Ако се навратиме на онаа стара изрека дека „Сите патишта водат кон Рим“, тогаш со право за нашиот град, Куманово, може да кажеме дека сите сокаци во „старо Куманово“, трасирани и формирани во 19 век, воделе кон пространата Тумба. Тумба во градот претставувала јазол, каде сите главни сокаци во тогашното мало гратче Куманово, завршувале или почнувале од неа – од пространата Тумба. Еден таков познат кумановски сокак, кој започнувал од пространата Тумба е и Проевскиот сокак.
Сокакот е наречен Проевски, бидејќи трасата и патот водел кон кумановската бања во с. Проевце и кон Свети Николе.
И овој сокак си има своја интересна историја, што ќе ја раскажеме во продолжение.
Тој простор околу Проевскиот сокак, со своите споредни улички, започнал да се пополнува некаде во периодот од 1840 до 1912 година, каде градот топографски започнал да се шири. Проевскиот сокак се оформил меѓу Нагоричкиот сокак од едната страна и Карап маала од друга страна, во нејзиниот горен дел, поврзан меѓу нив со споредни улички.
Отпрвин, на самиот агол меѓу Проевскиот и Нагоричкиот сокак, на пространата Тумба, се наоѓал житниот пазар.
Кумановската чаршија во 1876 година имала 253 дуќани, 34 магази и 34 анови. Во 1912 година, занаетчиските дуќани во чаршијата нараснале на 465. Дуќаните на мутавџиите, кои броеле 19, главно се наоѓале на Проевскиот сокак, па него во секојдневниот жаргон го викале и Мутавџиско маало. Од други занаети на Проевскиот сокак исто така постоеле и ќурчискиот, шнајдерскиот, тишлерскиот, албатскиот занает итн.
Во минатото, познати албати (потковувачи на добиток) биле Крсто од с. Клечовце и Турчинот Руфат, кој во 1957 година заминал за Турција.
Непосредно пред Првата балканска војна (1912), на Проевскиот сокак бил спроведен мал канал за одвод на водата од дождот.
Како што напоменавме, во нашиот град во минатото биле застапени голем број на анови, а на Проевскиот сокак се наоѓале: Недин ан на Теосије Доневиќ, Смоларскиот ан, како и Јачковиот ан.
Што се однесува до населението, на Проевскиот сокак некогаш, а и сега, живееле семејствата на Јоско Чимин, кој напред имал кафеана, Киро Златановски, кој бил трговец и продавал ловечко оружје и муниција, Лазар Пешев – Велешанац, бакалин и анџија, браќата Кусигерци, Тодор Пекев, Џумербојкови, Павле Спасовски – Бецко, Јордан Шеќерџија, Поповски, Богдански, Каранфилци и други стари семејства. На Проевскиот сокак и денес се наоѓа куќата на Јован Бабаќарски, кој поседувал ан на соседниот Нагорички сокак. (П. Трајковски, 1997).
Едно интересно семејство од горенаведените е и семејството Златановски. Нивната куќа се наоѓа на почетокот на Проевскиот сокак, веднаш до зградата на поранешната Народна банка, денес УЈП.
Според кажувањата на г-ѓа Светлана Јовановиќ, внука на Киро Златановски, Кирил Златановски бил роден 1895 година во Куманово. Починал во 1964 година. Потекнувал од богато семејство во Куманово, од татко Зафир, кој имал три деца – Игњат, Кирил и сестрата Марика. Братот на Кирил, Игњат, имал пет деца: Трајко, Владе, Правда, Јелица и Ратка. Неговата сестра Марика била омажена во семејството Биџеви и имале три деца: Александар, Живко и Верољуб – Вере Биџо. Кирил бил оженет со Велика која потекнувала од угледно староградско семејство во Куманово. Живеела во тнр. „Сладовско сокаче“ и имала еден брат по име Ангел – Фуц. Кирил и Велика изродиле седум деца: Живка, Живојин, Златан, Гордана, Томислав и Ѓорѓи.
Животот на Кирил бил обележан со неговата работа како просперитетен трговец кој продавал ловечко оружје и муниција, отсликувајќи го претприемачкиот дух во Куманово во тоа време. Во 1928 година изградил куќа на познатиот Проевски сокак, денешна ул. „Моша Пијаде 1“. Куќата била проектирана од познатиот руски инженер Владимир Антонов. Куќата стои и денес како доказ за архитектонските аспирации на тоа време.
Најстарата ќерка Живка е родена 1921 година, станала вешт шивач и се преселила во Белград, каде отворила свој моден салон и се омажила за Никола со кој заминува во Чикаго, каде останува до крај на својот живот.
Живојин – Џите е роден 1925 година. Бил оженет со Вишња од семејството Митиќ со која изродиле две деца, Мирослав и Снежана. Се прославил како фудбалер кој играше за неколку клубови во поранешна Југославија, а подоцна стана генерален секретар на познатата кумановска фабрика „Димче Еребица“. Познат е и како страствен ловџија.
Гордана е родена 1927 година, била омажена во Белград за приватникот Драгољуб Спасиќ, кој поседувал штампарија во Стара Пазова. Заедно имале две деца, Миќо и Мирјана. Миланчо бил четврто дете на Кирил и Велика, роден 1928 година, а починал на осумгодишна возраст.
Златан е роден 1930 година и бил музичар и директор на кумановското музичко училиште „Панче Пешев“ од Куманово. Бил оженет со Теодора, балерина од Нови Сад. Добиле четири деца Зоран, Марија, Оливер и Александар. Се преселил во Швајцарија во шеесеттите години, од каде заминал за Канада, каде останува до крајот на својот живот. И неговите деца останале да живеат во Канада.
Томислав бил роден 1933 година, оженет со Драгица од семејството Баневи. Имале две ќерки Аница и Светлана. Бил познат музички педагог во Куманово кој целиот работен век го поминал како наставник по музичко и кларинет. Го водел и градскиот хор од Куманово, со кој настапувал низ цела поранешна Југославија, со што придонел за развивање на културната сцена во Куманово, настапувајќи на различни прослави и манифестации.
Најмлад од децата на Кирил е Георги, кој е роден 1936 година. Бил оженет со Нада од семејството Станишковски. Имале три деца, Катерина, Кирил и Александар. Работел во локалната текстилна фабрика „Биљана“ како комерцијален директор.
Приказната за Кирил е наратив за неговото семејство кое го обликувало културниот и економскиот пејсаж на Куманово. Нивниот придонес во различни области – уметност, спорт, трговија – служи како потсетник за меѓусебната поврзаност на семејните наследства и идентитетот на заедницата. Историјатот на ова семејство ни овозможува да ги цениме темелите врз кои се изградени нашите општества и трајното влијание на семејните и културните врски.
Едно од попознатите велешки семејства во Куманово било и семејството на Ангел и Таса Давови, со децата Христо (шивачки мајстор со Душан на Велешки сокак), Пеце (монополски работник) и Стево (монополски работник), Добрила и Нада. Ангел и Таса Давови биле од Башино Село, а во Куманово живееле на почетокот на Проевскиот сокак, каде се наоѓала Ангеловата кафеана и анот во кој престојувале луѓе кои доаѓале на кумановскиот пазар (М. Арсовски, 2008).
Башиноселецот Анчо Андоновски во Куманово бил познат како трговец на жито и колонијална стока. Располагал со магаза што се наоѓала во еден од кумановските сокаци. Со Анчо, во Куманово живееле неговиот син Трајко и ќерката Сава со сопругот Лазо. Трајко Андоновски бил познат во областа на угостителството со неговата кафеана на Проевскиот сокак. Неговата сопатничка, кумановката Ката му родила шест деца: Даница, Димитар, Петар, Павлина, Нада и Верољуб.
Димитар бил учесник во НОБ, Петар работел во едно трговско претпријатие, додека Верољуб Андоновски бил истакнато новинарско перо, уредник во “Нова Македонија“, автор, кој зад себе остави повеќе трудови, посебно од сферата на историјата. Синовите на Верољуб, Венко и Ведран се познати личности во македонската јавност. Посебно постариот Венко, професор на Филолошкиот факултет во Скопје, автор на многу дела од областа на книжевноста, меѓу кои и „Папокот на светлината“, продадена во повеќе од 12.000 примероци, што ја освои и наградата „Стале Попов“. Добитник е и на престижната награда „Балканика“. Ведран е новинар во „Гласот на Америка“, додека децата на Сава и Лазар – Милка, Панче и Иван се успешни луѓе во својата дејност.
