Седумгодишниот шахист Јован Јовановски оди на светското младинско првенство во Италија
Полека, но сигурно, во последните години популарноста на шаховската игра во нашиот град се враќа на голема врата, што се манифестира преку појавата на сè поголем број на млади талентирани шахисти меѓу кои секако припаѓа и нашиот седумгодишен сограѓанин Јован Јовановски, член на шаховскиот клуб Куманово.
Јован за прв пат почнал да игра шах на својата пет годишна возраст, кога станал и член на младинската школа на ШК Куманово. Талентот на Јован кон шаховската игра прв го воочил неговиот прв и сегашен тренер, Жарко Митковски (поранешен шахист и повеќекратен шаховски сениорски првак на Куманово), кој на еден тренинг, кога Јован бил на само четири и пол годишна возраст, го забележал високото ниво на концентрација на овој млад шахист. Со таква концентрација, Јован веднаш отскокнал од другите деца, бидејќи тој сегмент од шаховската игра важи за еден од најважните сегменти кои што треба да ги поседува еден шахист за да напредува во својата кариера.
За последните две години, колку што впрочем трае и неговата досегашна шаховска кариера, тој досега има учествувано на петнаесетина натпревари и турнири на кои што има освоено вкупно 12 медали и 1 пехар, како и многу дипломи и пофалници.
Како еден од најдобрите млади кумановски шахисти во категоријата до 8 години во наредните две недели, поточно од 14 до 17 ноември, Јован со уште тројца шахисти од Македонија, предводени од селекторот Зоран Илиќ (инаку наш сограѓанин) ќе учествува на Светското младинско шаховско првенство за шахисти од 8, 10 и 12 годишна возраст, кое што ќе се одржи во Италија, во Монтесилвано, оддалечено тринаесетина километри од градот Пескара.
Инаку, на ова младинско светско шаховско првенство ќе учествуваат над 700 млади шахисти и шахистки на возраст од 8 до 12 години, од вкупно 80 држави од целиот свет, и тоа за нашите млади македонски шахисти ќе претставува голема можност и шанса да си ги одмерат силите со најдобрите млади шахисти од целиот свет, а секако за нив најголем бенефит од учеството ќе биде стекнувањето на големо меѓународно шаховско искуство, што е неопходно во кариерата на сите млади и талентирани шахисти.
Што се однесува до нашиот млад и надежен шахист, Јован Јовановски, тој е ученик во 2а одделение, во општинското основно училиште “Христијан Карпош”, каде што е и добар ученик, а освен шахот, од останатите спортови тој е голем вљубеник и во фудбалот, а од најголемите светски фудбалски клубови засега е голем навивач на шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид.
Т.Д.