Нашата Марина создава дела што се саморефлексија, а кои се нуркаат во потребата за усогласување на пребрзиот животен ритам со современото битисување. Освојувањето на наградата „Боро Митриќески“ меѓу етаблирани уметници е уште едно нејзино извонредно достигнување. „3Д Остаток“ е ремек дело преку кое оваа наша врвна уметничка го поставува прашањето: дали на кој било поинаков начин можеме да делуваме индивидуално во менување на колективното живеење или преживување.
Плоштад: Го истражувавте концептот на празнина во волумен – длабока тема. Можете ли да споделите што Ве инспирираше да истражувате на оваа специфична тема, и како таа резонира со Вашата поширока уметничка филозофија?
Концептот на празнина и празниот волумен го започнав уште во мојот дипломски труд 2000 год, а воедно го истражував и беше видлив во мојот магистерски труд под менторство на проф. Станко Павлески, во 2005 година. Не случајно и низ наредните мои изложби како и сега, се надоврзуваат овие ликовни проблеми, неминовно поврзувајќи ги преку личното со колективното доживување како рефлексија од брзиот ритам, последично на глобалното живеење. Со самото ограничување на текот на човековата природа, со соочување на самите со себе во еден затворен простор, во секаква смисла на зборот, и затворање на самите себе, со одземање на своевидните индивидуални можности и карактеристики и сведување на животот на елементарно ниво, неминовно е да се размислува исклучиво на егзистенцијално-биолошките потреби. Токму овие моменти ме насочија да размислувам и создавам дела кои се саморефлексија, гледање во себе и воедно рефлексија од околината, од потребата за усогласување со животниот брз ритам што го носи современиот начин на живот, односно да се биде дел од трката по материјалниот престиж, премногу давање значење на материјалните вредности, притоа губејќи се себе во таа трка, губејќи го чувството за елементарната потреба на човековата природа, а создавајќи празнина одвнатре. Со тоа што и длабоко поврзувајќи се со филозофските теми за човечкиот живот и постоењето – односот микро и макрокосмос, за енергијата на невидливото, космичката поврзаност, односно незначајноста на материјалната форма во отсуство на духовната „форма“ , што би значело моќ на невидливата форма, односно празниот волумен.
Плоштад: Вашиот тродимензионален остаток има динамична природа. Како ја замислувате интеракцијата помеѓу променливата форма на скулптурата и перцепцијата на гледачот за просторот и празнината?
Не само делото „3D ОСТАТОК“ туку и останатите дела од изложбата од 2022 г., насловена „ПРАЗНИ НЕ(Д)ОСТАТОЦИ“, се конципирани на релјефно и тродимензионално ниво и меѓусебно групирање и поврзување на ниво на инсталации преку организирање на ѕид, во аглите, вклучувајќи го и самиот простор и поставување во простор на ниво на тродимензионални геометриски форми, како коцка, квадар, призма и сл., со варијанти на повторување и групирање во композициски целини од по две, три и повеќе фигури како симбол на индивидуата во општото колективно преживување, во исто време самоизолирање во одредена затворена форма. Врз самиот празен волумен, доработката е со перфорирање за да помине силиконска обезбоена трака на ниво на линии по форма, што создаваат сенки и илузија на тродимензионалност, и истите се вкрстуваат по паралелни страни или заоблени тродимензионални форми.
Воедно и аглите и ѕидовите во просторот се „пришивани или сошивани“ со истите силиконски траки, навидум невидливи, кои создаваат затворен простор во веќе затворениот простор и можност за интерактивност со публиката, влегување во тој „ограничен затворен“ простор со клаустрофобично чувство на себезатворање. Истовремено, чувството и доживувањето се поттикнати со поставување на огледални форми на ѕид, кои го дефинираат тој затворен простор, а воедно и реципиентот е дел од саморефлектирањето и композицијата создадена за да отвори прашање и размислување кај истиот.
Плоштад: Освојувањето на наградата „Боро Митриќески“ меѓу етаблирани уметници е извонредно достигнување. Како ова признание влијаеше на Вашата перспектива за Вашата работа и дали има некои посебни моменти од процесот на создавањето на ова дело што се издвојуваат?
На наградниот конкурс „Современа скулптура“ во организација на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија), најпрвин насловот ми беше предизвик за да го изложам делото „3D ОСТАТОК“, бидејќи самото дело припаѓа на современа скулптура. Воедно ја добив и наградата „Боро Митриќески“, која особено ми значи бидејќи е доделена од уметничкиот Совет на ДЛУМ, односно од фелата. Воедно како скулптор навистина во овој момент ми значи, бидејќи скулптурата е една од поспецифични ликовни дисциплини, помалку присутна на изложбите, особено современата скулптура. Токму ова признание, ме поттикнува многу повеќе да размислувам и веќе работам на нови идеи и реализации, а сепак да се остане во свој автентичен израз со примеси на современоста.
Не само во ова дело, туку и во останатите што ги споменав, кои се насловени: „3Д ОСТАТОК“, „Мрежест идентитет“, „Биоритам низ празното“, „Кардиовез“, „Остатоци или недостатоци“, како и делото „(НЕ)ВИДЛИВ РИТАМ“ – сите се тродимензионални на ниво на релјеф или скулптура; истите додека ги работев, го планирав и делот за транспортирање на делото, значи сите се „пакувачки“ и „патувачки“, во смисла дека формите се расчленети на повеќе делови и истите се поставувааат и инсталираат соодветно на просторот во кој се наоѓаат. Тоа е една значајна карактеристика на современите дела, со можноста скулпторските дела полесно да се транспортираат и да бидат поставени надвор од границите на нашата држава.
Плоштад: Вашата работа ги предизвикува гледачите да се вклучат со апстрактни идеи како отсуство и празнина. Како мислите дека концептот на „празнина“ им зборува на луѓето денес, и кои реакции најмногу Ве изненадија од оние кои доживеаја „3Д остаток“?
Токму тие празни остатоци или недостатоци, празен волумен, илузија на тродимензионален простор, се само мал дел од приказната која сите ја преживуваме, во исчекување на подобро утре. Дали во тоа исчекување свесно или несвесно сме сведени на оставање ништо, празно или празни остатоци од недостатоците на моменталното живеење – токму тој порив ме поттикнува моите остатоци од овој период да бидат поинакви и да отвораат прашања кај публиката, дали на кој било поинаков начин можеме да делуваме индивидуално во менување на колективното живеење или преживување, во мојот случај преку „3Д ОСТАТОК“. Саморефлексијата или огледувањето во делото ја поттикнува и дозата на нарцисоидноста, но воедно и други прашања кај индивидуата. Воедно и забележителна беше реакцијата од големината на празниот волумен кој беше доминантен во однос на материјалната форма. Токму тука се види односот и значењето на невидливиот волумен што, всушност, ја игра главната и доминантна улога, така што покрај делото и јас се чувствувам многу „мала“. Односно токму тој момент на дематеријализирање на формата, користејќи ги муслинските црни траки на ниво на линии помеѓу темињата на квадратните огледални форми на подот и на плафонскиот дел од просторот, дава чувство дека големината продолжува бесконечно, а со тоа и празниот волумен добива грандиозност, како што е и нашиот однос со универзумот.
Плоштад: Уметничко просторните инсталации често вклучуваат сложени интеракции со нивната околина. Како им пристапивте на еколошките аспекти на ова дело, и со какви предизвици или откритија наидовте при извршувањето на еден ваков голем, променлив проект?
И претходно споменав дека не само ова дело, и претходните мои изложби, и покрај тоа што делата се тродимензионални, имав можност во два наврата да ги реализирам како самостојни изложби, во Њујорк 2017 и 2023г. и во Истанбул 2022г., транспортрајќи ги со мене како личен багаж, а тоа е најтешкиот дел кога станува збор за тродимензионални дела. Често користам неконвенционални материјали, користам лесни, а сепак цврсти материјали, како што е форексот; во оваа скулптура се користени огледални картони, текстилни траки и сл. Јас барам, анализирам и создавам секогаш нови идеи, и секако материјали што имаат сосема друга функција, а јас ги вклучувам во моите дела, и тогаш добиваат сосема поинаков изглед и значење. Секако, еколошкиот момент е многу важен и актуелен во уметноста денес, бидејќи со самото дематеријализирање на формата, апсолутно е вклучен и еко-моментот, пак се враќаме на моментот на доминантноста на материјалното, токму од тука е и мојата потреба да ги дематеријализирам делата , да го вклучувам просторот и светлото како значајни елементи, насушната потреба од ресоздавање или реобнова на универзумот.
Плоштад: Би можеле ли да ја опишете Марина Абрамович со три збора, без да ги употребите „ексцентрично“, „еклектично“ и „екстравагантно“?
Искрена, пожртвувана и автентична во однос на уметноста.
Р.П.