Вчера, во четврток, на 19 декември, православните верници во Македонија ја чествуваа најчестата слава во македонските домови, Свети Никола, кој се смета за заштитник на морињата. Среќна нека им е славата на сите што ја чествуваа и среќен нека им е именденот на сите што го носат името Никола, Николина, Нина…
Поради вчерашниот голем христијански празник Свети Никола, статијата во продолжение ја посветуваме на црквата „Свети Никола“, како најстар христијански храм во градот, посветен на големиот светител Св. Николај Чудотворец, архиепископ Мирликијски.
Црквата „Свети Никола“ спаѓа во еден од најстарите верски објекти во градот. Се наоѓа во кумановското Варош Маало.
Таа е една од двете постоечки цркви во Куманово, која за разлика од втората нова црква „Света Троица“, го има статусот – споменик на културата.
Црквата меѓу кумановците е позната и како „Стара црква“. Била подигната во 1851 година, на местото каде што претходно се наоѓала една мала црквичка, вдлабена в земја со 9 скалила, исто така посветена на светителот „Свети Никола“. Во неа служел свештеникот Тодор, кој се споменува во турските пописни дефтери од 1550 година. Не е познато кога била изградена оваа мала црквичка. Но, многубројни индикации и сознанија говорат дека се работи за многу стар христијански храм и се претпоставува дека егзистирал во градот уште пред доаѓањето на Турците.
Најпрво мора да напоменеме дека пред тоа, во 1828 година, христијанските граѓани во Куманово, барале од турските власти изградба на нова поголема црква, со оглед на тоа дека постоечката и многу стара црква „Свети Никола“ веќе не ги задоволувала потребите на градот. Султанот Махмуд, вака му одговорил на кумановскиот кадија во врска со барањето на граѓаните на Куманово:
„До кумановскиот кадија
Оваа моја наредба која Ви ја доставувам потекна како последица на барањето кое ми го испрати скопскиот митрополит и црковниот одбор преку овдешниот грчки патријарх. По бератот на Скопскиот митрополит Антим и привилегиите кои ги ужива Грчката патријаршија, без мое посебно одобрение и наредба никој не може да се впушти во расправа по прашањето за црквите и манастирите. Меѓутоа во епархијата на Скопскиот митрополит, во гратчето Куманово се наоѓа стара црква „Свети Никола“ и тамошните надлежни се впуштиле во расправа за прашање за оправување на црквата. Поради тоа црковните управители започнале од народот да изнудуваат глоба (прилози). Како ни еден сопр од овој вид не може да се расправа без мое посебно одобрение, ниту митрополитите, ниту митасерафите, а уште помалку тоа да го прават со изнудување на прилози, по пат на оданочување и прибирање на прилози од народот. Затоа ќе се погрижите со ова да го запознаете тамошниот Суд и сите оние на кои ова се однесува и ако се и покрај ова продолжи со подготовки за обновување на таа црква на начин на кој изреков, вие ќе направите увид, ќе ги сослушате сторителите кои постапуваат спроти мојата волја и сите ќе ми ги доставите.“
Во Цариград, сефери 28 јуни 1235 година (1828 г.) Султан Махмуд
Всушност, кумановските Турци биле против подигањето на црквата и биле принудени да го спречат. Се тужеле во Скопје и Цариград и претеле дека ќе ја срамнат со земја црквата која сакал скопскиот митрополит да ја подигне во Куманово. На тие тужби и закани на Турците, турските власти во Скопје повикале осум христијани од Куманово и ги сослушувале за тоа од каде им средства за подигнување на црквата. Тие тогаш изјавиле дека ќе ја подигнат со доброволни народни прилози. Властите тоа го протумачиле како кулук и изнудување на прилог (џериме) од народот. Така било сè до 1842 година, додека приликите во Куманово не се измениле. Турско-арнаутскиот покрет против воведување на реформи, веќе бил дотогаш задушен и христијаните малку воздивнале. На иницијатива на скопскиот митрополит, денешната црква како што напоменавме била подигната во 1851 година. Темелите свечено биле осветени на 15 август 1847 година и таа година започнала изградбата, а била завршена споменатата 1851 година.
Во изградбата на црквата учествувале голем број на христијански граѓани на Куманово. Учествувале и жени. И самите девојки и деца носеле ќерамиди, песок и друг материјал.
Инаку, тогаш по пописот од 1851 година, во градот веќе преовладувало христијанското население. Истовремено доаѓа до постепено слабеење на турската власт, со што се зголемуваат слободите и правата на христијанското население. Тоа е особено забележително кога за валија во Косовскиот вилает дошол Хавзи-паша кој пројавувал наклоност кон немуслиманското население.
За датумот на изградбата на оваа црква сведочат два натписи, и тоа еден испишан на старословенски јазик, на кое е запишано дека е изградена во мај 1851 година, додека на тространата апсида, од надворешната страна, во камен е исклесана 1852 година. Првоспоменатата година се зема како официјална за изградбата на храмот, изградена првенствено со средствата на граѓаните на Куманово. Изградена е од цигли и има форма на трикорабна базилика.
Во 1858 година во Куманово престојувал Јохан Хан (1811-1869), германски правник и долго време австриски конзул во Јанина (Грција). Во својот објавен патописен труд под наслов „Патување од Белград за Солун“ дава скапоцени податоци за Куманово.
За споменатата црква „Св. Никола“ во Хановиот патопис, меѓу другото стои и следново: „Десно од главниот влез во црквата ние пронајдовме еден голем четириаголен пиедестал на кој се наоѓаше првиот римски натпис, и ние признавме дека нејзиното видување нас нѐ направи радосни, затоа што тој натпис покажуваше дека земјиштето на кое сме стапнале има историја, дека сме стапнале во земја каде што зборуваат камењата. Едно подрачје без предисторија многу губи од својата привлечност“.
Оваа црква „Свети Никола“ е дело на познатиот мајстор-градител Андреа Дамјанов од селото Папрадиште, од околината на Велес, а главни ктитори на црквата биле: иконом Димитрије, Крсто-Путо, неговиот син Денко Крстиќ, Рикачовци, Шапкалијанци, фамилијата Борозанови (Ѓоро и Иван), попот Нешо, Хаџи-Стоиљковиќи, Тасо Новоселски и други.
Што се однесува до камбанаријата, треба да се истакне дека во еден период по изградбата, црквата немала камбанарија. Не се знае точно кога е изградена камбанаријата.
Еден од најзаслужените граѓани за изградбата на црквата „Свети Никола“ е кумановскиот иконом Димитрије, кој бил роден во селото Проевце, а е дедо на познатиот Јован Хаџи- Васиљевиќ. Во 1833 година од митрополитот Гаврил бил назначен за прв митрополитски намесник – епитроп во Куманово, на која должност ќе остане сѐ до својата смрт 1880 година. Тој бил мошне мудар иконом, што влијаело да биде почитуван од сите ентитети во тогашното мултикултурно Куманово. Покрај мајчиниот јазик го зборувал и грчкиот, турскиот и албанскиот јазик. За сиот овој период, поконкретно педесетината години, од 1833 до 1880 година, иконом Димитрија бил по сите аршини прв човек на христијаните во Куманово. Како што напоменавме, бил еден од главните ктитори на црквата „Свети Никола“. По неговата смрт ќе се разгорат познатите кумановски црковни борби за црквава помеѓу веќе поделените граѓани на Куманово, односно приврзаниците на Егзархијата и Патријаршијата.
Во црквата биле закопани двајцата највидни кумановци во тој период, стариот иконом Димитрије и Денко Крстиќ, инаку претставници на Патријаршистите. Гробот на Денко Крстиќ во 1902 година бил преместен во новата црква „Света Троица“, додека гробот на икономот Димитрије, кој се наоѓал зад црковниот олтар, бил урнат.
Во 1884 година, во дворот на црквата „Св. Никола“ била соградена една зграда-костурница, што ја осветил грчкиот митрополит, а која служела за одржување на парастоси над коските на умрените. Потоа, костурницата станала магацин за држење на ќумур и свеќи, додека коските на умрените биле пренесени во визбата. Така било до 1887 година, кога костурницата била затворена.
На западната страна од дворот се наоѓаат црковни гробишта, на кои биле погребувани црковните старешини од поодамнешниот период.
Инаку, до 1868 година, гробиштата во градот Куманово се наоѓале и биле лоцирани во црковниот двор на „Старата црква“. Таа година забраниле христијаните да ги погребуваат околу црквата „Свети Никола“, па гробиштата биле преместени на нова локација во близина на денешната црква „Света Троица“.
Во дворот на црквата „Свети Никола“ во Куманово, во минатото се наоѓала една убава двоспратна школска зграда. Таа започала да се гради со народната помош на населението во Куманово во 1873 година, а била довршена дури 1881 година. Околу правото на користење на овој објект уште од почетокот на нејзиното подигање се водела голема борба помеѓу патријаршистите (Србите) и егзархистите (Бугарите), со што нејзиното довршување во изградбата, многу задоцнило. И оваа школска зграда, заедно со црквата, конечно припаднала на егзархистите во 1897 година. Во неа била сместена егзархиска машка основна школа и нижа гимназија.
Значајни промени во Куманово настанале во 1870 година, кога населението на Куманово почнало да се дели на патријаршисти и егзархисти. Во втората половина на XIX век, две децении се водела борба помеѓу Србите (патријаршисти) и Бугарите (егзархисти), од што произлегла изградбата на црквата „Света Троица“ во 1903 година, позната меѓу граѓаните на Куманово како „Нова црква“. Оттогаш црквата „Свети Никола“ е наречена уште и „Стара црква“.
Користена литература:
Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.
С. Димевски – Црковната борба во Куманово во 90-те години од XIX век, Гласник на институтот за национална историја, Година VIII, Број 2, Скопје, 1964.
Ж. Стојковић – Верски живот у куманову крајем XIX и почетком XX века, Лесковачки зборник XXXVII, 1997.
Д, Масевски & М. Арсовски – Болто – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.
Д. Масевски – Кумановскиот Иконом Димитрија, Списание Корени, (Год. 2, бр. 7, септември 2003, стр. 992-1002).
З. Николовски – Црквата „Свети Никола“ во Куманово (Куманово – Сјајот од минатите времиња), Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.
Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник