Почетна СТАРО КУМАНОВО Карап Маало – некогашно „црно маало“

Карап Маало – некогашно „црно маало“

Зборот „маало“ има арапско потекло и означува место за живеење, престојувалиште итн. Во балканските градови кои биле под османлиско влијание, маалата претставуваат стари градски квартови наменети за живеење, а понекогаш се најмала градска административна единица. Маалата настанале по освојувањето на Балканскиот полуостров од страна на Османлиите, кои тука основале градови од ориентален тип. Маалата ја опкружувале чаршијата, односно трговскиот дел на градот. Во центарот на некои маала се наоѓале џамиите или месџиди (џамии без минаре), а во нивна близина се наоѓале мектеб (училиште) и продавници за храна. Овие објекти имале за цел да ги задоволат потребите на четириесет, педесет домаќинства. Во маалата постоел посебен култ на соседство, кој не обрнувал внимание на етничката или верската припадност на населението.

Сл. 1. Панорама на Куманово (1915-1918 г.) со поглед кон Карап Маало

Нашиот град Куманово, во турскиот период бил поделен на повеќе маала. Според Ј. Х. Васиљевиќ имало 12 маали: Мехмедбегово Маало, Орта-бунар, Ендек, Горно, Муаџирско, Бединско, Велешко, Варош, Варош-изир Маало, Карапско, Теке Маало и Ново Маало. Покрај овие, имало уште две: Липковско и Татар Маало, но тие припаѓале кон гореспоменатите.

Како серијал на стари маала и сокаци, во продолжението ќе ја раскажеме историјата на прочуеното Карап Маало во Куманово.

Што се однесува за староста, и Карап Маало спаѓа во старо маало. Според Ј.Х. Васиљевиќ (1909) тоа настанала во втората половина на XIX век.

Luxury Catering Service

Како што вели А. Урошевиќ (1949), помеѓу 1840 и 1870 година се пополнувал празен меѓупростор во градот и Куманово топографски се шири. Варош Маалото се проширува кон југоисток, сè до просторот помеѓу сегашниот Нагорички и Проевски сокак, доближувајќи се до сегашната „Нова црква“, каде тогаш постоело Карап Маало.

Сл. 2. Авионска снимка на Куманово, 1928 г. и означено Карап Маало

Инаку, просторно, Карап Маало се наоѓа наспроти Гимназијата „Гоце Делчев“ од нејзината северна страна, а завршува на улицата „Моша Пијаде“. Според мислењето на сограѓанинот Борис Трајковски-Пендаќански од Карап Маало, името го добило во турско време. Во него имало куќи само од македонски семејства. Секоја куќа имала двор, а дворот имал капиџик со соседниот. Тука успешно се криеле, прогонувани од турските власти, Македонци, комити и револуционери, зашто можеле бргу и незабележани да избегаат во приградските бавчи и оттаму да го напуштат градот. Турците го нарекле Карап Маало, нешто како црно или тајно маало. Постои и друго мислење во пишаната литература за нашиот град, дека името му потекнува по нејзините основачи доселени од селото Карабичане.

Сл. 3. Панорама на Куманово со поглед на дел од Карап Маало

Во Карап Маало  постоела една маалска чешма која ја нарекувале Гикина чешма.

Истражувачот Јован Хаџи Васиљевиќ, новата црква „Света Троица“, локациски ја става во Карап Маало. Во близина на Карап Маало, на просторот околу сегашната „Нова црква“, живееле муслимански Роми. Оттука потекнува и „Циганско сокаче“.

Сл. 4. Црквата „Света Троица“ во минатото, Издање: Томе Глигоријевића Књижара Куманово

Во оваа маало, како и во останатите маала во нашиот град, живееле видни и стари семејства на Манас Георгиевски (бакалин) со сопругата Тофка и синовите Душко, Борис и Благе-бац, Ѓорѓи Арсовски-Африка (кафеџија) и Ратко-Африка, Јордан Пачков (бакалин), Борис и Перо Биџови (касапи), Ване Митевски-Гикин (трговец), Томислав Митевски, Симон-Брко (бавчеванџија), Стојман Цветковски (бавчеванџија), Страшко и Тоде Шестаци, Владо Липковски, семејството Веселиновски (Јоле, Ѓоко, Бубе и Цане) кои биле часовничари, сестрите Ружа и Цвета, Томе Црквица, доктор-интернистот Бранко Цуце, Бизе-часовничар и лимар со синовите Благоја и Драган, Борко Маљок со татко му Трајан и мајка му Мара, шнајдерот Дане Дамски, Страшко-чингија, Павле-ќурчија, бројното старо семејство Пендаќанци. Членовите на ова семејство биле трговци со добиток и касапи. Добиток набавувале во кумановските и кратовските села, имале сопствени штали во кои го чувале до колењето или до продажбата.

Карап Маало било чисто христијанско маало.

Бакалинот Манас Георгиевски, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улицата „Милован Гилас“ во Карап Маало, поседувал кафеана. Улицата во којашто живеел, уште ја нарекувале и Манасово сокаче, но постоела и Манасова фурња.

Ѓорѓи Арсовски-Африка бил човекот од нашата чаршија. Бил кафеџија, држел кафеана, а најдолго време имал своја кафеана во една од просториите на Занаетчискиот дом. Бил сиромав, имал семејство со повеќе деца. Бил низок, црн и поради тоа го викале Африка, па и неговата чајџилница се викала „Африка“, весел и љубезен со луѓето, а љубител на ракиичка и винце.

Поради сиромаштијата, особено кога Ѓорѓи ќе останал без работа, неговата сопруга морала да работи за дневница. Работела полска работа, со мотика, со прашачка и срп.

Во овој едноличен и скромен живот на семејството, се случил голем пресврт што сите ги растресол.

Еден ден, тој, Ване Анастасовски-Брале и Драгомир Вукадиновиќ, на тогашната југословенска лотарија, ја добиле главната премија. Секој добил по 250.000 динари, несфатливо многу пари и големо богатство за тоа време, не само за Ѓорѓи Африка, кој живеел крпен живот.

Дента кога ги примил парите, неговата жена работела на една туѓа нива во месноста Краста. Тој ангажирал два пајтона. Во првиот седел тој, а во вториот музиканти и право во Краста. Кога го видела жена му, се изненадила и се уплашила. Знаела дека тој сака да пивнува, да се весели, да прави џумбуси, но да дојде со два пајтона во Краста, никако не можела да го разбере. А тој, без да слезе од пајтонот, ја повикал:

– Ајде, жено, фрљај гу матику, качуј се у пајтон, дома имамо гости.

– Жената збунета, не го послушала, а го прашала:

– Од куде ти паре, бре, слепцу, за пајтон и за свирачи?

– Ајде, жено, ајде, да не губимо време. Паре имамо пуну торбу.

Дома имало гозби и гозби, гости и гости, тој веќе не работел ништо, а неговата сопруга ни да помислила за аргатлакот. Сè така додека не ги потрошил сите пари. Кога во „торбата“ веќе немало ни динар, Ѓорѓи отишол на работа кај еден кафеџија, а неговата сопруга, пак, ја земала мотиката. Ете, така завршила случката со нашиот „милионер“ како што го викале тогаш Ѓорѓи Африка. Добил многу пари, но не знаел да ги искористи. (П.Трајковски, 1997).

Сл. 5. Кафеаната-чајџилница на Ѓорѓи Африка

Јордан Пачков бил роден во велешкото село Новачани. Уште во млади години бил комита. Ги бранел своите сограѓани од злоделата на претставниците на турската власт. Неговата желба била ослободување од турското ропство.

Бил мошне храбар човек. Откако ги насетил обидите на власта да биде осуден на смрт и ликвидиран, Јордан Пачков се населува во Куманово. Во градот доаѓаат и неговите родени браќа Тане и Борко Пачкови. Сите тројца се задомуваат во еден калдрмисан сокак меѓу Проевскиот и Нагоричкиот сокак.

Јордан Пачков бил бавчаванџија, а поседувал и бакалница во Карап Маало. Во 1927 година поседувал и кафеана на тогашната улица „Војводанска“. Се женел двапати. Во првиот брак го имал синот Илија, кој со сопругата (врањанка) и двете ќерки се отселил во јужноамериканската држава Бразил. Неговата втора жена, убавата Епса од Велес му изродила единаесет деца.

Од вкупниот број на деца, единствено во живот останал Трајко Пачков (седмиот по ред), познат просветен работник, новинар, и едно време директор во образовните институции и стопанството. Долго години бил лектор и уредник во НРИО „Наш весник“. Како заслужен граѓанин за својата работа ја добил и Ноемвриската награда на градот.

Сл. 6. Трајко Пачков

Со сопругата Дарка и децата Елеонора и Јордан својот животен век го поминува во Куманово, а неговиот ведар дух, желбата за шега и смеа останаа врежани во колективанта меморија на Куманово и се опишани во повеќе локални публикации. Неговата ќерка Елеонора, беше успешен просветен работник, професор по англиски јазик во Гимназијата, додека синот Јордан Пачков, специјалист по физикална медицина и рехабилитација, акупунктуролог во Кумановската болница. Се бави и со новинарство и публицистика. (М. Арсовски, 2008).

Со мајсторство во подготвување на мезалукот во периодот помеѓу двете светски војни посебно се истакнувал Борис Додевски-Биџо и неговите браќа Спиро и Перо кои биле ненадминливи во квалитет и количината на продадениот мезалук. Борис Додевски-Биџо бил касап по занаетот меѓутоа, од 1931 година имал свој ќебапчиски дуќан, а правел мезалук и производи за на скара од 1920 година. Иако по занает бил касап, неговата специјалност бил и мезалукот. Браќата Биџови биле познати по педантноста и чистотата на материјалите од кои се подготвувал мезалукот. Обично го продавале на познати муштерии, поконкретно своите тави со квалитетен мезалук ги носеле најчесто во договорено време во ресторанот на хотел „Куманово“ каде што постариот од браќата работел долго време како ќебапчија, потоа во „Влашката кафеана“ на Петар Чушкаровски на Нагорички сокак, во кафеаната на Ефто Поповиќ кај старата Библиотека и други реномирани ресторани. Не се памети нивниот мезалук да останал непродаден. Освен мезалукот Борис Додевски-Биџо, кој по занает бил касап, подготвувал мошне вкусно прасечко, јарешко или јагнешко печено, кое како и мезалукот го печел во Крстовата фурна на дрва и го продавале во чаршијата на отворено.

По војната, во архивската граѓа на Угостителската комора за Кумановската околија се регистрирани два дуќани на Борис и Спиро Додевски на плоштадот „Маршал Тито“, на постариот Борис како ќебапчиски дуќан, додека кај Спиро Додевски, на истата локација е регистрирана шкембарска работилница.

Борис Додевски-Биџо, син на Живко Додевски-Биџо, доследно ја продолжува традицијата на својот дедо Борис Биџо, подготвувајќи го ова прекрасно јадење по рецептот на своите предци. Се смета за еден од врвните познавачи на оваа материја во Куманово и пошироко.

Семејната традиција во подготвување на мезалукот на семејството Додевски е стара речиси еден век. Како што напоменавме Борис Додевски-Биџо, внук на стариот кумановски касапин, ќебапчија и мезалукџија Борис Биџо, ја продолжува традицијата на семејството и денес е еден од ретките кој го задоволува вкусот на вљубените во кумановскиот мезалук. По стапките на Борис Биџо тргна и неговиот син Иван Додевски-Биџо чијашто гостилница до неодамна „На мезалук кај Биџо“, денес „Училница Bar&Kitchen“ е посакувана дестинација во Куманово (Д. Масевски, 2016).

Сл. 7. Борис Додевски-Биџо

Карап Маало било познато и по игранките. Од 1920 до 1940 г. игранки на отворено имало на неколку места. Најпозната и најпосетена била таа што се одржувала во Карап Маало, кај сегашнава Гимназија „Гоце Делчев“. Тука се собирала, главно, градската елита, позаможни и повидни домаќини, луѓе од редот. Некои доаѓале да играат, некои да посматраат, а имало и такви случки, кога старите иделе за да го видат својот иден зет или снаа. Тука редовно свирела бандата на Стојче Циганин. Тој свирел на грнета (кларинет). Се играло, се сменувале ороводците, а Стојче имал многу проблеми да воведе ред кој кога да го води орото. За тоа граѓаните плаќале, но парите не ги жалеле само да се покажат пред толку свет. Имало недоразбирање и кавги, а се случило и едно убиство. Расправајќи се околу тоа кој каде да игра, се скарале Ацо Филиповски и Страшко Пашо. Првиот бил војник на отсуство, бил во униформа и со војнички бајонет смртно го прободел Пашо, пред голем број луѓе, кои биле на игранката.

Додека најголем број граѓани се труделе и бореле да бидат на чело на орото, имало еден човек, кој никогаш не посакал да биде ороводец. Тоа бил Величко Аврамов. Низок, ковчест, слаб и исцеден од тешката полска надничарска работа, испечен на сонцето. Тој секогаш играл на „кец“ (на крајот на орото). Тоа го знаеле сите и не му пречеле ниту му правеле било какви проблеми. А како играл? Речиси не газел на земјата, туку летал, летал, сиот предаден на играта, уживал, играл за себе, за својата душа, за лично задоволство, охрабруван од присутните. Тој опашката на орото ја влечел лево-десно, напред-назад, секогаш диктирајќи пеколно темпо. Тој, добриот, добриот Величко Аврамов го сакале сите, го посматрале со задоволство и му ракоплескале. А бил неуморен. Како да сакал низ играта да ја истера сиромаштијата во која живеел.

Ваквите игранки биле организирани и пред кафеаната „Брегалница“ и кај „Серава“ на денешна Трета МУБ. Додека во Карапското Маало се собирале повидни граѓани, од тогашната градска елита, на останатите игранки иделе граѓани од „втор“ ред. (П. Трајковски, 1997).

И денес ова маало не го изменило својот изглед. Донеодамнешната калдрма нè потсетува на старите времиња, а старите, мали македонски куќи, следејќи ги современите услови на живеење претрпеле промени, но со некои стари, ситни зачувани детали сведочат за старото време. Особено занимливи се ентериерите во некои од овие куќички, а некои се одликуваат со стари балкони, баџи, доксати и други старовремски детали на фасадите и покривите.

 

Користена литература:

Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.

А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на Филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997.

М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).

Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник