„Неко меѓу нама није наш“
Крајно време е да заврши приказната за фамозната Фондација за спорт и (не)култура. Дури слободно можам да кажам дека доцниме.
Измислена, непотребна, товар на буџетот, односно граѓаните на Куманово, а „Ел Дорадо“ за поединци. Привелигирани поединци.
Измислена да троши народни пари и, пазете, без обврска кон граѓаните да каже каде, како и колку. Барем (или берем) така мисли актуелниот директор.
Погледнете ја само последната прес конференција на фамозната фондација.
На неа, вработен во Секторот за спорт и култура на Општина Куманово, директор на Фондацијата за спорт и култура и раководителот за Секторот за спорт и култура. Погодете кој е вишок во прикзнава. „Ко меѓу нама није наш?“.
Секако дека тоа е директорот на фондацијата, како нејзин претставник и самата фондација.
Сѐ, буквално сѐ што е во опис на обврските и работните задачи на фондацијата може да заврши секторот за спорт и култура на општината, односно раководителот со вработените.
Секторот треба прво да излезе пред граѓаните со програма, па пред истите граѓани со отчет кога, каде и колку потрошиле за реализација на истата.
Се разбира, под контрола на јавноста, градоначалникот и Советот на општината.
Актуелниот директор е посебна приказна.
Има многу прашања на кои треба да одговори пред македонската јавност.
Тој мора да одлучи дали е менаџер или музичка ѕвезда во обид.
Мора да објасни дали има судир на интереси кога сам себе се става во програмата за настап на јавен настап.
Ако наплатил, сам себе си плаќа хонорар со народни пари. Ако добил хонорар, кој и каде одлучил колку тој ќе земе.
Ако настапил без пари, мора да објасни кој му дава право да ја искористи можноста со народни пари да работи на своја лична промоција.
Не е Марио Арангеловски единствен пеач во Куманово.
Дали тука има судир на интереси? Секако дека има!
Ние од ПЛОШТАД му пративме по електронска пошта да ни одговори на тоа и секој ден ќе го потсетуваме сѐ додека не добиеме одговор.
Еве уште еднаш да го повториме прашањето, пратено на 8 ноември во 10 часот и 14 минути.
Г-дине Арангеловски, редакцијата на Плоштад ја интересира дали и Вам, како учесник на концертот по повод „11 Ноември“ Ви следува хонорар за настапот, и доколку е потврден одговорот, може ли да споделите со јавноста во која висина би бил. Исто така, во случај да се работи за „pro bono“, нè интересира како тоа се ставивте сам себеси во програмата, со оглед дека ја извршувате функцијата директор на Фондација за спорт и култура?
Марјан Славко