Ивана Аткинс
Во 12 часот и 29 минути, на 26 ноември 2024 г., по само неколку точки од дневниот ред на седумнаесеттата седница на Советот на Општина Куманово, „преседелката“, Ѓеорѓиевска Ивана, прекорно се обрати на еден опозициски Советник со зборовите: „Два минути (?!?) ти истекоа почитуван советнику, се стемнува и веќе сме уморни“. Берем една поранешна библиотекарка на основно училиште треба да знае кој род е именката „минута“.
Дијаболичката рамка на највисокото општинско тело, какво што е Советот, непогрешливо се движи од полемиката за неликвидноста на „Куманово гас“, секако поради светската енергетска криза, изборите во САД, незаинтересираноста на жителите на ул. „Сава Ковачевиќ“ да стават приклучок – па сè до точката во која се расправа дека на ФК „Башкими“ (кој, патем речено е приватен фудбалски клуб) секогаш му се малку пари од општинскиот буџет. Понатаму, за „Рома труба фест“ секој пат се „сматра“ дека не е доволно третиран финансиски како меѓународен фестивал, оковаси далавера с’с паре се прави и за боксерскиот клуб, кој ќе организира тридневен турнир со сопствени средства, но сепак очекува помош и од општинскиот буџет за да не паднат во нокдаун менаџерите на кумановскиот бокс; Власите, годишно со 50.000 денари за своите манифестации се презадоволни, тие, всушност, колку се штедливи, износот ќе го остават во каса за догодина да им биде уште побогата програмата; Србите со околу 80.000 денари, се разбира, го воспеваат името на потпретседателот на Владата, Стоилковиќ, личност најзаслужна за културно-спортскиот живот на кумановската „омладина“ околу Зебрњак; на Миле Андоновски му се исуши устата од реплики по секоја точка; Вмровките, секогаш модно ускладени и со подбивачки тон кон опозиционерите, во жестока одбрана на своите в.д. директори и со реторика „Путин ќе га пушти гас, до т’к – стрпите се, хубавите работи бавно стануват!“; Лидија Ланг Спасовска вети нови, модерни автобуски стојалишта со надеж дека бесплатниот јавен превоз ќе ги даде очекуваните резултати за намалување на загаденоста и сообраќајниот метеж (шие му га Џура – што вика Паника Миле у азбуку, намерно сас Џ место Ѓ); Андоновски испи уште едно шише вода со магнезиум; Благојче, непоправливиот либерален оптимист, остави студијата на случајот на неприкосновената онтолошка* раководителка на секторот, Лиде, да покаже дали после пет месеци навистина ќе дишиме поубав воздух ако продолжи „бесплатниот“ автобуски превоз (485.000 евра за 6 месеци!); Сузана Манчиќ си ги избриша очилата да го прочита поубаво возниот ред на општинскиот линиски превоз со дополнителен „докуменат“ од транспортните компании кои го собраа кајмакот, за наше добро.
Да си се возимо, да си га прочистимо ваздух, да застанемо на дигитализирани автобуски постројке, ама и да ги сретнемо саветници понекад како га практикуев исто. А бре људи, у време к’т су потребни около 1.000 денара едно четворочлано семејство да ги замени стари четкице за зуби сас нови, медиум софт, најевтини, и тој од 24.000 денара плату, ми правимо споредбе у Совет што добивав скопјани сас њино решење за градски превоз, а што добивав кумановци. 21 век божем, а ми расправљамо за диви таксисти и други „опструкције“ на „јаку“ македонску економију.
*Инаку, „Philosophia de ente“ е филозофска дисциплина која расправа за битието во битисувачка смисла и за неговите општи, фундаментални и конститутивни определби. Одвоив драгоцено време да ја слушам и гледам духовната метаморфоза на нашите Советници. На паузата фатив автобус од „Тоде Думба“ до градската болница. Во аптеката купив бедоксин, бидејќи немаше увезено бугарска валеријана. Да ми се најде за продолжението на седницата. Посетив една стара пријателка која не смее да излегува надвор затоа што е загадено и на која ѝ однесов увин чај и испринтан возен ред на бесплатниот автобуски превоз. Штета што не вози веќе до Собранието пратеникот Костовски, да ја префрлеше до Скопје, да види Стојанка како е украсено за „блек фрајдеј“. Можеби ќе си купеше термин за туморот што го има. Штета само што мора да се врати дома со некој „див таксист“ и да расправа цел пат за тоа колкава е цената на гасот во оваа тешка, претешка енергетска криза која најпрвин го погодува Кумановце, па дури потоа сите општини во нашата држава.
Кога се вратив, на екранот го видов Мирослав Тричковиќ како ги протега нозете после исцрпувачката седница на Советот и од усните му прочитав дека треба „се спречити уски поглед света и човека“. Претпоставувам дека си отиде дома на ручек со автобус „тројка“, што го фати кај Уред за „Зелен рид“, очекувајќи го својот „биг бос“ од исто така напорната владина седница, да му пренесе како „су зли дедаци разбусали прославу годишњице брака Знам-Вмро код мог друга Јеврема“. Јеврем е Максим (прим.прев.).