Социјалдемократите ја научија лекцијата.
Грешките се нормална работа во политиката. Но, ако од грешките се извлече поука за во иднина, дури можат да бидат и корисни.
Токму тоа му се случи на СДСМ. Научија од своите грешки. Сега ќе гледаме еден нов СДСМ.
На последните избори СДСМ доживеа пораз од епски размери. Тој пораз може да се докаже со бројки, а може да се објасни и со имиња на поедници кои се вградени во тој пораз, не навлегувајќи подлабоко во оваа прилика дали се поразија од незнеање, инертност, недостиг на капацитет за обврските што ги беа презеле на себе или бидејќи „досадисва више и на Бога и на људи“…
Новиот СДСМ се, имено, новите имиња во него. Нова, свежа крв, нови лица, нова енергија.
Според последните информации во новото централно раководство на СДСМ од Куманово влегле сосема нови имиња. Тоа се:
Лидија Тасевска
Таа е новото име на СДСМ, креатор на нови политики. Покрај тоа што е вградена во историскиот пораз на СДСМ и со два мандати пратеник во Собранито на Македенија, таа е сосема ново лице. Дури можам да кажам дека одеше на работа во Собранието, бидејќи некоја поголема активност на собраниската говорница не беше забележана.
Александар Арсиќ
И тој е новото лице на СДСМ, креатор на нови политики. Досега и немал некоја поважна функција, добиена од социјал-демократите, освен што беше член на Советот и Претседател на Совет на општина Куманово, како и претседател на СДСМ, кога неговата партија доживеа дебакл – незабележан во историјата на Македонија. И да не заборавам, беше директор на АД „ГАМА“, како награда од партијата. Само толку. Инаку е потполно ново лице.
Мартин Костовски-Костур
Уште едно ново лице. И тој е без поголемо искуство во политиката и досега немал многу функции во СДСМ и добиени од СДСМ. Освен што беше претседател на СДСМ, пратеник од СДСМ, шеф на изборен штаб на СДСМ, директор на Службен весник на Македонија, претседател на кадровската комисија на СДСМ, десна рака на Зоран Дамјановски-Циц кога беше градоначалник на Куманово. „Још мечке не е водија (за СДСМ)“. Или можеби и таква партиска задача имал, ама не ми јавиле. Инаку е сосема нов во политиката. Исто како и другите двајца.
Тоа се новите имиња. Ќе се сложите со мене. Нови имиња, нова енергија, нов СДСМ.
Со среќа нека ви е другари социјалдемократи. Мили да сте. Ем драги. Ем опозиционерски.
Марјан Славко