Почетна АНАЛИЗИ Прирачник за уништување на медиуми

Прирачник за уништување на медиуми

Младите бегаат од новинарство

 

При овогодинешните уписи на нови бруцоши, само шест млади луѓе покажале интерес да студираат новинарство, односно на таа насока на Правниот факултет во Скопје се запишале толкав број студенти. Само шест!!! И тоа не е исклучок, туку процес што трае подолго од една деценија. Некогаш бројката на кандидати се движеше меѓу 100 и 150 секоја година, за да падне на околу десет, па еве да се дојде до шест.

Luxury Catering Service

Кои се причините за ваквата состојба? Професорката на катедрата за новинарство, Јасна Бачовска Недиќ, неодамна наведе неколку: притисокот врз кој се изложени новинарите, имиџот на некои новинари, ниските плати, лошото синдикално организирање, поврзувањето на некои криминални имиња со новинарството…

Не велам дека ова што го вели професорката не е точно, но од моето тридецениско искуство, работејќи најдиректно во или околу новинарството, мислам (всушност, тврдам) дека има барем една поголема причина. Тоа е уништувањето, згаснувањето, па и насилното затворање на медиумите, што и оние кои останаа максимално ги маргинализираше. Ако нема големи брендови, што ќе бидат некој вид светлечки реклами за професијата, нејзината главна атракција, не може да се очекува ништо друго освен намалување на интересот за целата новинарска професија. Замислете одеднаш да ги снема Реал, Барса, Сити, Ливерпул, Баерн, Јувентус…, а нивното место да го заземат Фортуна Дизелдорф, Плимут, Спортинг од Хихон, Чезена и слични фудбалски клубови со својот сегашен играчки состав. Колкав би бил интересот за Лигата на шампоните и за националните првенства на овие земји, ако не можеме да ги гледаме Килијан Мбапе, Винисиус Јуниор, Ерлинг Хааланд, Ламин Јамал, Кевин де Брујне…? Тоа веројатно ќе води до откажување на телевизиите од бројните преноси што сега ги имаме, и тогаш колку млади таленти би сонувале да станат како наведените ѕвезди и да влезат во тие клубови? Така или многу слично е и со новинарството во Македонија кога веќе ги нема Дневник, Утрински, Теа модерна, А1, некогашните Нова Македонија и Вечер. Значи, мојата теза, во кој сум причино убеден, е дека младите не одат на новинарство, пред сѐ затоа што не можат да се видат себеси во некоја голема, реномирана медиумска куќа.

Кој е виновникот за ваквата состојба? Сметам дека можам на таа тема да кажам некој релевантен збор, од проста причина што мојата новинарска кариера целосно се совпаѓа со менувањето на политичкиот систем во Македонија, поточно приватизирањето на медиумите и појавата на приватни медиуми. Бидејќи од 1990 г. работев и во мали редакции, и во големи новинарски куќи, и во такви кои неодамна почнале, и во некои што се мастодонти, можев одблиску да ги видам сите фази на успех и на тонење, од почетоци полни со ентузујазам и љубов кон работата, до декаденција, што неминовно води кон пропаст.

Во некои редакции на тогаш големата НИП „Нова Македонија“, видов што значи вистинско новинарство, особено тоа дека утре мора да излезе весникот, без оглед дали денеска ние сме болни, нерасположени или ни откажал соговорникот во последен момент. Запознав вистински бардови на професијата од кои го учев занаетот, а и многу работи за животот (вклучувајќи и такви што не треба да се прават). За млад човек, кој со диплома од друг факултет влезе во таа средина, тоа беше пресудно да го поминам речиси целиот работен век во новинарството (малку подолу ќе напишам нешто и за тоа: новинар со друг факултет).

Но, во НИП го видов и она што го нарекувам декаденција: злопупотреба на уредничките позиции за лично профитирање преку маркетингот, особено во времето кога половината од некои весници беа исполнети со реклами, давањето плата „на ливче“ и „на рака“, првото регуларно, со платени придонеси, а второто – на црно, вработувањето со врски, користењето за приватни потреби на ресурси од Куќата итн.

Во „Дневник“ видов што значи да не се прашува за работно време, туку секој да е посветен на редакцијата практично цел ден. Да работиш во субстандардни услови, каде често мора да ги пишуваш текстовите на рака, бидејќи нема доволно компјутери, за кога конечно ќе се ослободи некој, само да го пречукаш текстот за да завршиш побргу. А сепак, секој ден да одиш со радост на работа. Таа сплотеност на тимот беше еден од клучните фактори за големиот успех што го постигна весникот.

