Почетна СТЕТОСКОП Што јадеме и што нас нè јаде?

Што јадеме и што нас нè јаде?

Емоции, популарна тема во денешно време, особено меѓу помладите, но насочена кон тоа како да сме среќни, како да се достигнат само пријатните чувства, се даваат инстант совети на социјалните мрежи за достигнување на лична среќа. Ама што правиме со непријатните и негативни емоции? Постојат ли инстант совети како да бидеме тажни и во ред со својата тага? Колку често посветуваме внимание на тоа како и што со нашата лутина, разочараност, завист, љубомора? Дали денешниот начин на живот и денешното опркужување е посветено доволно и на непријатните емоции? Или за нив нема доволно време? Колку негативните емоции се општествено прифатени? Колку е дозволено да се биде лут/а, нервозен/а, разочаран/а, исплаше/а, зарсамен/а, без да се биде осуден?

Она што е важно да се истакне е дека емоциите се составен дел на секој од нас, и пријатните и помалку пријатните. И во ред е да не сме во ред.

Во ред е да сме тажни, разочарани, лути. Точно е, негативните емоции често исцрпуваат, не ретко деконцентрираат, но тие се подеднакво важни како и позитивните.

За жал, брзото темпо на живот го одвојува човекот од себе, од контактот со себе и сè помалку е во можност да ги следи своите потреби и своите емоции, насочен е кон исполнување на надворешни цели што не секогаш се во согласност со неговите потреби.  Особено е потешко  следењето на негативните емоции што се јавуваат кај нас. Се однесуваме како да немаме време за нив. Сè друго е поважно.

Luxury Catering Service

Но, што предизвикуваат емоциите? Како влијаат на нас?

Од најрана возраст учиме дека при срам ни се вцрвуваат образите, при страв ни трепери телото и срцето. Што укажува на тоа дека емоциите предизвикуваат телесни реакции.  Доколку ги занемаруваме и потиснуваме, не ги изразуваме соодветно и навремено, можат да бидат штетни за нас, предизвикувајќи физички симптоми, дури и физичка болест. Ваквиот тип на симптоми и болести спаѓаат во групата на психосоматски заболувања.

Но, како од негативни емоции до психосоматика?

Подолготрајниот стрес предизвикан од негативни емоции и негативни настани ги активира хормоните на стрес во нашиот организам, создавајќи мускулна спремност за реакција и, кога емоцијата не се изразува соодветно, енергијата се пренасочува кон внатрешните органи и органот се привикнува на работа под “притисок”, односно се навикнува на новонастанатата состојба. Секоја потисната и несоодветно изразена емоција наоѓа начин да “излезе ” од нас, користејќи го нашето тело.

Како?

  • Потиснат страв предизвикува срцебиење и  болки во стомак.
  • Потисната лутина предизвикува исто така стомачни тегоби.
  • Потиснатата тага се манифестира како бол во градите, чувство на стегање околу срцето.
  • Потиснување на емоции и насочување на решавање на мисловно ниво доаѓа до притисок во главата и главоболки.
  • Чувство на кнедла во грло и стегање во грло е проголтана тага, лутина.
  • Потиснувањето на емоциите создава и мускулна напнатост, предизвикувајќи болки во рамена, врат и грб.
  • Потиснувањето, воздржувањето од изразување на емоциите може да предизвика и посериозни состојби како коронарна болест, чир на желудник, што во психосоматиката се поврзува со потиснат страв, но и преокупираност од одржување на добри односи со сите.
  • Дисфункција на тироидната жлезда може психолошки да биде предизвикана од прекумерна љубомора и завист.
  • Болестите на жолчното кесе се поврзани со присилна воздржаност од импулсивни реакции.
  • Кожни болести, од најлесни до псоријаза и алопеција, се поврзуваат со гнев, бес и вознемиреност.
  • Респираторни заболувања, како астма, се поврзуваат со страв од напуштање и неприфаќање.
  • Ендокриниот систем страда поради интензивен стрес или загуба во која личноста останала заглавена при чувства на вина или срам.
  • Малигните заболувања или нивно забрзано ширење се често поврзувани со стресот и воздржување од изразување на емоции, бидејќи потиснувањето на емоциите го потиснува имунолошкиот систем.

Со други зборови,  ако ние не знаеме да кажеме стоп, нашето тело кажува наместо нас. Кога емоциите се затрупани, телото говори. Ако не сме во согласност со нашите потреби и емоционални состојби, телото ќе реагира со симптом или болест.  Зошто? Затоа што полесно се препознава физичката болка од емоционална. И полесно ќе побараме лекарска помош за болка во гради или стомак отколку да побараме помош за тага, лутина, гнев.

Пред телото да проговори гласно , важно е да се препознаат и негативните емоции, и внатрешни емоционални состојби, како и личните потреби. Бидејќи е тешко да се препознае дека сме склони кон психосоматика, која е научен начин на одговор на стресни ситуации, особено во рана возраст, психотерапијата има важна улога во превентива и лекување на психосоматските потешкотии.

На крај на денот не е важно само што јадеме, туку и што нас нè јаде!

 

М-р Сања Јовановска,

Лиценциран психолог

Семеен и системски психотерапевт под супервизија

ОЛИ Советник