Почетна СТЕТОСКОП Празнична еуфорија/депресија

Празнична еуфорија/депресија

Sanja Jovanovska

Новогодишните празници асоцираат на среќа. Kога сѐ трепка и блеска се очекува да блескаме и ние. Празниците се време за забава, дружење, патување, надеж и желби за промени, но можат да бидат и време за размислување, тага, осаменост, чувство на анксиозност и депресија како  резултат на празничната депресија. Празничната депресија е всушност состојба обоена со чувство на тага во зимскиот период, односно во претпразничниот и празничниот период во декември и јануари.

Кога и зошто се јавува празнична депресија?

Чувството на тага и меланхолија пред и за време на празниците има поголема можност да се јави кај поединци кои во изминатата година имале загуба на блиска личност, кај лица кои минале низ развод или раскинување на значајна врска, луѓе со скромен социјален живот, кај лица во позрели години, лица кои имаат тешко болен дома и се грижат за него, кај поединци кои имаат чувство на преоптовареност и се под стрес, поединци и семејства кои имаат финансиски потешкотии, како и кај поединци кои имаат потешкотии со менталното здравје и во овој период симптомите се интензивираат. И да не заборавиме, во светот на социјалните мрежи кога сѐ ни е на дланка и гледаме постови како од блиското опкружување, така и од блогери ширум светот, во кои секој објавува моменти на среќа, луксуз, уживање, се создаваат нереални очекувања коишто може да предизвикаат исто така чувства на меланхоличност, депресивност, чувство дека не сме доволно добри, не сме доволно успешни, а ниту пак среќни како на објавите на другите луѓе.

Luxury Catering Service

Симптоми на празнична депресија

Празничната депресија се манифестира со чувство на замор, недостаток на задоволство од вообичаените активности, потешкотии при концентрирање, раздразливост, намалена комуникација со блиски луѓе (социјална изолација), главоболки, промена во исхраната.

Како да се надмине оваа симптоматологија во текот на периодот кој следи?

  • Избегнувајте пренатрупан распоред – празниците и крајот на годината доаѓаат со повеќе обврски. Креирајте распоред според своите приоритети и дајте си доволно време за одмор и за себе.
  • Разговарајте за тоа како се чувствувате – доколку сте доживеале загуба (смрт на блиска личност), раскинување, развод во изминатата година за време на празниците може да биде уште потешко. Поминување време со блиските пријатели, членови на семејството и разговор за чувствата со некој на кој може да му верувате, може да биде од помош.
  • Обезбедете си добар сон – воведување на рутина во спиењето помага, секоја вечер да одиме во кревет во одредено време што ќе помогне да се одмориме. Лошиот сон влијае на расположението, додека чувството на наспиеност носи енергија за започнување на денот.
  • Бидете физички активни – редовното вежбање, трчање или пешачење ги намалува симптомите на депресија.
  • Поставете реални очекувања – очекувањата кога не се реални водат до разочарување. Очекувањето дека со почетокот на новата година нашиот живот ќе се смени е нереалистично. Да, Нова година е можност за нов почеток и тој не доаѓа сам по себе. Промените и новите почетоци доаѓаат со промени во начинот на нашето функционирање и поставувањето на реални очекувања и нивното исполнување носи чувство на успешност и вредност.

Доколку симптомите на празничната депресија се интензивини, упорни и присутни подолго, побарајте психолошка помош и поддршка.

 

м-р Сања Јовановска,

лиценциран психолог, семеен и системски психотерапевт под супервизија, ОЛИ советник