Почетна ГОСТИНСКА СОБА Гостинска соба – Јордан Пачков

Гостинска соба – Јордан Пачков

„Зошто се сетивте на мене?“. „Затоа што Вашата енергија зрачи со спокојство, слично како Таи Чи, кинеската уметност на рамнотежа и виталност. Затоа што Вашето постоење е доказ за хармонијата што ни ја подаривте – мост помеѓу древното исцелување со акупунктура и со уметничкото во Вас!“. Д-р Јордан Пачков, во нашата гостинска соба го погодивме со иглички за акупунктура на места на кои е најранлив – медицината, новинарството и внуците.

Во град обликуван од традицијата, но отворен за нови хоризонти, постои еден човек кој го отелотворува духот на обете. Тој е специјалист по физикална медицина и рехабилитација, акупунктуролог, новинар, рецензент, енигматичар, сценарист, коментатор, аналитичар и публицист. Тој е Јордан Пачков.

Неговиот придонес во медицината не произлегува само од богатата биографија на посветено учење и усовршување – од Скопје, преку Белград, Љубљана, сè до Пекинг – туку се огледува во секојдневните прошетки низ Куманово, кога му пристапуваат луѓе кому има помогнато и во трудовите и прирачниците на кои се има потпишано како автор, а што ја доловуваат мудроста на неговата медицинска пракса.

Luxury Catering Service

Но, Јордан е многу повеќе од лекар. Со духот на искусен оратор, тој со години модерираше безброј градски настани, внесувајќи топлина на секој собир, од игранки и избори за „Мис“, до научни симпозиуми и конгреси. Неговиот младешки сон за новинарство се изрази подоцна во животот, бидејќи стана омиленото лице на неколку локални ТВ емисии, од која најгледаната беше „ТВ Калеидоскоп“, во која се занимаваше со проблеми од јавното здравје. Како тоа да не беше доволно, неговата харизма „се качи“ и на две тркала во светот на спортот, кога ја извршуваше функцијата претседател на Балканската велосипедска тура.

Едно облачно ноемвриско претпладне го сретнавме на зелениот пазар. Висок, впечатлив, под рака со својата госпоѓа, не може да дојде до тезгите од што му приоѓаат луѓе да го поздрават и да си поприкажат. Си направивме ментална забелешка да го прашаме дали сè уште купува, испраќа и дали добива новогодишни честитки од своите пријатели кои се некаде по белиот свет…

„Јас пијам кафе во ‘План Б’, ќе ве чекам во 11ч.“, ни кажа по телефон следниот ден кумановскиот Миќа Орловиќ.

Првото прашање не му го поставивме ние, тоа излезе од неговите крупни, сини очи уште пред да исчезне кајмакот од кафето. „Зошто се сетивте на мене?“. „Затоа што Вашата енергија зрачи со спокојство, слично како Таи Чи, кинеската уметност на рамнотежа и виталност. Затоа што Вашето постоење е доказ за хармонијата што ни ја подаривте – мост помеѓу древното исцелување со акупунктура и со уметничкото во Вас!“, преминуваме веднаш на фронтален напад, додека тој се смешка и ни раскажува како ги исткал своите нишки на знаење, комбинирани со анегдотите на неговиот татко, легендарниот Трајко Пачков.

Кога за време на своите студии по медицина во Скопје, почнал да соработува со реномирани редакции и издавачки куќи, сè повеќе уживајќи во новинарството, направил и една репортажа за Македонската телевизија, но се плашел дека тој ангажман нема да наиде на одобрување, најпрвин кај неговата мајка, која го бодрела цело време да стане лекар. Во време на емитувањето на прилогот, таа вечер во куќата на Пачкови (што било сосема вообичаено за едно такво семејство) имало многу гости. Сепак, Јордан, „надобудниот“ студент по медицина и одличен новинар, застанал пред ЕИ Ниш телевизорот за да не го видат во репортажата. И, навистина не го виделе. Но, на крајот, токму кога замрел разговорот на гостите на масата, од телевизорот се слушнало неговото име, и тоа како уредник на репортажата. Трајко, и самиот врвен просветен работник и новинар, се смешкал, горд на својот потомок, но мајка му не била баш воодушевена од тој подвиг. Како и сите мајки на светот, образложението било дека еден лекар може секогаш да се занимава и со новинарство, додека во обратен случај тоа би било невозможно. Јордан Пачков, не само за да не го скрши срцето на мајка си, специјализира физикална медицина и рехабилитација, а подоцна во маѓународната школа за традиционална кинеска медицина, отсек акупунктура и моксибустија, во Белград, дипломира во класата на прочуениот доктор Антоние Шкоклев.

Најповеќе е горд на својот студиски претстој во Пекинг, во 1989 година, на Интернационалниот институт за традиционална кинеска медицина. Од својата менторка, Кинескиња, ги има научено и совладано тајните на акупунктурата, која често се припишува на класиката за интерна медицина на жолтиот цар (Хуангди Нејинг), напишана околу 100 год. п.н.е. Овој древен текст ја поставил основата за теоријата за акупунктура, опишувајќи ги енергетските канали на телото, познати како меридијани, и протокот на qi (животна енергија).

Да, откривањето на акупунктурата има фасцинантна и древна историја која датира илјадници години. Според традиционалната кинеска легенда, акупунктурата била откриена случајно за време на една од многуте кинески битки. Една приказна сугерира дека војник ранет со стрела забележал дека болката во другите делови од неговото тело исчезнала по повредата. Ова ги навело исцелителите да ја истражат идејата дека стимулирањето на одредени точки на телото може да ја ублажи болката или да лекува болести.

Една друга, кумановска приказна вели дека пионерот на лечењето со иглички во нашите краеви, д-р Јордан Пачков, ги рафинирал сублиматите од своето меѓународно образование во системска практика на акупунктурата. И така, како што неговиот другар, Киро Солар, прави миц по миц кумановски виц, Пачков, боц по боц ги има допрено клучните точки од нашите тела за да се исцелат и за да можеме да го отвориме прозорецот во историјата на човечката сестраност и генијалност.

Денеска, Јордановите стрелички се неговите внуци, кои го раздвижуваат и облагородуваат, како и рецензиите за книги што му се дијагноза за неизлечивата болест – љубовта кон пишаниот збор. Нека го наследи внуката Миња и нека оваа Година на Змејот се заврши исполнително во секој аспект од неговото творештво.

Ивана Аткинс и Дарко Даутовиќ