Почетна Спорт Футсал екипата на ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово го освои Зонскиот турнир...

Футсал екипата на ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово го освои Зонскиот турнир во школското футсал натпреварување

Благодарение на работата и стручноста на професорот Грозде Спасовски по Физичко и здравствено образование од училиштето, кој воедно е и тренер на школската екипа УСК  „Кочо Рацин“, футсал екипата на училиштево на неодамна  одржаниот зонски турнир го освои првото место, со што обезбеди пласман на Регионалниот турнир, кој ќе се одржи  во февруари идната година.

Но, за да избори пласман на Зонскиот турнир, пред тоа футсал екипата на УСК „Кочо Рацин“ учествуваше во натпреварите во Општинската школска футсал лига. Оваа година таа за првпат се организираше во Куманово и во неа зедоа учество 15 екипи од исто толку основни училишта од  градот. Во оваа лига се одиграа вкупно 52 натпревари и најдобри резултати постигна футсал екипата на ООУ „Кочо Рацин“, со што станаа општински прваци во оваа лига и автоматски се пласираа на Зонскиот турнир.

Што се однесува пак до зонскиот турнир за оваа натпреварувачка сезона, оваа година се одржа во Куманово и тоа во салата на ДСУ „Киро Бурназ“  и на него настапија футсал екипите  на ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово, ООУ „Илинден“ од Крива Паланка како и ООУ „Никола Карев“ од Пробиштип. Турнирот се одигра по принципот „секој со секого“ и на крајот по одиграните натпревари, футсал екипата на УСК „Кочо Рацин“ го зазеде првото место, победувајќи ја најпрвин екипата на УСК „Илинден“ од Крива Паланка со 4:0, a потоа и екипата на УСК „Никола Карев“ од Пробиштип со 6:0.

Luxury Catering Service

Тајната на успехот на екипата, според кажувањето на учениците-членови на футсал екипата на училиштето „Кочо Рацин“ лежи  во дисциплината и меѓусебното почитување меѓу учениците, но и во работата и во извршувањето на поставените задачи од страна на професорот и тренерот Грозде Спасовски. Овие стандарди  во екипата барем засега се на високо ниво, а сите во екипата се убедени дека оваа играње и дружење и овој успех ќе продолжи и во иднина.

Т.Д.