Со задоволство ви го најавуваме второто издание на „Q Rec Fest“, по повод роденденот на нашата издавачка куќа „Q Records“.
Оваа година на роденденот, фестивалот, ќе настапат две групи и тоа:
TRIGGERED
TRIGGERED е метал бенд од Куманово, основан во јануари 2017 г. Групата е формирана од поранешни членови на Holocaust, Victim Yield, Madara и Edge of Eternity. Моментално работат на материјал со мелодични и дет-треш метал рифови испреплетени со чисти и врескачко-режечки вокали за создавање на навидум хаотични, но суштински прецизни песни. Бендот зад себе има неколку настапи меѓу кои “Востание”, “Лузер Фест” (победници од жири) и локални концерти. Во TRIGGERED членуваат: – Дарко Симоновски (гитара) – Мирослав Денковски (бас) – Филип Каранику (гитара) – Анџело Мацура (тапани) – Иван Алексиќ (вокал).
ВЕЛ
Така е со ВЕЛОТ, врзан од други догми. Ќе биде малку надесно, место да е малку лев, преправ за да не биде крив. И нема да пропушти ни суд, ни страв, ни страст, само те прекрива со црни мисли и со „црвена јад“. ВЕЛ е музичка група од Битола, која вешто се поигрува со најразлични, современи музички правци, создавајќи притоа музика со модерен и софистициран звук. Групата е формирана во 2019 г. ЦРНИЛО е нивниот деби-албум. Снимен е во битолското студио ОМНИ и на него се наоѓаат десет авторски нумери, кои доволно говорат за јасните музички перцепции и смели текстуални идеи на Вел Бенд.
Во ВЕЛ членуваат: – Томе Спасовски – бас гитара и глас. Спасовски е дипломиран музичар, професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола. Претходно членувал во групите Контракултура и The Govermment. Објавил поетска збирка „Безнесум“. Автор e на сите текстови на ВЕЛ. Учествувал во низа музички проекти: Historia de un amor, Unplugged Nirvana ’94, Korunovska singing&music, Камерна опера Битола… – Златко Никодиновски – гитара и глас. Никодиновски е движечката сила на ВЕЛ. Претходно членувал во групите Флуор, Небо (Hard to complete), Against Them All (First Born) и The Goverment (Разбуди ме). Никодиновски е графички и мултимедијален дизајнер, одговорен за визуелниот и концепциски изглед на групата ВЕЛ. – Сашо Ристевски – тапани. Претходно членувал во групите Dismay и The Govermment. Ристевски е сопственик на студиото ОМНИ и e човек задолжен за продукција, микс, ремикс и мастеринг на групата ВЕЛ. – Денис Алитовски – клавијатури и глас. Алитовски е дипломиран музичар, професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола. Претходно членувал во групата Jazz Scenario. Познат е по својот ангажман во низа музички проекти: The Opera House, Maria de Buenos Aires (Astor Pizaola)… Со оваа постава, групата ВЕЛ, заедно со Мугер Фугер и Горан Трајковски настапила на фестивалот Таксират 2019, а следната, 2020 г., заедно со овие групи настапила во Битола на фестивалот „Битола отворен град“.
Бојан Коцевски
„Q Records“