноќ и јутрето к’т видив, сви другари му отидев у куќу на демек умренога, да га плачев, к’т он жив, пожив никад не бија! И одма знае кој му смислија ујдурму и отиде куде „Рекламу“ да га најде и да му смисли нешто за узврат.

Не можеме да тргнеме од почеток, да направиме реплика на Занаетчискиот Дом, да ги вратиме Славе Трајковски, Шајто и Шоиќ. Веќе сме се вљубиле и одљубиле, завршиле на времето пристојни школи, сме се убедиле дека сме напредувале, доволно сме загадиле, сме се осигурале. Сме го пуштиле Куманово низ Крива Река. Можеби во меѓувреме, сме го изгубиле правото на сопственост врз својот живот.

Ама, едно е сигурно. Никад, значи никад, нема да га изгубимо ов’ј припек и овија успомене. На овија ране ќе турамо мелеми од Мицу Домаќицу, на очи киселу проевску воду, на срце не стављамо ништо, за да си поживимо бајаги, а на онуј работу…само ми си знаемо. Црно-бел поздрав од уникатно Куманово! Наскоро и во боја и во живо од „ПОТКАСТрување“!

Ивана Аткинс