Почетна НЕШТО УБАВО Неверојатно пријателство „од збор“ во Куманово

Неверојатно пријателство „од збор“ во Куманово

Наташа, две Билјани, Елена, Габријела, Сања и Моника – толку се засега. Не мора да се само жени во иднина. Што прават еднаш месечно? Ја анализираат книгата што ја прочитале. Каква благородна идеја и тоа во сред Куманово! Се штипнав за ногата кога прв пат ги забележав. Не сонував. Живеев. Среќна што ми се сограѓанки.

Седум жени, кумановки, секоја со уникатен животен пат, ја претворија својата заедничка љубов кон книгите во традиција. Тука е Наташа Атанасовска, независен преведувач, толкувач, чии литературни сознанија често внесуваат неочекувана длабочина во нивните дискусии. Покрај неа обично седи Елена Станковска, хемичар, јога инструктор, згора на тоа алхемичар, со вештина да открива метафори во научните концепти. Потоа, тука се Билјана Атанасовска Илиевска и Моника Маневска, професори по англиски јазик, чија лингвистичка умешност ги премостува културите во приказните што ги читаат. Сања Господиновиќ, лекар од општа пракса, секогаш ги наоѓа човечките релации во литературното творештво, додека псхихологот Габријела Бошков носи клиничка прецизност со која ги сецира книшките ликови и мотиви, а Билјана Николовска, консултант по англиски јазик, ги толкува расплетите на ниво на госпоѓица Марпл.

Еднаш месечно, овие прекрасни жени се собираат, не под маската на некакво тајно друштво или заради изговор за уживање, туку заради големата радост на споделување идеи. Започнува со книга избрана од една од нив – одговорност што ја ротираат. Избраниот наслов мора да предизвика, инспирира или да предизвика мисла. До следниот состанок, читачкиот клуб на седумте кумановки (Клуб Индекс 10, како што ги нареков јас) пристигнува подготвен да истражува во секое поглавје, тргувајќи со толкувања и многу смеа.

Luxury Catering Service

Нивниот клуб нема име, нема детални церемонии, нема хиерархија. Со текот на времето, нивните вечери станаа негувано бегство – место каде приказните предизвикуваат дебати, ги разгоруваат критичките страсти и уште повеќе ги зацврстуваат нивните пријателства.

Ги забележав во „Агора“ неодамна. Додека седеа околу масата, ѕвонењето на шолјите за кафе и шушкањето на страниците се спојуваа на чудесен начин со нивните речиси анимирани гласови. Си реков, ова мора да се последните волшебни еднорози кои во кумановската прерија нашле оригинален начин да поминат квалитетно време што е освежувачки едноставно да се пронајде доколку целта е возвишена, а се вика книга. Питер Бигл би бил инспириран од нив, дефинитивно. Да не зборувам пак за Фредрик Бакман. Тој би ја направил најшармантната новела од нивните разговори за неговите вознемирени луѓе или за жителите на Мечковград.

Плоштад: Женски книжевен клуб, звучи како тајно друштво. Како повод за дружба. Како заговорнички литературен штаб. Звучи нестварно. Дали вие навистина постоите како група на жени кои си поставуваат за задача да прочитаат иста книга и после тоа да се состанете и да си раскажете како сте ја доживеале?

Наташа: Да, се сретнуваме секој месец веќе 13 години. Само едно појаснување, ние не планиравме да направиме женски книжевен клуб, каневме и неколкумина машки читачи, ама или им беше преголема оваа обврска или преголем предизвик да ни се приклучат, па така на крајот останавме само жени. Последниве две години почнавме да каниме и македонски автори на нашите средби и досега ја имавме честа да не дружи „легендарната“ Јагода Михајловска Георгиева, „младиот феномен“ Симона Јованоска и нашите талентирани кумановски автори: Оливера Ќорвезироска, Петар Андоновски и Ана Аврамова. За следниот месец планираме и средба со „доајенот на македонската литература“, Влада Урошевиќ.

Плоштад: За членот со најнефлексибилно работно време: Читањето на книги опушта, но после долг ден со нив и многу бргу се заспива. Што Ве мотивира да останете во чекор со клубот и како искуството да разговарате за нив за време на вечерата влијае на Вашата секојдневна рутина?

Наташа: Не знам дали моето работно време е најнефлексибилно, но е најдолго бидејќи сум независен преведувач и скоро секој ден работам од 10-12 часа, а мојот одговор е дека се наоѓа време за книги ако ги отфрлите турските, шпанските и дури и ХБО сериите и реалните шоуа и ако не се ѕверите со саати на социјалните медиуми. Два часа читање секоја вечер пред спиење е лек за секојдневните нервози, освежувач за мозокот и „ментален Дијазепам“. 😊Читањето книги ми ја развива креативноста и општото знаење што игра клучна улога во мојата работа како преведувач и толкувач на најразлични тематики.

Плоштад (до најмладиот член на клубот): На многу луѓе на ваша возраст им е тешко да „најдат време“ за читање на книги. Како овие дискусии во клубот го обликуваа Вашето гледиште за добра организација на времето?

Моника: На клубот се приклучив малку подоцна, ама упорна сум да ги прочитам и книгите што сум ги пропуштила. Благодарение на идејата на сестра ми Катерина да се создаде ваков клуб, благодарение на упорноста и исполнителноста на членовите што се од почеток во клубот, како и благодарение на организациските способности на Наташа, нашиот CEO, како што си ја нарекуваме, клубот постои веќе 13 години. Сите сме различни по карактер и темперамент, по професија, но сепак различноста нѐ зближува и збогатува. Интересно е кога ќе прочиташ книга по предлог на некоја членка, која можеби не би била твојот прв избор, а сепак многу ќе ти се допадне. Иако имаме различни вкусови, сепак за некои книги сите се сложуваме дека се убави. Читам секогаш кога ќе најдам време во текот на денот, а кога ќе ми се стесни рокот, ги потиснувам обврските за да ја прочитам книгата што ни е на ред за тој месец. Најчесто читам „хард копи“, немам киндл, ама некои ги читам и на компјутер. Морам да го пофалам работењето на нашата библиотека во Куманово, од кадешто најчесто ги позајмуваме и ги наоѓаме книгите.

Плоштад (до членот со најкреативна професија): Дали Вашата професија го обликува начинот на кој ги толкувате книгите што ги читате и дали имало моменти кога дискусиите на клубот Ви отвориле нови креативни насоки или сознанија?

Наташа: Дискусиите во читачкиот клуб секогаш отвараат нови перспективи, бидејќи сите членки поинаку ги доживуваат истите книги, така што интересно е да се чуе различно, па дури и спротивставено мислење за исти теми. Вака стануваме пофлексибилни и поотворени личности кои сфаќаат дека не секогаш има само едно решение и не секогаш само еден човек е во право. Токму заради тоа остануваме ведри и секогаш насмеани во овој наш ужасно здодевен и униформиран град. Кога сме кај униформираност, не читаме љубовни романчиња, „бест селери“ и плитки книги за самопомош, туку се трудиме да ги опфатиме најкреативните автори од сите земји на светот. Покрај европски, американски и англиски автори, читаме и многу азиски, африкански и јужноамерикански автори, па дури успеавме и од Австралија да најдеме многу добар автор и многу поучна книга.

Плоштад (до членот кој е невработен/домаќинка): Како учеството во овој клуб влијаеше на Вашите лични односи или семеен живот, и дали има лекции од книгите или дискусиите што секогаш ги споделувате со Вашите најблиски?

Наташа: Бидејќи јас работам од дома, мислам дека ова прашање се однесува и на мене. Моите дома се горди на мене што успевам покрај сите домашни и деловни обврски секогаш да ја прочитам книгата за наредниот месец и да ги организирам и останатите членки. Секогаш им препорачувам на ќерка ми и на маж ми која книга да ја прочитаат оти највероватно и ним би им се допаднала според тематиката која ја сакаат бидејќи и тие двајцата, особено ќерка ми, се ревносни читатели.

Плоштад (до сите): Читате ли на киндл или претпочитате „хард копи“ книги и дали се менувате во изборот на насловите и предлозите? Гласате ли? Ги оговарате ли тие што не успеале да ја дочитаат книгата и не се појавиле на состанокот? Ако вашите деца ве гледаат со книга во раце постојано, значи ли тоа дека и тие ќе бидат читатели? Дозволете редакцијата на Плоштад да му даде име на вашиот клуб…впрочем, вие сте и наши читатели, може ли да претпоставите како ќе ве наречеме?

Наташа: Читателките кои добро го владеат англискиот јазик, ги читаат книгите во оригинал на „Кинд’л“, но кога е достапен превод на македонски јазик или кога има копија од оригиналот во градската библиотека или во книжарниците, секако дека сите ја претпочитаме традиционалната, печатена форма на книгите. Моите деца цел живот ме гледаат со книга в рака, но син ми љубовта кон книгите која му постоеше во детството ја замени со видео игрите и физиката, а ќерка ми продолжи да чита и понекогаш и таа ми препорачува некоја интересна книга за читачкиот клуб.

Не гласаме, туку секој месец по една од нас предлага книга. Започнуваме со најстарите членови на читачкиот клуб до најновите и потоа пак ротираме од почеток. Најчесто и тие што не успеале да ја прочитаат книгата до крај доаѓаат на состаноците за да ги чујат нашите коментари, а не ги озборуваме туку директно им укажуваме да бидат поодговорни следниот пат. Јас, како неофицијалниот „генерален директор“ на читачкиот клуб сум задолжена да ги закажувам состаноците за наредниот месец, да ги организирам средбите со локалните автори, да ги потсетувам членките на нашата ФБ група да забрзаат со читањето или да ги консултирам дали треба да одложиме за 1 недела или максимум 2 недели ако имале повеќе обврски тој месец, па не успеале да ја прочитаат книгата до крај. Флексибилни сме, но и организирани бидејќи мора да има некој кој ќе ги држи конците. Во спротивно читачкиот клуб не би опстанал толку години.

Билјана А. : Нашите средби се пред сѐ едно интересно дружење, можност да се видиме, да се насмееме и често низ разговорите за книгата го надоврзуваме нашиот живот. Низ годиниве добро се запознавме, се зближивме, и покрај различните вкусови за книжевни жанрови, без поговор ги прифаќаме сите предлози. Иако постојат разлики во години не е значајна. За жал во моментов немаме некој многу млад член. Од друга страна, покрај сличната возраст за многу аспекти од животот имаме спротивставени ставови и како што тие се провејуваат низ книгите, така се продлабочуваат нашите дискусии во кои се обидуваме да ги одбраниме. Работните обврски никогаш не сум ги поврзувала со читање книги. Читањето е дел од мојот живот откако знам за себе. Тоа ми дава енергија, ме забавува, ми овозможува да избегам од реалноста, едноставно ми го прави денот поубав. Ако периодот е исполнет со обврски, едноставно си кратам од сонот и ја завршувам книгата. Иако другарките од клубот често ме наговараат да си купам кинд’л, сѐ уште читам исклучиво книги на кои физички ги вртам страните. Ако некој не ја прочитал книгата, секако се надоврзува на дискусијата придонесувајќи со своето лично искуство. А што се однесува до влијанието врз моите деца, тие се веќе големи и за жал не успеав да им ја пренесам љубовта кон читањето.

Биљана Н.: Мислам дека, пред сѐ, сме група луѓе, случајно сите жени. Јас поканив двајца другари кои имаат љубов кон читањето, но не наоѓаат време да се придружат. А што се однесува до тајноста и заговорништовото, таков дискурс гледам се форсира по медимуите во голема количина, до мера што на секој агол никне некоја теорија на заговор. Затоа јас не би сакала никако тие зборови да се поврзуваат со овој читачки клуб. Ние секогаш седнуваме на јавно место, во кафиќ или паб, и зборуваме поприлично гласно, така што не држиме а и нема што да се држи во тајност. Една од најубавите одлики на членовите на нашиот клуб е флексибилноста. Мислам дека таа доаѓа од љубовта и почитта кон читањето. Се додека сите уживаме да читаме и дури имаме потреба да читаме, ќе се најде време. Голем дел од членовите доаѓаат на средбата со прочитани книги, но некои не ги дочитале. Тоа ми се случи на мене, од работни обврски да не можам да ја дочитам тековната книга. Но, супер е што сме флексибилни, и на некоја следна средба може да се навратиме пак на истите книги и пак да ги продискутираме кога тој член ги дочитал. Јас предавам англиски и менторирам ученици кои сакаат да аплицираат на универзитети во странство. Некои денови многу читам и уредувам есеи и главата ми е преполна со идеи. Навечер ја барам книгата што сме ја избрале во читачкиот клуб за да ме опушти и да ми ги смири мислите. Таа ме носи во друг свет, каде што јас не морам активно да креирам, туку можам да се препуштам на приказната. Уживам во читањето, без разлика дали од дигитални или хартиени книги. Најбитно е да е читлива верзијата, што секако е полесно да се прилагоди на мобилен или таблет, посебно во ноќен модус на читање кој е подобар за очите. Многу сме отворени и директно си кажуваме што мислиме. Нема тензија и преправање во групава. Мислам дека не сме склони кон оговарање, туку кон шегување една со друга или самите со своите маани. Можеби со читањето сме се стекнале со широчина во рамислувањето, да не сме ситничари и да не сме зајадливи. Можеби е убаво што немаме име, така одбегнуваме тесни етикети.

Елена: Да, навистина постоиме повеќе од десет години, имаме прочитано многу книги од домашни и светски автори. Нашиот клуб е повод за дружба и е исклучиво составен од жени, иако тоа е случајно. Женски кружоци постоеле уште од старите култури и за тоа постојат историски докази, и биле собири каде жените се поврзувале помеѓу себе, разменувале приказни и се подржувале една со друга. Овие собирања одиграле важна улога во зачувувањето и пренесувањето на културното знаење, традиција и историја. Раскажувачките биле сметани за чувари на мудроста и биле ценети по способноста да пренесат важни пораки преку приказните. Ние денеска во овој брз, модерен, современ  свет во кој ги имаме заборавено предците и нивната мудрост, повторно се собираме околу некоја приказна, книга која ја читаме, а потоа дискутираме, и несвесно продолжуваме една традиција, па можеби не е ни толку случајно што сме книжевен клуб составен исклучиво од жени.

Јас по професија сум хемиски инженер, работам како самостоен истражувач во хемиското одделение на една приватна фирма, а исто сум и јога инструктор и три пати неделно држам јога часови. Затоа понекогаш се шегувам дека сум и хемичар и алхемичар во исто време. Поради нефлексибилното работно време и другите обврски ретко читам во вечерните часови, обично со книгите се дружам за време на викенд и сакам да читам на киндл. За мене читањето е еден вид на слушање, примање на зборови и мисли, човечки приказни. Она што мене ме мотивира е верувањето дека не постои напразно прочитана книга. Понекогаш е доволно само една мисла што ќе ме поттикне на размислување , а исто верувам дека ако некоја книга го нашла патот до мене сигурно постои причина за тоа. Јога филозофијата влијае на начинот на кој ги доживувам книгите, го продлабочува чинот на читање, претворајќи го во медитативно и трансформативно искуство. Со негување на вредности како свесност, интроспекција и примена на мудроста во секојдневието , јога филозофијата ми помага книгите да не ги доживувам само како извор на информации, туку и како алатка за личен и духовен развој. Книгите ми се исто така инспирација за начинот на кој ќе го осмислам и водам јога часот.

Габријела беше на службен пат кога ги контактирав за оваа топла, симпатична приказна. Заборавив да ја прашам која книга ја има понесено со себе за во авион. Ох, па тоа е сигурно онаа што треба за овој месец да ја прочитаат нејзините клупски пријателки! Сања тукушто се беше преселила во Словенија, па се очекува наскоро да ја предложи за читање „Кога лилјаците танцуваат со ангелите“ од Алеш Чар.

Ние ќе ве викаме „Клуб Индекс 10“, а вие викајте си се по име, по некој лик од книгите што ги читате, по прекарите од детството…само, знајте, макар бил и безимен вашиот читачки клуб, тој сигурно не е безличен. Чиста десетка од Плоштад во животниот индекс на секоја од вас и на идните членови. Дипломиравте на идејата за нешто убаво во овој наш Мечковград.

Ивана Аткинс