Господине Стојмановски, до нашата редакција пристигнаа поплаки од жителите на улицата „Васко Карангелески“, што се однесуваат на добиени високи сметки за надомест на вода (од 6.000 до над 10.000 денари), а за кои тие сметаат дека се како резултат на непрочитана состојба на нивните водомери од август годинава со тоа што во меѓувреме некои од водомерите „прснале“, а за тоа тие не биле известени. Нивната реакција е природна во овие услови, а како последица на тоа, од Вас се бара вистинскиот одговор и решавање на овој проблем.
Оливер Стојмановски, директор на ЈП „Водовод“ – Куманово:
„Поради нередовно читање на водомери од страна на читач задолжен за Реон 9, во кој спаѓа улицата „Васко Карангелески“, целиот реон беше прочитан од страна на Оперативен контролен центар, при што е направено порамнување и сметките за месец октомври се фактурирани според реална состојба на водомерите. На корисниците кај кои се фактурирани поголеми разлики во сметките за октомври, сметките за претходните три-четири месеци се значително помали или воопшто се немаат фактурирано за одреден месец.
Сите корисници кои имаат добиено повисоки сметки можат да ги платат во наплатните центри на ЈП „Водовод“ Куманово, во наредните 11 месеци во месечен износ кој тие сами ќе го определат, без какви било дополнителни трошоци.
За вработениот кој несовесно ја извршуваше својата работна обврска е поведена дисциплинска постапка согласно закон.
Во случаи кога доаѓа до пукање на тело на водомер, корисникот согласно законските прописи, сам ги сноси трошоците за купување на нов водомер и евентуално истечената количина на вода“.
Р.П.