Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Атина Мургашанска

Азбука на Атина Мургашанска

Единствената кумановска роза врз жолта петокрака на сина подлога. Непоколеблива. Никогаш нема потреба да биде лекторирана. Го владее правото, ја негува правдољубивоста. Енергична. Црвенокоса со зелени очи. Неодминлива. Седниците на Советот беа долги, но стручно водени во нејзиниот мандат. Атина, добре дојде во градската азбука!

 

А

Азбуката наша и нашето писмо, цивилизациски влог за писменоста наша и на светот, автентичен печат и културен белег низ вековите.
Атина како симбол на праведноста и борбеноста, пресликан и во моите избори и борби и сѐ уште непосетена метропола.

Luxury Catering Service

Б

Батко Ѓорѓија, вечно живиот боем на кумановските легенди, реинкарниран во достојните следбеници низ годините, чувари на кумановскиот дух и традиција.

В

Виктор, нашата најмлада и најсветла семејна ѕвездичка која ме топи ко коцка шеќер на секое негово „баба’’.

Г

Градот како одредница, судбина и избор, распослан низ крстосниците на мојата душа, прегрнат во сокаците на мојата младост и препороден во патеките на нашата заедничка иднина.

Д

Даниела со И, сестричката коректор и бесцената поддршка – моја и на скопската локална самоуправа.

Ѓ

Ѓеврек, ѓерѓев, ѓум, Ѓурѓовден на Вруќа Вода и јагнешко по рецептот на мама.

Е

Еее Македонијо, Ех каде е мојто либе, Елено ќерко, Евгенија што садила бор и најважната Евче на тета и мамичка на Вики.

Ж

Жизнерадосно, збор кој ме восхитува, преплавува и избликнува ко водоскоците од моите спомени на Домот на културата, Изгореното школо, хотелот Кристал и Соколанскиот парк.
Жените ќе го спасат светот! Поддржете ги!

З

Зелена агенда како императив, нужност и предуслов за опстанок на оваа планета, нашето парче земја и микрокосмосот наречен Куманово.

Ѕ

Ѕуница во сиот спектар го обоила небото над мојот Град и исткала венец над Занаетчискиот дом, за сите минувачи на плоштадот. Оние од пожолтените слики и овие од дигиталните приказни.

И

Идеали за кои се уште гинеме ние со рима, без цена и дилема.

Ј

Јане

К

Куманово- наша љубов, наше минато, сегашност и иднина. Кумановски дијалект, кумановски табиет, мајтап и хумор, мезал’к и суџук. Куде, кт и ск, Кумани и Куба, Кисела Вода, Кумановско поле низ кое шета Јовка Кумановка која ни се грчи ни се турчи.

Л

Летните фустани на кумановските девојки лелеави на летните балкони, лефтерни во летните бавчи, лилакови и пембе, лихто сини и циклама.

Љ

Љубов безрезервна, Љубојна и Љиљана

М

Михаил, прекрасното име на мојот син Мики, моето сè, почеток и бескрај.

Н

НЕ за сите Нечесни, Нелојални и Нелуѓе.

Њ

Његош, недостижен урнек за сведена мудрост.

О

Огледало на душата, срцето и карактерот, непријател на искривените слики за себе и другите.

П

Празникот на мојот Град, 80 години слободно Куманово. Перипетија и пиеси, правда и победа.

Р

Румена роза врз жолта петокрака на сина подлога. Револуција која никогаш не запира.

С

Среќа во малите големи нешта што живот значат и сите мои добри луѓе

Т

Татковина

Ќ

„ Ќе “, неизбежен декор на сите завети и кампањи, планови и диети.

У

Уметност на возможното, другото име на политиката.

Ф

Ферски од маалски игри до големи игранки.

Х

Христијан Тодоровски Карпош, следбеник на кумановскиот крал Карпош и предвесник на слободата, наш народен херој од НОБ.

Ц

Црвено Куманово како авангардна општина уште во 1920 со победата на комунистите и комунистички градоначалник во тогашното кралство.

Ч

Чесност, украс што не излегува од мода, не се продава и не се купува.

Џ

Џез фестивал и во Куманово, податок кој помалку се знае.

Ш

Штафета на една младост.
Шпекулации, модерна верзија на маалски муабети.