Но, со успехот дојде и декаденцијата. Многу помала отколку таа во НИП, но доволно голема да не биде веќе истото. Тоа најдобро го илустрираше мојот најдраг човек во таа редакција, денес за жал покоен, Владо Богоев, кој кога му правев интервју по повод некој од јубилеите на „Дневник“, ми изјави во својот секогаш отворен и луциден стил: „Кога паричките ни заѕвецкаа во џебот, веќе не бевме истите“. Јас не ги знаев сите детали (за некои слушав подоцна), но чувствував дека не е како што беше. Затоа заминав. Кога си одев неколку колеги ми пријдоа: „И јас би, да имам каде“. Околу две години подоцна, кога се формираше редакцијата на „Време“, дваесетина луѓе од „Дневник“ заминаа таму. Значи, чувството дека веќе не е како што беше не било само мое.

Слични се искуствата со „Теа модерна“. Дојдов додека уште ги правеше првите мали пробиви на пазарот, не прашувавме за работно време и што треба да се направи за интересот на списанието, и со таа вредна работа на вработените, и со умешното менаџирање на сопственикот, се постигна голем успех. Но, во еден момент повторно бев сведок на ставање на личните интереси пред заедничките, и реков: „Учестував во градењето на ова списание, не сакам да учествувам и во неговото разградување. Збогум“. Набрзо потоа декаденцијата стана целосно отворена и директна и доведе до исчезнување и на овој, во своите златни години, многу значаен новински бренд.

Примерите што ги наведов зборуваат за вината на луѓето во самите редакции, не толку на новинарите, колку на газдите, директорите и управниците. Убеден сум дека добар дел од големите весници ќе постоеја и денес, доколку некој таму не реши да ги продаде. За добра цена, се разбира. Сосема легитимно, нешто што е твое може да го чуваш или да го продадеш, но конечниот резултат од постапката е – губење засекогаш на она за што се работело со многу љубов и посветеност од голем број луѓе.

Секако, не е ни политиката без вина. Напротив. Таа му го нанесе на новинарството вториот клучен удар. Хронолошки, тоа изгледа вака, од мојата перцепција. Во самостојноста на Македонија влеговме со прилично угледни и реномирани медиумски куќи. Не и финансиски богати, но тогаш тоа не пречеше политичарите сериозно да се плашат од она што ќе биде напишано во весниците или кажано на телевизијата, односно радиото.Така одеше до крајот на 90-тите. Првата сериозна промена се случи со Владата на Љубчо Георгиевски. Тој подоцна повеќе пати ќе праша: „Кога имало поголема слобода за новинарите отколку во моето време?“, и тоа технички може да биде вистина. Но, суштински – не баш. Политиката на Георгиевски кон медиумите може да се сведе во реченицата: „Пишувајте слободно што сакате, ама нема да промените ништо“. Можевме да пишуваме што сакаме, но тоа беше во најголемата мерка игнорирано од власта. И од тогаш тој процес трае до денес. СДСМ не го прекина, туку тивко го прифати, веројатно сфаќајќи дека е многу полесно така кога си владеачка партија, а Никола Груевски го НАДГРАДИ до директно и насилно затворање на „А1“ телевизија, и до постапно, но прилично брзо уништување на МПМ, односно најтиражните дневни весници и неделни списанија.

Има уште многу работи што може да се кажат за уништувањето на медиумите и за неуспехот да се изгради барем еден сличен на споменатите, по нивното згаснување, за што сега поголема вина носат новинарите, поточно нивната (нашата) суетност и неорганизираност, но јас само сакав да кажам дека ако некој навистина е загрижен што на студиите по новинарство се запишале само шест студенти, треба да размислува за повторно создавање големи брендови. Без тоа нема вистинско решавање на овој проблем, а без професионални медиуми, нема ни нормално, демократско општество.

 

Миодраг Мишолиќ

 

П.С. А, што се однесува до тоа, дали може да бидеш новинар ако не си завршил факултет за новинарство, го имам следново мислење. Постојат професии за кои МОРА да се помине формално факултетско образование. Не може да лечите луѓе ако не сте завршиле медицина, не може да градите мостови, тунели, патишта, брани, згради и други објекти ако не сте завршиле архитектура, не може да работите на важни позиции во електрични централи ако не сте електроинженер, не може да работите со лекови ако не сте фармацевт итн. Новинарството, како и режијата или другите уметности, на пример, не спаѓа во таа категорија. Во мојата прилично долга новинарска и уредничка кариера сум среќавал одлични новинари со таа диплома, но и катастрофално лоши. Знам за два случаи на луѓе со брилијантна новинарска кариера, кои воопшто немаат факултет, никаков. Имам слушнато дека еден од најголемите новинари, колумнисти и филмски критичари во поранешна Југославија, Богдан Тирнаниќ, немал ни средно школо.

Ова не го пишувам за да кажам дека не е е голем проблем што толку мал број студенти се запишани за студиите по новинарство. Напротив, тоа е голем проблем. Но, уште поголем е што медиумите се уништени, а не се појавуваат нови како нивна замена.