МКЦ беше дестинација на легенди какви што на прсти се бројат, славните гевгеличани од групата „Зијан“, на кои некогаш оваа бина им била отскочна штица, па потоа продолжиле по своите славни патеки кон Зајечар, Суботица и на други фестивали, за да по 30 години повторно се вратат тука и направат славен „камбек“ со концерт на кој не само што повторно покажаа дека се првокласни, тие покажаа дека се и над тоа.
Рок рапсодија во боја на сино мастило (според визуелен амбиент) владееше во салата, а со исконска музика која несопирливо се шири од овде до иднината и освојува со акордите и стиховите во кои најпрефинето и најсуптилно е вметнато македонско етно и сѐ она што генетски ни е запечатено во кодот. Музика, чиста како бистрата вода што ја опејуваат, музика на која ѝ веруваш затоа што во неа нема ни грам лажно флертување со публика. Ни заведување, ни трикови. Сѐ е само вистина и љубов. Облик чија содржина е исполнета со есенција и немерлив и неминлив квалитет.
„Зијан“ дефинитивно не е група која често ја среќаваш, но е група која постојано ја носиш во срце. А да влезеш во нивната приказна значи отсекогаш да си бил таму. Затоа чинам да се биде на нивни концерт требаат и долги психички подготовки, очекуваш и на крај и тоа се случува дека те стават во една природна хипноза во која без да почувствуваш се губиш и самиот од себе си во тој природен занес и убавина што ја создаваат. Тоа што јас ги обожавам е индивидуална работа, тоа што се најдобри е – колективна! Па така уште еден доказ за оваа моја констатација е што три генерации дојдоа на нивниот настап- најбројни и најгорди беа оние кои некогаш ги слушале во живо на гитаријадите, меѓу нив најприсутни беа скопјани кои потекнуваат од тој регион, од југот, оние кои тогаш растеле и копнееле да пораснат за да ги слушаат во живо, а и неколку мали дечиња со нив, кои весело трчкаа низ салата. А кога се чека омилената група со децении и кога музичарите нема да те изневерат и ќе направат музичка средба каква што си замислувал, сфаќаш дека еден голем круг е затворен и почнува друг.
„Зијан“ постои 42 години и тоа во истиот состав – состав на авторитетните рок уметници, автори и изведувачи – Апостол Митров Ацо на гитара, Ангел Динев Ане на тапани, Ристо Ќорнаков Ице на клавијатури, Костадин Динев Коце на бас гитара, со нив настапија и соработниците Кирил Зарлинов (Ерик Фокс) на клавијатури и Антонио Какров на гитара, нивен член од 1997 година. Сѐ уште ја поседуваат истата енергија и маестралност и ден денес со иста страст ги изведува своите хитови.
„Добро вечер наши луѓе“, сосема точно прецизиран поздрав на самиот почеток.
„Да си поминеме убо и ние и вие, се надеваме. Ќе биде!“.
„Добро вечер на сите. Мило ми е што сме тука, а и вие што сте со нас. Група Зијан“, нѐ поздрави Митров.
„Тивка вода“ нѐ воведе во програмата по која веднаш потоа се згуснаа чувствата на познатата „Елизабет“, „Каде сте ангели“, „Пријателе“ (ќе биде добро), „Обична песна“, „Без тебе“, додека младиот гитарист Филип Динев, потомокот на Коце, им беше единствениот гостин кој настапи со нив само на феноменалниот инструментал „Низводно“ (според кој е именуван и нивниот прв и единствен засега албум од 1991 година), па потоа дојдоа на ред „Рана“, „Кате сваќе“, „Деца бевме“, „Еј остани“… сѐ до крајот со песната која е општо добро, национален белег, повеќе од национално богатство и химна за сите времиња „Пушти коси“ и неизбежниот бис по извиците „Сакаме уште! Сакаме уште!“ со „Еј остани“…
Закон бенд. Безвременски, ги оживеаја сеќавањата, нѐ наполнаа со надеж. Ни ја измија душата со бистра вода, ни ја згасија жедта за совршена рок музика! Заклучивме на самото место дека „Зијан“ се реалност, без нималку „шминка“ и пропаганда. И сѐ уште свират одлично како никогаш и да немале пауза. „Зијан“ се историја и затоа никаде не им се брза, не се лактаат за било што, припаѓаат на категорија „тешкаши“ кои и по толку години никој не можел да им парира, а камоли да ги надмине и победи. Ќе треба само привидно да се задоволиме со тоа што ретко ги гледаме, само затоа што ретките настапи многу посилно се врежуваат во меморијата, но тоа дека сепак треба почесто да прават концерти би рекла е долг кон сегашните генерации. Тие мора да знаат кои се „Зијан“, тоа е општо важно, императив.
„Зијан“ ни приредија големо забрзување на срцето и уште поголемо смирување на душата. Ние со нив го победивме стравот од ноќно летање, а којзнае дали и на „Зијан“ им е јасно колку им се гласни мислите, штом за концертот слушнавме односно дознавме пред десетина дена, со обична објава на социјалните мрежи, односно нешто од типот „кој разбра разбра“, но сепак публиката им дојде. Се чини концерт со најпрочистена публика досега, кој воопшто се одржал кај нас, бидејќи немаше ни гратис, ни акредитации, присуствуваа токму и само тие што навистина се врзани за нивните песни, некои кои ги чекале 30 години со широко отворени раце. Факт е дека нивната музика нема време. Вечно свежа, извор на енергија и напојување. И еве една мала задача за вас, пробајте да откриете колку легендарни ју хитови создадени после нивните, наликуваат или имаат „позајмено“ од нивната оригинална музика и стихови. Нека ни биде тоа следна дискусија на темава, во следната прилика.
А овој пат, само за крај да резимираме: беше тоа совршен контакт со безвременски легенди преку нивниот совршен концерт во МКЦ, по цели 30 години.
„Рок совршенство“, со два збора би го опишале концертот, а со уште два: сјаен како „жар и злато!“
Валентина Ѓоргиевска Парго