Што се однесува до угостителството на Проевскиот сокак, по евиденцијата на Пододбор на „Удружење на гостиничарски, хотелиерски, кафеџиски, механџиски и свих точиоца пића“ од Куманово, од 1927 година, тогаш на улицата „Клеменсова“ (денес Моша Пијаде) биле кафеаните: „Јелен“ на Јосиф Пешиќ, „Овче Поље“ на Лазар Пешиќ, „Мали бар“ на Наско Ѓорѓевиќ, „Исток“ на Марко Наќевиќ, меаните на Петар Насковиќ, Стојан Стојановиќ, Димитрије Костиќ, Крста Лазиќ, Јован Спасиќ, Спиро Каранфиловиќ, Стројман Костиќ, Мита Тасиќ, Димо Лазиќ, Денко Стојановиќ, Стоил Андевиќ, Пане Соколовиќ и Тодор Трајковиќ. Таму биле и подрумите на Ангел Давидовиќ, Коце Миладиновиќ, Јордан Таневиќ, Ѓоша Темењковиќ, Тасе Војковиќ…(Д. Масевски, 2016).
За споменатата кафеана „Исток“ има една интересна случка од 1937 година.
Во септември 1937 година, уметничката група Абрашевиќ, под раководство на Панче Пешев, организирала приредба во кафеаната „Исток“, што се наоѓала на Проевскиот сокак. Идеолошката окосница на приредбата имала изразито антифашистички карактер. Граѓанската војна во Шпанија тоа време била во полн развој. Омразата и незадоволството што ја создавала бруталноста на фашистичката агресија во Шпанија, кај сите оние кои ја љубеле слободата ги инспирирала прогресивните поети и писатели преку песна и пишан збор да ги осудат фашистичките злосторства во Шпанија. Верен одраз на таа општа осуда на фашистичките злосторства во Шпанија била и уметничката програма изведена во кафеаната „Исток“. По пеењето на песната „Буди се исток и запад“, на бината се искачил Панче Пешев, уметнички раководител на Абрашевиќ и со стисната тупаница го најавил изведувањето на хорскиот рецитал на песната „Бадахос“ од српскиот поет Чедомир Миндеровиќ.
По Втората светска војна, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улица „Генерал Темпо“ (Проевски сокак), биле локалите на: Милан Стефановски, Киро Хаџи Бошковски, Асен Поповски, Лазар Пешевски, Дамњан Атанасовски, Петар Насковски, Воислав Јосифовски, Арсо Стојановски.
Некаде на Проевскиот сокак, веднаш до старата кафеана на Пешеви, „Овче Поле“, била отворена кафеаната „Славеј“ на Томе и Бранко Петровиќ која егзистирала долго време во градот. Кафеаната била многу посетувана од војската на ЈНА.
Во втората половина на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, на Проевски сокак постоела и Мирковата кафеана „Слобода“.
На Проевскиот сокак исто така биле распослани чајџилниците на Ѓорѓи Милев, Коце Бурназовски, Јоско Пешевски – Чимин, Строиман, Цветан и на Ферко.
На сокакот исто така постоела и берберницата „Добар брич“ во сопственост на Борче Маркоз, но и слаткарницата „Бенквик“.
Што се однесува до името на улицата, на старата бугарска разгледница од 1917 година, Проевскиот сокак го среќаваме под името ул. „Кајзер Вилхелм“, во меѓувоениот период била нарекувана ул. „Клеменсова“, во 1946 е заведена под името „Генерал Темпо“, а денеска е улица „Моша Пијаде“.
И за крај, бидејќи во меѓувоениот период на Проевскиот сокак живееле голем број на комунисти, улицата тогаш била нарекувана и „Црвена улица“.
Користена литература:
А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.
П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.
С. Герасимова – Матеска – Трансформацијата на чаршијата во Куманово, Музејски гласник, (Год. 4, бр. 7/9, 2002, стр. 223-233).
М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).
Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.
Сеќавање: Проевскиот Сокак – Црвената улица во Куманово (II дел, 1986 год.)
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник