„Немојте да чекате природно да созреете за да дојдете до некои неминовни сознанија“
Со особена почит и должно извинување кон машката популација, овој текст го посветувам на жената и нејзиното ментално здравје. Сметам дека е повеќе од неопходно оваа тема да биде отворена,и да дадам свој осврт на оние увиди што ги стекнувам во непосреден контакт со моите клиентки, бидејќи се важни за менување на свесноста и за трасирање на патот на помладите генерации. Кога говориме за менталното здравје на жената овде на Балканот, некако тоа е како табу тема. Ова е еден комплексен феномен, зачинет со примеси на страв и срам.
СТРАВ од осуда, критика, неприфатеност.
СРАМ од нормални биолошки и физиолошки потреби, што не можеме да ги направиме општествено прифатливи и нормални, а кои се плодно тло за менталната здравствена состојба на жената.
Кога го користам терминот „жена“, алудирам на женскиот пол воопшто. Како почетна основа секогаш тргнувам од примарното семејство како основна клетка на општеството, но и на формирање на личноста (во овој случај на жената). Воспитанието и едукацијата на жената, како и биолошко-физиолошките промени се стекнуваат и манифестираат токму во рамките на оваа „примарна клетка“. Развојот и благосостојбата на жената се причинско-последично условени. Психофизичкиот баланс е нераскидлив. Начинот на воспитување и пристапот кон жената се чини дека спонтано го трасираат нејзиниот животен пат. Неправилното поставување, најпрвин кон нејзината природа, во старт ја нагласува покорноста и потчинетоста.
„МОЛЧИ“ е условено со последователното „ТРПИ“.
Биолошко-физиолошките промени низ кои жената поминува, воопшто не се амбициозна тема за зборување, иако имаат своја тежина и се неопходни за формирање и прифаќање на личноста на жената, како и за градење на нејзиниот идентитет и интегритет. Начинот на воспитување, начинот на живот и свесноста даваат една комплетна слика за трансгенерацискиот пренос и она на што треба да се стави акцент.
Во овој текст ќе ја потенцирам „женственоста“ низ трите најважни сегменти, почнувајќи од формирањето на жената – фаза на пубертет, преку нејзината сексуалност, па сè до менопаузата, обрнувајќи внимание на потиснувањето врз основа на традиционално културолошките вредности. Особено е значајно да почнеме од освестување и менување на баналните стереотипи.
На почеток на самата фаза на преобразба на девојката во жена, со добивање на првиот месечен циклус, самото прифаќање на женственоста како многу нормална појава го крева нивото на свесноста и еднаквоста со спротивниот пол, но и го спушта нивото на деградирање, срам и осуда. Менструалниот циклус е еден природен и многу нормален процес на преобразба. Добивањето циклус е цел еден тотален дисбаланс на хормони, што го превртува животот во еден друг правец, подготвувајќи ја девојката за мајчинство и зрелост. Меѓутоа, кај нас е срамно гласно да се говори и јавно да се каже.
Од моментот „Како да влезам да си купам влошки“!?(продавачот е маж) до „Ќути пред татко ти и брат ти не збори за тоа, срамно е“; „Замотај ги влошките во нешто, да не се гледаат“. Што е срамното? Биолошко-физиолошката промена?!?
Срамна е ограниченоста.Тесниот видик низ прозорецот на патријархалното воспитување. Имам впечаток дека, иако сме во период на една транзиција,од патријархат во модернизам, сè уште оние уверувања што ги носиме од нашите мајки и баби како да ги пренесуваме на нашите ќерки. Постои прогрес во промената на трансгенерацискиот образец, но сè уште не доволно. Потребно е прифаќање на нештата кои ни ги усадиле како „ненормални“ и „неморални“ и интеграција на истите. Затоа го потенцирам значењето на примарното семејство,како основен постулат за формирање на менталното здравје на жената и кршење на табуата. Начинот на прифаќање на менструалниот циклус како да е неминовен вовед и во сексуалноста.
Со генерации жената е воспитувана дека таа „треба да биде во служба на мажот“. Дека жената треба да биде „чиста и морална“ за да влезе во брак, Virgo intacta (невина), како услов за долг и стабилен брак. И ден денес постои тој момент на таа лажна и лицемерна порака. Како психотерапевт се соочувам со многу искривени реалности.
Постојат ситуации кога поради фамилијарни и верски обичаи девојката мора невина да влезе во брак, поради тоа нормалниот секс е неприфатлив, ама затоа се практикува анален секс како адекватна замена на природните потреби. Од една страна е почитувањето на догмите, од друга бегање во абнормалност. А, кои се последиците? Ментално искривена слика за нормала. Недоволна информираност за последиците при практикување на анален секс како пренос на бактерии, сексуално преносливи болести кои пак, во друга крајност, водат до многу полоши исходи. Што сме спречиле со ваквото воспитување? Секс? Природата?
Или моментот на деградирачкиот патријахален феномен дека невиноста се чува за во брак, па ова уверение блокирало многу жени. Знаете ли колку способни, учени, успешни жени, доаѓаат на психотерапија поради тоа што се обидуваат да се впуштат во врска во своите доцни триесетти години, сè уште невини. Како да му кажам на својот партнер? Мајка ми викаше дека ако менувам партнери ќе ме наречат курва!?!
Дали е нормално тоа наше трансгенерациско воспитување и ден денес да нè кочи и да е индикатор за многу ментални нарушувања кај жената кои одат и до психотични пореметувања во крајна линија.
Начинот на живот бара од нас да го следиме современото темпо. Старосната граница за влегување во брак и стварање потомство се помести. Ако порано биле дваесеттите години сега се триесеттите. Па зарем е нормално да не се следи промената. Зарем сексот треба да е научна фантастика до овие години? Автоматски, ако маж нема секс до триесеттата станува импотентен и обратно, жената фригидна.
Но, токму и тоа современо темпо некако како да ја помести старосната граница и на менопаузата. Денес жените влегуваат и порано од вообичаено. Стигмата за сексуалноста води кон двата поларитети: или прерано стапување во интимни односи или трансгенерацискиот образец на однесување. Како додатни важни моменти се и неможноста за остварување на потомство, ин-витро зачнување, поспартална депресија.
Терминот за жена во менопауза што се користи кај нас е: „Па, ти веќе не си жена“. Која стручна терминологија?!? Каков пристап кон жената?!? Прво не ја прифаќаме женственоста, сексуалноста и на крај жената не е жена. Дали „жената е нејзината матка“?!?
И така, кога жената станува жена треба да премолчи, кога жената ја осознава сексуалноста треба да ја потисне, да ја проголта, кога жената влегува во менопауза веќе не е жена, нејзината функција завршила. Автоматски „МОЛЧИ И ТРПИ, ЖЕНА СИ“ ѝ се наметнува и таа станува птица во златен кафез, спремна за живот зад решетки, со строго одредени норми и стандарди, дури и денес во 21 век. Начинот на воспитување спонтано го условувал менталното здравје на жената. Денес постојат и слободоумни, автентични жени, кои се носители на прогресот, но „пустото турско“ сè уште си го носиме. Секоја чест за просветлените, ама дајте да сме присутни во менување на помладите генерации. Да се говори отворено, без срам, без влакна на јазикот. Женственоста не е табу тема, само бара поотворен пристап за да се прифати жената како таква и да се избори за своите права. Сексуалноста не ја прави помалку вредна. Менопаузата не ја прави помалку жена.
Гордана Нестора – дипл.социјален работник, сертифициран интегративен психотерапевт, сертифициран едукатор, автор и писател