Почетна СТАРО КУМАНОВО За некогашната улица „Земунска“ во Куманово

За некогашната улица „Земунска“ во Куманово

Разгледувајќи ги старите разгледници за нашиот град, наидуваме на интересни фотографии од минатото на Куманово. На некои од тие фотографии, голем број на граѓани од Куманово, всушност не знаат за што станува збор. Не ја знаат историјата на фотографијата. Не го знаат местото на кое е фотографирана. Не ја знаат приказната на фотографијата.

сл. 1. Улица „Земунска“ со поглед кон месноста Калиште (денес Спомен-костурница)

Една од повеќето такви фотографии е и фотографијата од некогашната улица „Земунска“ во Куманово. Значајна улица уште од минатото на градот, бидејќи трасата на улицата водела кон градот Крива Паланка. Некогашната улица „Земунска“, всушност е денешната улица „Доне Божинов“. Од тогашната улица „Земунска“, под месноста Калиште (денес Спомен-костурница), од лева страна се делел патот за Врање, кој одел од левата страна по течението на реката Коњарка.

Интересната насловна фотографија за која станува збор е во издание на Димитрије Насковиќ (1896-1954), кој бил издавач на разгледници со мотиви од кумановското поднебје. Го имал прекарот Димче „на мошче“, по дуќанот што му се наоѓал на мостот на тогашниот поток Серава.

Според А. Урошевиќ (1949), тој простор околу тогашната улица „Земунска“, топографски почнал да се пополнува по Првата балканска војна (1912 г), сè до 1940 година. Пред Балканската војна, просторот околу бил под ниви и градини.

Luxury Catering Service
сл. 2. Поглед кон населбата Средорек и кон денешен автосервис „Авто-Марфи“

„Земунска“ улица, по 1930 година го менува името во ул. „Никола Спасиќ“, веројатно по изградба на тогашната бановинска болница, задолжбина на белградскиот трговец Никола Спасиќ.

Најпрво, започнувајќи од раскрсницата со тогашната улица „Хамидие“, подоцна „Крал Петар“, а денес „11 Октомври“, на тогашната Земунска улица постоел Карабаџаковиот и Халил Ваксинца ан.

Карабаџаковиот и Халил Ваксинца ан се наоѓале на местото каде до пред дваесеттина години се наоѓаше супермаркетот „Виктор“, во сопственост на Виктор Манев, формиран во 1987 година, на аголот меѓу улиците „Доне Божинов“ и „11 Октомври“.

Инаку, Карабаџаковото семејсто било познато по тоа што биле сопственици на еден од најпознатите анови во подалечно минато на Куманово, во народот познат како Карабаџаков ан. Според кажувањата на стар кумановец Трајко Левков, анот го подигнал еден од старите Карабаџакови, по име Мемет и тоа врз темелите на еден мал турски ан. Анот го модернизирал Али Карабаџак, за потоа да премине во сопственост на браќата Хасан, Илијаз и Ибрахим Карабаџакови. Во 1937 г., за тогашни 36.000 динари, анот го купиле браќата Санко и Милан Бабагинини.

сл. 3. Карабаџаковиот ан во минатото на улица „Земунска“

Анот бил урнат некаде 1956 година, а бил стар повеќе од 150 години.

Во Карабаџаковиот ан доаѓале бројни гости и трговци и од подалечните краишта. Анот се состоел од повеќе соби за ноќевање, потоа магацини за чување скапоцена стока, што ја носеле трговците, како и штали за добиток.

Во Карабаџаковиот ан имало топла бања и простран чардак за одмор и пиење кафе и чај. Со еден збор, тој претставувал еден од најмодерните анови не само во Куманово, туку и пошироко.

Во есејот „Исповед на еден скитник“ доајенот на кумановското новинарство и публицистика Петар Трајковиќ, објавен во списанието „Корени“ бр 25/26 од 2008 година го пренесува сеќавањето за Карабаџаковиот ан од стариот Анадолец Бектеш:

„Отседнав во тогаш најдобриот ан во Куманово, Карабаџаковиот ан. Беше во центарот на градот. Имаше приземје и кат, а и просторен двор и стаи за добиток. Во приземјето имаше соба во која се чуваа драгоценостите што ги оставаа гостите кои престојуваа во анот. Нив ги чуваше специјално за тоа одреден човек. Имаше просторија за оставање на седла, самари и друг багаж. Долу имаше и една просторна просторија, богато уредена со килими и меки перници, голема маса и неколку масички, а имаше и шилтиња и душеци, кожи од овци и други удобности. Постојано се вареше чај, а во соседството постоеше ашчилница во која гостите се хранеа. На горниот кат имаше неколку соби за престој и спиење на гостите, кои остануваа подолго време во анот. Во Карабаџаковиот ан престојуваа само богати луѓе, зашто анот беше прочуен, чист и удобен, а семејството Карабаџакови богато и чесно…“ (Д. Масевски, 2016).

Инаку, Хасан Карабаџак, кој бил имотен Турчин, по занимање трговец, бил издавач и на стари разгледници за „Старо Куманово“.

Вториот ан – Халил Ваксинца бил веднаш до Карабаџаковиот ан, а сопственик бил некој Халил од с. Ваксинце. Ановите напред имале големи порти од храстово дрво, оковани со железо. Некои постари кумановци кажувале дека во овие анови освен храна, кафе и чај, можело да се добие и наргила со тутун, но и хашиш. Сигурно дека хашишот слободно се уживал во турско време, но не и по Кумановската битка, кога Турците ја напуштиле Македонија (П. Трајковски, 1997).

Во близина на Карабаџаковиот ан се наоѓала чајџилницата на Турчинот Зија Гарсон.

сл. 4. Поглед кон градот Куманово и улица „Земунска“ од Спомен-костурницата

Во Куманово, во меѓувоениот период, на улица „Земунска“, спроти печатницата „Просвета“, живеел познатиот руски лекар Георги Камињецки. Тој бил роден во Русија во 1896 година, а загинал во бомбардирањето на Куманово на 6 април 1941 година. На местото каде што се наоѓала неговата куќа, денес се наоѓа висока станбена зграда. Георги Камињецки бил куќен пријател на рускиот инженер Владимир Антонов.

На тогашната улица „Земунска“ и „Никола Спасиќ“, се наоѓале голем број кафеани. Според Д. Масевски (2016), тука се наоѓале споменатиот Карабаџаков ан, кафеаната „Сирма“ на Јаким Бончиќ, „Четирце“ на Арсо Стојановиќ, чајџилницата на Станко Јосифовиќ, меаната „Пчиња“ на Јаким Стефановиќ, „Америка“ на Владо Милосављевиќ, „Кратово“ на Никола Ѓинџевиќ, хотел „Скопје“ на Ѓорѓе Кузмановиќ, „Крали Марко“ на Доне Ѓорѓевиќ, „Зајечар“ на Даница Микиќ, „Цвеќе“ на Петко Марковиќ, меаната „Народна“ на Ѓока Николиќ и подрумите „Жупа“ на Љубомир Милосављевиќ и Јана Алексиќ.

Масевски (2016), уште вели дека на улицата „Земунска“ последната кафеана била лоцирана на бројот 58, а насловена како „Цвеќе“ (Л’кчова кафеана) на Петко Марковиќ и таа може да се издвои и уште по две работи. Освен кафеџиската дејност била една од најпознатите бордели во тогашното Куманово. Собите за анимир-дамите биле во задниот дел од објектот во кои се влегувало од посебен влез. На одредено време „дамите“ со пајтон биле водени на лекар. Во слочајов е интересно и би требало да се напомене дека нејзиниот сопственик Петко Марковиќ е родениот дедо на познатиот бард на српската книжевност, писател, новинар и сликар, боемскиот кнез од Чубура Слободан Марковиќ – Либеро Маркони, инаку роден 1928 година во Скопје, син на најстариот син на Петко Марковиќ, Димитар Марковиќ кој бил официр во кралската војска на тогашната Југославија.

По Втората светска војна, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улица „Доне Божинов“ биле кафеаните на: Евгенија Оџаклиевска (гостилница), Петруш Стефановски, Јордан Димановски (гостилница), Кирил Поповски, Зилбер Сејдиевски (народна кујна), Нијази Рамадановски, Мехмедали Аетовски (гостилница), Стојан Георгиевски, Страшко Георгиевски (Д. Масевски 2016).

сл. 5. Улицата „Доне Божинов“ и единаесеткатницата во 1981 година

Во близина на Автобуската станица во градот, свој угостителски дуќан „Гурман“, со специјалитети на скара отворил познатиот кумановски ќебапчија Теодос Кузмановски – Доце Дурак.

Спроти него, на улицата „Доне Божинов“ бил отворен ресторанот „Југославија“ на Саво Спасовски – Буѓо.

Во Куманово значајно место во подготвување на вкусен ќебап и други производи од мелено месо има ќебапчилницата „Холидеј“ на Кадри Хавдиу, кој во Куманово доаѓа од Тетово во 1923 година, а своја ќебапчилница отвара во 1990 година на ул. „Доне Божинов“, пред Автобуската станица. Инаку, ќебапот во оваа ќебапчилница над две децении го месел и подготвувал со сите марифетлуци, призренецот Башир, Горанец од Косово.

И за крај, по Втората светска војна, Куманово доживува крупни промени и на полето на комунално-станбената изградба и урбаното обликување. Градот се менува и расте речиси на сите страни. Старите кумановски улици го менуваа ликот, се рушеа трошните кумановски домови, се градеа нови. Се смени и некогашната улица „Земунска“ подоцна „Никола Спасиќ“, а денес „Доне Божинов“.

Користена литература:

Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.

А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на Филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997.

Д, Масевски & М. Арсовски – Болто  – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.

М. Арсовски – Болто – Стари издавачи на разгледници во Куманово, Списание Корени (Год. 4, бр. 14, јуни 2005, стр. 2231-2236)

Д. Масевски – Руската колонија во Куманово, Списание Корени, (Год. 7, бр. 27, септември 2008, стр. 4417-4426)

Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник