Влеговме во најубавиот период од годината… Празници се ближат, еуфорија насекаде… Си беше еднаш така една глобална слика во рамка токму онаква шарена како во сликовниците или приказните со Дедо Мраз… А дали празниците носат толкава помпезност и среќа, знаеме само ние кои непосредно се среќаваме со многуте поединечни животни приказни во кои Дедо Мраз одамна го изгубил вистинското значење.
Затоа најубавиот период од годината не треба да го глобализираме. Глобалата понекогаш знае да даде прозрачен приказ токму како блесокот на жижалицата. Но, дали сте се запрашале кај одат прегорените жижалици, искршените лампиони, промашените и тажни животни приказни кои секоја за себе носат своја судбинска нишка?
Постои човек, а не луѓе… Кај и да сме, што и да правиме, ние се носиме себе со себеси. Исклучително е битно да нагласам, дека е сосема ок секој да ја бие својата битка. Всушност и секоја битка е испишана со перото на судбината, добра вест е што можеме да работиме на себе. Од некои битки излегуваме како победници, од некои како губитници, но најбитно е да се остане во контакт со себе и да се преживее секоја емоција каква и да е.
Не треба да се бројат падовите во животот, сосема е нормално човек да го допре и дното. Ако сте имале среќа да го почувствувате ова знаете дека: „На врвот секогаш има место ако се тргне од дното”. А да, тешки се овие битки! На крајот на денот, годината, животот, не е битно колку пати сме паднале, сосема е нормално, живи луѓе сме, се бројат само воздигнувањата коишто јас често ги нарекувам „воскреснувања” како мое лично доживување, сосема спонтано и автентично.
Мислите креираат, ја бојат нашата реалност, расположението. Опсесивните вознемирувачки мисли се замки кои неприметно се вовлекуваат во нашиот ум, формирајќи го начинот на нашето размислување.
„Сите среќни семејства личат едни на други, несреќните се несреќни на свој начин”- „Ана Каренина“, Толстој.
Еве ја глобализацијата. Но факт е дека начинот на размислување е причинско-последователен. За некого празниците не значат задоволство, умот креира, некој се бори со тага, со болка, со стравови, со негативни прогнози…
И не на сила! И не по секоја цена празниците треба да бидат исфилувани, замаскирани, лажни… Реално е да си ги препознаваме потребите и емоциите!
Опсесивните мисли длабоко влијаат на нашата емоционална состојба, донесувањето одлуки и квалитетот на живот. Стравот од неуспех може да го блокира нашиот напредок и да се најдеме во кочијата на Дедо Мраз заглавена во лавина од снег. Таа неизвесност може да ни создава постојана анксиозност и загриженост. Мислите се поврзани со нашите уверенија, стравовите од неприфаќање и чувство на губиток на контрола и ете нѐ спонтано заробени во својата глава баш во „Најлудата ноќ од годината”.
Навиката од 2024 не се прекинува, напротив закочена е во умот. Размислете за реалноста на вашите мисли. Дали се доволно реални да си ги понесете во 2025!?
Препознавањето на ирационалните мисли, согледувањето од друг агол би можело да ви биде појдовна основа во јануари… Да си дадете прилика за влог во менталното здравје и работата на себе… Именувањето значи давање форма и нивно посматрање, прилика за освестување. Многу е во ред празниците да не ви сѐ по ќеиф, постои спектар на емоции. Јас често знам да кажам еден француски израз кој мене многу ми резонира: „Пушти нека паѓа” – (laisse tomber).
Сосема е ок доколку за време на празниците не сте ок… Ако преживувате и доживувате различно. Не заборавајте на вашата единственост и посебност. Не сум била и јас ок. Нормално е…
Годината поминува, а ние остануваме со цела вреќа насобран терет помешан со прав од долапите на нашата душа. Не е како вреќата на Дедо Мраз, полна со мирисни и шарени лаги, ама е реална и полезна кој знае добро да ја носи. И ете како мислите се имагинарни и од еден текст создаваат урбана бајка. Мислите креираат од година во година, а секој од нас е друга верзија на себе си.
Затоа, дајте си шанса, гушнете го детето во вас и раскажете му ја најубавата новогодишна бајка. Научете го дека животот не е рамна линија и дека борбеноста е единствениот правилен начин, но дајте му можност да бира и самото да си најде свој сопствен начин. Најбитното: „пуштете нека паѓа“ сѐ што е премногу за вас, ништо „не се мора” само „треба да се сака”.
Почитувани,
ќе ви посакам во Новата година да бидете живи и здрави во контакт со себе. Да бидете прво и основно свој приоритет. Да разговарате со детето во вас. Да си најдете свој психотерапевт. Да шетате, да патувате, да лумпувате. Да бидете свои и оргинални. Битно е она што ќе ни остане на крајот од секоја година кога 31 ќе го заокружиме на календарот. А тоа е нашата верзија на личност, моќта да сакаме безрезервно и да живееме по нашиот урнек.
Гордана Нестора дипл.социјален работник, сертифициран интегративен психотерапевт, сертифициран тренинг-едукатот, автор и писател