Почетна МОЈАТА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА Како и зашто ед’н шармантан санџаклија биднаја кумановац?

Како и зашто ед’н шармантан санџаклија биднаја кумановац?

Преголемото срце на Хуснија Османовиќ – топла приказна за еден санџаклија кој случајно останал во Куманово.

Признајте – колку ли само пати сте чекале автобус на постројката на улица „Гоце Делчев“, или сте биле само на поминување и сте забележале висок, маркантен, белоглав човек како седи пред својот дуќан за продажба на текстил, најчесто во друштво на сива мачка или кафеав пес…Или сте влегле во неговиот дуќан, сте биле љубезно пречекани, услужени со насмев. И дека никогаш не ви паднало на ум ниту како му е името, ниту од каде е таа негова ведрина со која зрачи, а најмалку ве заинтересирала неговата повеќе од очигледна љубов кон животните.

Е па, дозволете да ве запознам со Хуснија Османовиќ. Мислевте дека е роден Македонец, кумановец, зар не? На некој начин и е – но од дамнешната 1971 г., кога неговото семејство – како што вели самиот – сосема случајно се доселило во Македонија. Пристигнале од Санџак, од околината на Нови Пазар, со идеја да ги извадат потребните документи од турската амбасада, за да се преселат во Турција. Но, таму се случил политички преврат и фамилијата Османовиќ одлучила да се насели тука.

Luxury Catering Service

Хуснија раскажува дека, тогаш како шеснаесетгодишник, бил запишан во училиште што во тој момент единствено имало слободно место – занаетчиското, и тоа во струката тапетар. Тоа му дошло дури како „разбибрига“ бидејќи дошол како „вуковац“, најдобар во својата генерација, многу бргу научил македонски и често, како ми раскажа не без гордост, ги исправал „грешките“ на своите учители.

Но, она што вам сигурно не само да не ви е познато, туку не би ви паднало ни на ум е дека Хуснија Османовиќ бил еден од најдобрите и најперспективни млади фудбалери во Македонија.

Ми кажува како почнал да игра за клубот „Драчево“ и бил толку добар што го повикале да игра за „Треска“, што освен вработување, му донело и дополнителни бенефиции како што е работа исклучиво во прва смена и користење на одмор во одморалиштето на „Треска“. Фудбалот му бил повеќе од љубов, ми вели Хуснија. Додава дека за време на служењето на воениот рок по прв пат почувствувал нелагодност кога се бирале играчи за фудбалската екипа на единицата. „Таму беа сè некои играчи од познати југословенски клубови, а јас – од „Треска“…Мислев, немам што да играм таму. И тогаш се играше натпревар против таа екипа и јас им забив прво седум, па на другиот шест голови…и потоа само ме приклучија на екипата“. Кога се вратил од војска, играл за клубот „Балкан“ од Чаир што му останал во сеќавање и како убав и не толку убав спомен. Имено, без оглед на тоа колку бил добар играч, бил во „немилост“ на тогашниот директор на клубот, Ванче „Сурка“ и нивната – како вели – кавга довела до тоа да престане да игра. „Десет години подоцна се сретнав со својот тогашен тренер кој ми призна дека никогаш не прежалил што изгубил така талентиран и квалитетен играч поради така неспортски причини“.

И така, копачките завршиле закачени на шајка, но затоа во 1985 г. прв во државата отворил приватен дуќан за продажба на метража. „Почнав со „100 денара метар“ и работа имаше преку глава. Денеска метар не е веќе 100 денари, а ни работа нема толку. Но, добро е. Не се жалам“.

Ако и не го знаевте овој дел од приказната, сосема сигурно сте го забележале во друштво на животни. И самиот ја доживеав една од најнеобичните „сцени“ со него во „главната улога“: рано наутро, пристигнува Хуснија во својот стар „Форд К“ (веројатно единствен во Куманово) и како излегува, слетува јато на гулаби до автобуската постројка. „Не знам како ме препознаваат, но секое утро се тука. Знаат дека ќе ги нахранам. Еве – ми покажува – секоја недела набавувам канта со пченица за нив, кога нема пченица, има лепче…“

Го прашувам за неговата сива мачка. Министерка се вика, вели. „Таа си дојде, како гулабите, сама. Беше маче, измрзнато, едното уво ѝ беше повредено…едноставно ми пријде и – како да не ѝ помогнам?!? И, еве, не само неа што ја чувам 13 години, туку ги исчував и нејзините внуци“.

Ми раскажува како и самиот понекогаш не разбира како тоа животните сами му приоѓаат. А тоа го потврдува и неговата сопруга Ениса. „Ако седиме, да речеме, пет-шест луѓе, само нему ќе му дојдат до нога или седнат во скут. Просто неверојатно…“. Хуснија се смешка и додава:„Врска немав јас за животни ни како да им помогнам. Но, не можеш, едноставно не можеш а да не им помогнеш. Сè со Ениса научивме онака попатно…како да ги лечиме, залечиме, со што да ги нахраниме…“.

Го спомнува својот прв пес, лабрадор, за кого се грижел и кој останал „прва љубов“, зборува за унакажаната кучка која го „пронашла“ него и која тој ја излечил и вдомил, за четирите напуштени кутриња на минус 20 степени, кои со сопругата ги сместиле во својот стан и се грижеле за нив…„Кај нас во домот практично имаме „шведска маса“ за животни – колку и соседите да нè гледаат како добри луѓе или чудаци – ние знаеме: за нас може и да нема, но за животните едноставно мора да има храна“. Во еден момент, вели Ениса, се грижеле за 29 кучиња истовремено…„Неописиво е колку животните знаат да препознат кога се сакани и навистина е неспоредливо како на својот чист, директен начин возвраќаат љубов. А и тага што те обзема кога на рацете за последен пат ќе ги затворат очите…“ – не ја завршува реченицата Хуснија. Секој кој проживеал слично искуство, не би му замерил.

Ги прашувам имаат ли идеја колку животни „поминале“ низ нивните раце. Велат – во последните десет години, повеќе од стотина. Многу од нив се вдомени, не само во блиската и далечна околина, туку и во странство, а нагласуваат и дека имаат голема помош од здруженијата за заштита и грижа на животните. Ги истакнуваат Магде, Фросина, Деки и Гоца, пријатели кои им помагаат околу храната и вдомувањето.

И намерата им е да се грижат за животните – иако размислувам дека можеби е подобро да напишам: за миленичињата – до кога ќе можат. Што многу едноставно е да се преведе како – доживотно.

Кој знае, можеби и вие кога наредниот пат ќе поминете покрај дуќанот на Хуснија ќе застанете макар само накратко да ја погалите Министерка или да оставите малку храна за милениците кои тој ги чува. Бидете уверени, вашето добро дело не само што ќе биде добре дојдено, туку и забележано. Во вашето сопствено срце.

Дарко Даутовиќ