Многуте миграциони движења, што го зафатиле кумановскиот крај во почетокот на XIX век и што воглавном биле насочени кон градот Куманово, довеле до зголемување на бројот на населението, до просторното уредување на градот и оформување на неговите улици, плоштади и сл. Всушност, во XIX век се пробиени и трасирани главните улици во Куманово, од кој најголем број постојат и денес.
Во тој период биле трасирани: Нагоричкиот, Проевскиот, Велешкиот, Романовскиот сокак итн.
Движејќи се по тие сокаци, ние кумановчаните, забележуваме објекти со интересна градска архитектура, на стари градски семејства, од нив некои оставени на забот на времето, со одронат малтер и видливи гитерки, а некои реновирани со нова фасада, на кои им е уништен стариот дух. Некои стојат исти и денеска, со духот од дваесеттите и триесеттите години на минатиот век.
И во денешно време, за некои сокаци, сè уште се користат старите називи, како за Нагоричкиот, Проевскиот сокак, но многу ретко велиме „Велешки сокак“.
Денеска како серијал и продолжение за старите сокаци во Куманово, должни сме пред читателите на „Плоштад“ да ја раскажеме историјата на поранешниот Велешки сокак, уште нарекуван и Велешко маало во Куманово.
Кој е тогаш Велешки сокак или Велешко маало?
Според А. Урошевиќ (1949), Велешкото маало настанало во периодот меѓу 1884 и 1912 година.
Според (П. Трајковски, 1997), Велешката маала го добила името по велешките трговци кои, по долината на Вардар и Пчиња, низ Којнарињата, Студена Бара и Краста, доаѓале во Куманово за да ги продаваат своите производи.
Велешкиот сокак, денешна ул. „Народна револуција“, им бил најкусиот пат до центарот на градот – Тумба. Тие во Куманово најпрвин донесувале и продавале грнчарски производи, потоа ќурчиски изработки, а подоцна ракија, вино, оцет и други алкохолни пијалоци. Носеле и ран зеленчук, шеќерџиски производи – алва, варен шеќер, боза, маџун, пелте (пудинг) и други производи од шеќер.
Во оваа маала меѓу првите се населиле некои башиниселци (велешани) во близина на Тумба, па така започнало нејзиното оформување. Велешкиот сокак бил поширок од другите сокаци во градот. Во минатото, сокакот отпрво не бил калдрмисан, а подоцна кога бил калдрмисан, бил каллив и нечист. Тука врвеле коли, пајтони, орачи со запреги и рала и по некој автомобил. Движењето на минувачите било големо. Во него имало начичкани дуќанчиња, бакалници, крчми, анови, по некој занаетчиски дуќан и млекарници, бидејќи тука се одвивал значаен пазар на стоки и услуги. Овој сокак бил значајна градска артерија со сконцентрирана трговија и дуќани и куќи на стари кумановски семејства.
На овој сокак, во близина на основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, некаде на почетокот на XX век биле градските гробишта, а со ширењето на градот тие се поместиле во правец на денешните. Овој сокак кој во меѓувоениот период бил ул. „Караѓорѓева“ е познат и како Соколанска, по изградбата на Соколскиот дом на истата во 1931 година (Масевски, 2019).
Тука живеел и работел Јордан Атанасов, кој бил еден од поимотните велешани во Куманово. Неговите родители Атанас и Ленка се доселуваат од Башино Село. Јордан Атанасов важел за мошне претприемничка личност со богато трговско искуство. Се занимавал со производство на вино, ракија и трговија на големо, кој секоја година, од Србија набавувал грозје во големи, долги сандаци. Со него работел Трајко Наковски.
Инаку, Јордан Атанасов бил во брак со кумановчанката Гора. Немале пород, така што се грижеле за Динка и Славка, ќерките на покојниот Јорданов брат.
Понатаму, се наоѓала куќата и работилницата на браќата Трајко и Славе, качари, потоа на Петруш Туше – Ташковски, Влав и златар, на Теодос Дилиндарски, првиот фурнаџија и фудбалски судија, чии синови Шарло и Славко биле познати фудбалери. До нив Илија Пчињански имал куќа и ан. Таа зграда постои и сега. Во овој мал и неуреден ан престојувале пазарџии од Пчиња. Понатаму бил влезот за куќата на Ана Пинева.
Кога сме кај Ана Пинева, на некој начин, таа несомнено е дел од нашето минато. Нејзината куќа се наоѓала на Велешкиот сокак. Напред имала голема порта, растурена, без да се затвора, потоа голем двор, а во него куќата. Сега на тоа место има станбена зграда. Била висока, крупна, црвена, со речиси грубо, машко лице, носот ѝ бил голем и необично дебел, личел на пиперка; косата ѝ била секогаш неисчешлана, висела во прамени, носела шамија, немарно забрадена. Нејзината фигура била некако бајата, нездрава, тешко се движела, нишајќи се, поради што се добивал впечаток дека секој момент ќе се струполи на земјата. Секогаш, зиме и лете носела фатирани гаќи, што ѝ биле спуштени под коленици. Таа на својот изглед и облека не придавала никакво значење. Ако некој од граѓаните имал неуредна облека или спуштени панталони, кумановците ќе речеле: „Гледајте га, изгледа како на Ану Пиневу гаќе!“.
Таа живеела сама, била вдовица или стара мома, а имала доста голема куќа. Во неа, пред крајот на XIX век, работело училиште, а учителка била Персида Ангелова од Тетово, подоцна омажена за Георги Малински (П. Трајковски, 1997).
Потоа на сокакот се наоѓала слаткарницата на Тодор Кралевски, па ниските дуќанчиња – бакалница и крчма на Крсто Китанов. До нив пиљарница имал Петар Тасевски – Петруш, а потоа било едно „слепо“’ сокаче во кое се наоѓале куќите на Борис Крстевски – Дремче, Никола Перков и некои други.
На главната улица била крчмата и бакалницата со фурна на семејството на Никола Перков и неговите синови Иван и Пано.
Кога сме кај семејството Перкови, тие на Велешки сокак се доселуваат од Башино село, некаде во 1915 година. Никола Перков за сопруга ја имал Маре и уште два сина Диме и Пеце и ќерките Јорданка и Павлина. Никола Перков бил и сопственик на тогаш познатата Шарлаганџилница за производство на зејтин (шарлаган), еден вид полуиндустриско претпријатие. Никола Перков, со својот најмал син Пеце, живеелe во семејната куќа што се наоѓала во близина на ОУ „Крсте Мисирков“. Семејството Перкови биле сопственици на уште еден бакалски дуќан и кафеана со кои располагал Никола Перков. И двата објекти биле на Велешкиот сокак. Никола Перков починал во 1960 година, додека сопругата Маре во 1965 година (М. Арсовски, 2008).
Потоа се ределе куќите на семејството Серчеви, Андрејко Скеле и Крсто Китанов, па на Чунгурци, Спасо Спасовски – Поте, продавница, крчма и ан на браќата Спиро и Ване Пуцкови. Пуцкови исто така имале и столарска работилница и во неа биле вработени 25 луѓе меѓу кои и Коле Трајковски – Ќуп, Методија Петрушевски – Балчо, Душан Спасовски, Драган Арсовски – Белогрлски, Благој Зафировски – Фртунац, Душко Пуцков, Ване Пуцков и други. Оваа работилница била модерно опремена со машини набавувани од Англија и Америка. За тоа придонес имал Ване Пуцков, кој како печалбар работел во овие земји, добро ја познавал техниката и столарскиот занает, па знаел кои машини да набави.
Пота селедувале куќата на Милан Јовановски – Ж’до, Миндизови, на семејствата Димо Болто и Нацко Аргировски, а преку улицата, продолжувале куќите на Минцикови, на Бошко Думановски, житарски трговец, на Борис Думановски, службеник, Серафин и синот му Стојко Мишеви, столари, Цветко Пешев, бакалин, Геле Виначки, касапин, Стојан Ѓорчев трговец, Димитрија Лазаров, земјоделец, Денко Липковски, мутавџија, Трајко Тасевски, тенекиџија, Славко Масевски, берберин, Серафим Спасовски – Мечка бавчеванџија, Ѓорѓи Кралевски, трговец, Трајко Ковачев, трговец, Стојман Гелевски, шивач, Несторови, Димче Величковски Еребица, столар, Ѓорѓи и Благоја Мишковски, трговци.
Кога сме кај Благоја Мишковски, тој во периодот на Кралството Југославија бил еден од двата современи шпедитери во нашиот град (другиот е Ганчо Барбут). Се занимавал со транспортирање на разновиден материјал на големо и тоа не само во Куманово, туку и во Скопје, Велес, Кратово, Крива Паланка, Врање, Лесковац…Располагал со камион, патничко возило „Форд“ и повеќе шпедитерски коли. Во една од неговите канцеларии се наоѓал индукатор-телефон, меѓу првите во Куманово (М. Арсовски, 2008).
Потоа до нивната куќа се наоѓала шарлаганџилница на семејството Перкови. Во неа, покрај останатите, работел и Копе Станковски, калајџија.
Потоа следувале куќите на фотографот Сифрид Трајковиќ (денешен кафе бар Јард), на фурнаџијата Серафин Михајловски, па на пајтонџиите Зафир и Цветко Режановски и на крајот на Симе, Димчо и Киро Даштеви, трговци. Тука завршувала улицата и градот. На крајот имало напуштени гробишта на чие место подоцна е оформен Горниот парк (соколански). Гробиштата во денешниот соколански парк постоеле до 1914 година, кога биле преместени на денешната локација накај селото Биљановце.
Во велешко маало живееле и старите семејства на Никола Стојков – Пчињски, адвокат, на Кита и Трајко Накови, на Лазо Малечок, бавчеванџија; браќата Отљанци – Стојман и Киро, Санко Милошевски – Шинка, учителот Крсто Божиновиќ, Бацковиќ, Трајко Башчеванџија, Саво, Киро и Пеце Накови (П. Трајковски, 1997).
Треба да го напоменеме и ова: кога во Куманово била одржана првата атлетска трка во историјата на градот, во 1924 година, група младинци трчале од Тумба по Велешкиот сокак до крајните куќи. Тогаш победил Ќира Петковиќ од Романовце, а втор прстигнал Методие Балкански.
На Велешки сокак во 1925 година било изградено тогашното централно основно училиште, а денеска тоа се основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“. Проектот за изградба на ова училиште во Куманово бил изготвен од Министерството за градежништво на Кралството СХС во Белград.
Што се однесува до угостителството на Велешкиот сокак, по евиденцијата на Пододбор на „Удружење на гостиничарски, хотелиерски, кафеџиски, механџиски и свих точиоца пића“ од Куманово, од 1927 година, тогаш на улицата „Караѓорѓева“ (Народна револуција) биле кафеаните: „Призрен“ на Бошко Петрушевиќ, меаната „Пчиња“ на Јосе Илијевиќ, меана на Никола Перковиќ, „Подрум“ – бакалница на Крсто Китановиќ, Спиро Јањевиќ, Цветко Пешиќ, кафеана „Парк“ на Ѓорѓе Милетиќ, па „Подрум“ на Цветко Пешиќ, „Подрум“ бакалница на Спиро Шумановиќ.
Во сите овие угостителски објекти гостите консумирале алкохолни и безалкохолни пијалоци, мезеле разни мезиња и ќебапи, ги задоволувале своите маани преку хазардни игри, барбут и покер, слушајќи народни песни и севдалинки, интерпретирани од пеачки придружувани од музички оркестри.
Секој што ќе поминел на Велешкиот сокак имал можност да се одмори и напие убав чај кај Ванчо Јаневски-Гуска и Перкови. На почетокот на Велешкиот сокак се наоѓала познатата стара чајџилница „Крива Врба“ на Боше кафеџијата, подоцна кафеаната „Авала“ на Перо Петрушевски, познат како Перо Авала.
По Втората светска војна, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улица „Лазар Колишевски„ (Народна Револуција), биле локалите на: Никола Перков, Крсто Китанов Ангеловски, Јордан Сливовски, Јордан Наунчевски, Ванчо Маневски, Љубомир Данев Ничевски (ќебапчија), Димитар Петрушевски (кафе-чајџија).
Од претходното, сметаме дека скромно допринесовме за запознавањето на историјата на Велешкиот сокак, а денеска улицата „Народна Револуција“.
Доколку ви се допадна приреденото, што би кажал секој „јутјубер“: like, share, comment.
Користена литература:
А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.
П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.
Д, Масевски & М. Арсовски – Болто – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.
М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).
Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.
Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник