Дека упорноста, посветеноста, креативноста и знаењето немаат ниту лимит ниту граници покажува примерот со нашиот сограѓанин Маријан Стевановски, кој во својата досегашна животна кариера оствари и постигна навистина неверојатни успеси и резултати и тоа во повеќе дејности од општественото живеење кои сами по себе говорат за неговиот раскошен талент и потенцијал, а истите секако заслужуваат голема почит и голем респект.
Како примарна и појдовна дејност од животната кариера на нашиот сограѓанин Маријан Стевановски секако е образовно-интелектуалната дејност од којашто дејност тој всушност го црпе целото свое знаење, но и целокупната енергија, како и сиот мотив за перманентна активност и перманентно докажување. Тој по своето дипломирање на Економскиот факултет како амбициозен академски граѓанин успеа да се стекне со титулите доктор по економски науки и доктор по природно-математички науки – информациони системи.
Инаку, тој работи како редовен професор на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе и Битола каде што покрај редовен професор е лиценциран и за самостоен научен истражувач. На МИТ универзитетот во Скопје (каде што претходно работел) извршувал повеќе функции како што се: декан на Факултетот за информатички технологии, декан на Факултетот за менаџмент, проректор за настава и ректор на Универзитетот.
Досега има издадено 21 книга со научно стручна литература од областа на економијата, математиката, информатиката и информационите системи, вештачката интелегенција, една монографија и една збирка хаику поезија, а има напишано и над 80 научни трудови во повеќе меѓународни списанија.
Исто така, тој работи и како овластен и лиценциран предавач и испрашувач од областа на информатички науки за програма од Европската Унија ЕЦДЛ за сите нивоа, за Аутодеск програми како и за многу програми лиценцирани од Министерството за образование на Република Македонија, а има работено и како визитинг професор на повеќе универзитети како во државата така и во странство и тоа од областа на информатиката, математиката, економијата и менаџментот.
Сега работи како редовен професор на Факултетот за информатички технологии на Меѓународен славјански универзитет во Свети Николе и во Битола, визитинг професор во Еуро колеџ и во образовната установа Виртуал –М во Куманово.
Уште на рана детска возраст тој го покажал својот интерес и талент кон фудбалот и веќе на својата 10-годишна возраст станал член на Првата пионерска фудбалска школа на ФК Куманово, а подоцна поради својот раскошен фудбалски талент како голман цели 4 години го носел и дресот на пионерската и младинската фудбалска репрезентација на Македонија, за да подоцна стане и прв голман на сениорскиот тим на ФК Куманово каде што кариерата ја завршил во 1992 година.
Од 1992 година почнал да се занимава со трчање на маратони планинарски треил маратони, планинско искачување и високогорство. Досега има учествувано во над 20 маратони и полумаратони како и во над 60 планинарски трки, од кои што најголемата му е оваа година на планината Галичица во должина од дури 65 километри.
Како планинар се има искачено на над 250 планински врвови како во земјата така и во странство, а како член на меѓународни високогорски експедиции ги има освоено врвовите Арарат – Турција (5137 м), Дамаванд – Иран (5610 м) а во своето седмодневно искачување на Алпите ги освоил и врвовите Брајтхорн (4165 м), Балменхорн (4167м), Пирамида Винсет (4215 м) и врвот Мон Блан (4807 м).
Освен во науката, образованието и во спортот Маријан во својата досегашна животна кариера има постигнато и завидни резултати, но и солидна кариера како музичар и тоа во џез-музиката каде што е активен преку 30 години.
Како џез музичар бил член на неколку џез-групи и тоа: МС Бенд, Ико и Маријан Банд, Македонски Диксиленд џез-оркестар, Јам Бенд и групата Гоце Мицанов Бенд.
Последните 8 години е претседател на Институтот за наука, уметност, култура и спорт и организатор на Џез-фестивал, Куманово.
Било како било, во случајот со проф. д-р Маријан Стевановски станува збор за една многу успешна животна приказна која сама по себе може да биде пример и потик, но и патоказ за многу млади идни генерации, каде и во кој правец да ја усмерат својата енергија и својот талент за да подоцна во животот и тие станат успешни, зрели и здрави личности.
Т.Д.