Артур Морган е пронајден! Во Куманово! На мотор, што толку добро му стои, што за него бијат камбаните! Леб од Живко, чварки не вегански, туку свински, блуз од Тенеси, од Ирска виски – го разНоткривме Бојан Ковач(евски) и имаме намера да си останеме блиски. Остроумен, згоден, духовит. Дај Боже никад да не дознае што е тој замајац на бе-ем-ве.
Плоштад: Колку би платиле еден кожен елек со знакот на „Харли Дејвидсон“, добиен на подарок од Стиви Реј Вон?
Не знам колку би го платил, но знам колку би платил психијатри после тоа за да излечам траума од починат човек што ми нуди Харли Дејвидсон елек.
Плоштад: Зошто Ве снемува од фејсбук повремено?
Премногу време ми одземаше во периоди кога морав да се посветам на битни работи. Фејсбук е убава работа кога се има слободно време, но е страшен дефокус во битни моменти од животот.
Плоштад: Дали „се ослободивте“ од блузата за која се пожаливте неодамна дека и Аца Лукас ја носи?
Не би сакал да дискутирам на таа тема. Животните патишта ни се разделија со Аца поради таа расправија, што од оваа дистанца можам да речам дека тотално непотребна кавга беше тоа. Се надевам дека нема да се повтори тоа со копирање на фризури.
Плоштад: Како изгледа Вашата рута од соништата на мотор и кого би го повеле?
Источен дел на САД. Од Јужна Каролина до Бостон. Би го повел Дамјан и кумашин ми Александар. Не дека би ги повел во вистинска смисла на збор, туку ќе ми се јават 3 минути пред поаѓање, ќе речат за минута сме кај тебе, и ете нѐ сите тројца на East Coast.
Плоштад: Дефинирајте зен момент од просечен, работен ден.
Последен час од работниот ден, кога сѐ е под конец, сѐ сработено, бројките на место. Тогаш во позадина оди Yann Tiersen или Apocalyptica. Или, да снема интернет 4 часа пред крај на работниот ден.
Плоштад: Дали употребувате ладно цедено маслиново масло исклучиво во салати?
Само проповедајте вие здрава храна, после ќе се чудите од каде излегоа вегански ребра, и чварки со овесни снегулки.
Плоштад: Кога би организирале хуманитарна вечер, на кој дел од прославата би обрнале најмногу внимание?
На DJ-от би обрнал најмногу внимание и не би го испуштил од вид. Момент кога ги оставиш сами, пуштаат музика од IDJVideos. Затоа мора да бидат под постојан на каква било прослава.
Плоштад: Личите на некој кој го презира хуморот на Вуди Ален, а слатко се смее на Рики Џервес.
Па, ДА!
Плоштад: Дали е вискито или блузот подобар во Тенеси?
Блузот, вискито исклучиво од Ирска.
Плоштад: Да беше Куманово Харли, каков модел ќе беше и зошто?
Сигурно некој што поминал 15 сопственици, никој што не го оддржувал, што уште го има фабричкото уље, кастимизиран различно од сите сопственици, но, и понатаму функционира. Сите се чудат како, но фукционира.
Плоштад: Каков леб јадете, Тоскана, Фокачо или Чиабата?
Ова е некое странско име за Живко?
Плоштад: Имам чуено дека сте филантроп. Колку новогодишни пакетчиња ќе дарувате годинава?
Три пакетчиња, односно две, едното ќе добие „Те“, зашто само за тоа и збори. Не знам што е „Te“ ама тоа ќе е на место на пакетче.
Плоштад: Кејт Винслет или Кејт Бланшет?
Keira Knightley
Плоштад: За кого бијат камбаните?
Пошто жена ми цело време зборува дека светот НЕ се врти околу мене, логично е да помислам дека исклучиво за мене бијат камбаните? За мене бијат, нели ?
Плоштад: Кој мајстор Ви го поправа замаецот на бе-ем-ве-то?
Малку трошоци за Нова Година и Јануари, сега и замаецот? И што е замаец? Не знам што е ама, по име скапо ми изгледа.