Ана Михајловска (14) за прв пат почнала да игра ракомет на својата 12-годишна возраст или поточно во месец септември 2022 година. Првите ракометни чекори ги има направено во ракометната школа „Старс” во Куманово каде што први тренери ѝ биле поранешните истакнати кумановски ракометарки Кети Николовска и Валентина Николовска.
Веднаш потоа, наредната 2023 година, како многу талентирана ракометарка, таа преминува во ЖРК Куманово, во градот Куманово – најорганизирана и најдобра ракометна екипа, којашто се натпреварува во најсилната, односно во првата супер лига на Македонија. Таму за многу кратко време, речиси со светлосна брзина, а под водство на тренерот Славиша Димитриевски – Цаци, најпрвин со своите добри игри и настапи се избори за место во првата постава на екипата. Веќе истата година на само 13-годишна возраст стигна и до својата прва титула во својата кратка, а сепак успешна ракометна кариера освојувајки го Купот на Република Македонија.
Денеска, иако има само 14 години, таа е стандарден првотимец во екипата на ЖРК Куманово. Паралелно со настапот во сениорската екипа, заради возраста (14 години) со голем успех настапува и за кадетската екипа на ЖРК Куманово каде што се истакна и како добар голгетер. Нејзиниот рекорд како стрелец засега е седум постигнати голови на еден натпревар, а пак за сениорската екипа на еден натпревар има постигнато најмногу три гола и тоа на гостински терен, податок кој сам по себе говори за нејзиниот голем и раскошен ракометен талент, но исто така и за нејзиниот голем ракометен потенцијал.
Што се однесува пак до нејзиниот спортски ген, Ана го има наследено од нејзиниот татко Игор Михајловски – Штакер, еден од најдобрите поранешни кумановски но и македонски кошаркари. Тој во минатото, покрај настапот во КК Куманово, има настапувано и за екипите на МЗТ Скопје, Работнички, Борац од Чачак, Порто како и за екипата на КК Партизан од Белград со кој во 1992 година како многу млад и талентиран кошаркар на својата 19-годишна возраст ја освои и титулата првак на Европа, односно го освои Купот на европските шампиони.
Што се однесува пак до талентираната ракометарка Ана Михајловска, таа во моментот е ученик во прва година во СОУ Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово. Засега е одличен ученик и според неа школото и учењето секогаш ѝ се примарна задача и обврска, а додека пак ракометот ѝ е само хоби, кое таа едноставно многу го сака и кое како спорт многу ја исполнува и ја прави многу среќна.
Т.Д.