Почетна ИНТЕРВЈУ ДРАГАН ЈАКИМ: Кумановци се најголеми шегобијци и боеми, затоа и „Тумба фест“...

ДРАГАН ЈАКИМ: Кумановци се најголеми шегобијци и боеми, затоа и „Тумба фест“ е најуспешен!

Куманово е познат како град на шегата, секако и по батко Ѓорѓија, по тумбата со четирите бандери и по сите оние чешит песни испеани на Фестивалот на новосоздадени шегобијни песни „Тумба фест“, со кои народот се смее и весели и од кои некои станаа мегахитови, а и се обнародија.

А тоа што годинава фестивалот беше најдобар од сите други, е сосема доволна причина и одличен повод за средба со директорот, господинот Драган Јаким, и разговор со кој ќе ја заокружиме оваа година.

Господин Драган, четири месеци по најуспешниот фестивал за оваа година „Тумба фест“, со право кажано така поради хитовите кои излегоа од него, се среќаваме со смирени чувства меѓутоа и со разбистрен мозок да поразговараме што беше она што се случи оваа година во Куманово.

Оваа година во Куманово се случи „Тумба фест“ по 12 пат, имавме, а и медиумите се сите до еден согласни дека навистина  направивме добар фестивал, извадивме добри хитови, како учесници имавме наши естрадни ѕвезди кои веќе повеќе години доаѓаат на “Тумба фест”. Годинава се одржа по 12 пат, а ние како здружение “Етно ризница”го организираме веќе 6 пат, така што и ние на некој начин пораснавме со фестивалот од аспект на организација. А и самиот факт што фестивалот веќе три години по ред се одржува во рамките на Кумановско културно лето, го потврдува тоа. Се одржува во последната недела на август (годинава на 29 август н.з.) луѓето веќе се вратени од одмор, тоа е баш пријатен период… Тој е уникатен, а ние, и „Тумба фест“ и Кумановци и Куманово и нашата држава секако, треба да биде горда на тоа што има фестивал единствен во светот од ваков карактер.  Шегобијниот карактер, тоа му личи на Куманово секако, ама сепак сериозноста на фестивалот е повисока во однос на шегобијноста.

Luxury Catering Service

Што  внесовте дополнително па што оваа година расцвета фестивалот?

Здружението „Етно ризница“ во својата мисија си има поставено задача да го чува историското културно наследство. Тоа е најважното- по пат на „Тумба фест“ ние да го чуваме историското културно наследство на дијалекти, за да истото се приближи до младите генерации. И еве од самите тв кадри се гледа дека, ако порано „Тумба фест“ беше за возраст 50+ публика, оваа година навистина имаше доста млада публика. Правиме еден спој меѓу минатото и сегашноста и сето тоа проследено на еден шегобиен начин, онака како што му личи на Куманово. Но уште нешто. На пример оваа година  Маргица Антевска направи камбек,  со песна со наслов „К’т ќе дојдеш у Куманово“.  Нашиот сограѓанин Боге Стојановски- Дилиндарац испеа песна со која ги повикува луѓето  „В Куманово ти намини“.  И не само тоа,  ги опеваме, воспевуваме кумановските сокаци, кумановските обележја како што е батко Ѓоргија како што е Досе, како што е Нагорички сокак, Проевски сокак, Врањско џаде, Велешки сокак и ткн.

Традицијата оваа година ви беше главно обележје, но имавте и присуство на модерни тематики.

Ние инсистираме и разговараме со авторите да си прават текстови за локални јунаци, за нивни локални случувања, за она што го обележува еден крај. Ташко Каранфиловски, придружен од „Астра бенд“ годинава испеа една ресенска песна, која по некои мои сознанија сега веќе е голем хит во Ресен, во Преспанскиот регион и во дијаспората, се пее по свадби и веселби. Ташко донесе песна за Иванка која е локален јунак симбол на Ресен. Како што низ годиниве наназад имаше песна на валандовски дијалект која пее за вистинска случка за еден јавор каде се среќавале  двајца љубовници, Валандовчани… Освен со мирис на традицијата имавме и песни со модерна тематика. Кате Брезева со „Соната“ донесе една многу убава карактеристична кривопаланечка песна за министерката, во која пее дека не сака веќе да биде пејачка  ѝ здодеало, сака да биде министерка…

Кога сме кај Куманово, секогаш кога ќе се спомене  прво што нѐ асоцира на тој музички живот е Нино Величковски, токму затоа што боемството на македонската сцена најмногу го прикажа овој Ваш пејач, во една мошне позитивна и џентлменска варијанта. Тој  негов, толку претставителен кумановски манир, успеа да го наметне буквално секаде каде што стапнал и каде што испеал песна. Какво е неговото значење за Вашиот фестивал?

Ние од Советот, кога го правиме фестивалот, а 365 дена во годината живееме со тоа, секогаш на листата на учесници прво го запишуваме Нино, човекот без кој „Тумба фест“ нема да биде „Тумба фест“. Нино константно е присутен на нашата сцена. Од последните шест фестивали кои ние ги организираме,  учествуваше на пет. Но има настапувано и на претходните изданија . И ден денес се слушаат песните „Стар беќар“ и некои други кои беа испеани во далечната 1995 до 2000-та, било како соло пејач, било како член на октетот „Куманово“.  Наскоро во своја продукција ќе издаде и носач на звук со тие испеани песни, кој наредната година ќе го промовира најверојатно во рамките на фестивалот како оффест содржина, како што годинава ни беше промоцијата на стихозбирката со текстови испеани на „Тумба фест“ од Боби Петковски. Нино е Нино, убаво рековте поим за боемството во Куманово.

Навидум локален, но како фестивал има голема широчина во својот концепт- вклучувате и пејачи од странство меѓу кои дури и најслушаната песна фактички е испеана од Србин.

Да. Тоа е песната „Голем мераклија“, текстот е на Боби Бобан Петковски, кој пред малку го спомнав – најплодниот текстописец на „Тумба Фест“, музиката на Сашо Митковски од Крива Паланка, а пејачот кој ете се нашол во Куманово преку една многу интересна приказна што јас ја слушнав, успеал да ја сними и таа да стане најголем хит- тоа е Беки Бекиќ. Во кумановскиот и не само кумановскиот, ами и во поширокиот регион, нема свадба, нема веселба каде што не се слуша барем по два, три пати. Освен тоа ја преснимија и Круме Спасовски, Злате Антевски, Оливер Алексовски. Дефинитивно сѐ уште кога ќе се помисли на „Тумба фест“ асоцијацијата е  „Голем мераклија“, а и убав е зборот хаха.

Ова посочува дека фестивалот е отворен и за пејачи од регионов, а и за наши пејачи  Турци, Роми, Албанци? Бидејќи ние живееме во мултиетничка средина, што ако некој изрази желба да испее песна на свој мајчин јазик, ќе дозволите?

Како не? Воопшто не е проблем. Дури ние имаме и примери, на самиот фестивал на кумановски дијалект имаат пеено турчин, романец, меѓутоа во поново време Горан Жижак алијас диџеј Крмак испеа песна на босански дијалект. Оваа и минатата година Бранимир Стошиќ пееше на врањски дијалект кој е многу сличен на кумановскиот нели, меѓутоа еве отворени сме и за песни кои би се испеале и на турски, на албански, на ромски и тоа воопшто не проблем…

На бугарски да речеме?

Да. Зошто да не? Па речиси континуирано последниве пет години имаме претставници од Србија и од Бугарија. Годинава две пејачки беа од Бугарија и песните им се многу слушани- едната пееше на македонски јазик, а едната испеа на кумановски дијалект. И на топ листата веќе го зазема првото место.

За каква топ листа станува збор?

Од оваа година новина е што воспоставивме поголема транспарентност, така што веќе издадовме три „топ десет“ листи-  септември, октомври, ноември, декември. За месец октомври прва со најголем број на гледаност беше песната на Вања Најденова од Бугарија меѓутоа сега актуелно Ташко Каранфиловски со „Неста ресенска“ веќе е на првото место по број на гледаност.

На фестивалот уште од првото издание беше голем престиж да се настапи, тргнувајќи од фактот што тој како идеја е појавен во „Валандово“ (поточно на постфестивалските дојрански дружби) и тоа во најславните фестивалски години, така уште веднаш на него доаѓаше таа А класа пејачи од типот на Ленче Дедејска, Петранка Костадинова…

Па да, во тоа време настапуваше и Ристо Краповски, Маргица Антевска, Нино и „Октет Куманово“… во поново време настапуваа и Зуица Лазова, Душко Георгиевски, Елена Велевска, а од старата гарда Ванчо Тарабунов, Круме Спасовски, Благица Павловска, така што можеме да се пофалиме дека сме имале и имаме исполнители од првата лига на нашата естрада и пошироко. Последниве години се пееше и на повеќе дијалекти, годинава преовладуваат и од Западниот крај, како Влатко Миладиновски, понатаму Петар Нечовски од Охрид, кој веќе три години по ред доаѓа на фестивалот и има испеани две песни на охридски и една на струшки дијалект, па Ташко на ресенски…

Оваа година Ѓоко Ѓорчев, многу лесно, да речам како кршење тенок мраз со рака,  разби уште една граница- врвен легендарен  пејач дојде и испеа класична забавна песна  и беше доста храбар да направи пресврт.

Ете и тоа е еден позитивен пример и ветер во грб за самиот фестивал. Настапот на Ѓоко Ѓорчев и нашата Јованка Јо- која пред тоа високо котираше на забавното српско шоу, „Никогаш не е доцна“, покажа дека и самите изведувачи веќе прифаќаат дека иако е фестивал на шегобијна песна сепак си има своја сериозност.

Знаеме дека сериозност е во основата на духовитоста на нашиот народ…

Ние во суштина кога велиме шегобијност тука ги селектираме текстовите да не бидат вулгарни, да не бидат претерано еротски, да не бидат неразбрани од публиката, а низ еден суптилен шегобиен пристап кажуваме за проблемите, ги опејуваме личностите, ги опејуваме настаните и така натаму. Од аспект на организација водиме сметка за текстовите, да не се прескокне некоја црвена линија. Тука морам  да споменам, имаме совет во кој членуваат видни музичари-  Слаѓана Ивановиќ, Игор Трајковски наш роден Кумановец кој во последно време прави навистина убави песни и е застапен на фестивалот секоја година, Цане Петров наш истакнат аранжер и продуцент Александар Стефановски и Горјанчо Досев, а ни се приклучуваат и луѓе кои сакаат да се дел од сето тоа.

Оваа година една подруга димензија даде настапот на најпопуларниот хуморист кај нас, „Цацко Конопишки од К-15“, кој со тоа чинам дека многу широко ја отвори вратата и за другите забавувачи од тој тип-  Игор Џамбазов, Жанко З’ш, Џемо Биљбиљ…

Кога се слушнавме со Љупчо (Бубо Каров) и кога му предложив да дојде на „Тумба фест“, беше одушевен и со „Трио Гранде плус“ снимија прекрасна песна во која го опеаја Дојран. На сцената тоа прекрасно  изгледаше, беа облечени како морнари… Ќе ви откријам дека ние имаме разговарано со Игор Џамбазов, имаме разговарано со познат стендап комичар од Куманово Жарко Јовановиќ, Раде Рогожаров годинава мораше да оди на пат, но веќе се подготвува за наредната година. А за повеќе, тоа нека остане маја тајна …

Првата хумористична народна песна испеана на фестивал, тоа е „Чаки панкерот“ на „Фолк фест  Валандово 1989“, чиј комплетен автор беше маестро Јанко Узунов, е мошне успешна, пред сѐ затоа што „нацрта“ профил на  личност која што е сеприсутна кај нас и ни се провлекува 30 и кусур години – мрзелив, неодговорен, кој што сака да се чалами, да се истакнува, а кој живее комотен живот на сметка на родителите… Шегобијните и шеговити песни во суштина имаат многу сериозна порака.

Ха! И ние имаме такви примери, на пример песната „Еј Розике бре комшике“, понатаму „Македонска полиција“ која ја донесе Адријана Алачки, Ленче Дедејска со „Барам место на естрада“ на текст на Ѓорги Калајџиев, па  пееше и во дует со Петранка Костадинова „Една куќа со две жени секогаш е многу тесна“, така што си имавме редица на песни испеани на „Тумба фест“ кои сѐ уште се актуелни. Ленче дојде и на возобновувањето на фестивалот – беше гостинка и ја испеа песната „Ѓоко Ѓоргија“. Самото возобновување во 2019 година беше од еден ревијален карактер, се слушаа песни од претходните шест изданија и имавме 12 нови. Тогаш дојде и Беки Бекиќ, ја испеа „Голем мераклија“ и  уште една песна која некако е и продолжение на мераклијата и се вика „Пијаница“.

Се испеа речиси сѐ и за сѐ…а, сигурна сум дека доколку некој би испеал песна за некој политичар можеби не директно именуван со име, но барем опишан, народов многу ќе изреагира и ќе биде мега хит.

Со Советот на фестивалот разговараме на оваа тема и донесовме заклучок дека сепак луѓето во политиката се променливи. Не сметаме дека политиката треба да биде дел од културата, односно да правиме песни за одредени личности, за одредени политички настани и ткн. Единствено една песна која така ја направивме, меѓутоа тоа е далеку од политика, тоа е песната „Европска“ што ја испеа Марјан Коцев, меѓутоа  кажуваше за тоа дека ние сакаме да одиме во Европа, а како ќе одиме со пипер и патлиџани? Значи тоа беше крајната црвена линија каде што некој можеби би помислил дека внесуваме политика во фестивалот. Едноставно фестивалот е народски за народот, на народ ако му треба политика ќе си гледа вести, ќе си гледа.политички емисии, а кога ќе дојде на „Тумба фест“ нашата амбиција е да гледаме ведри лица, да гледаме ракоплескање, да гледаме задоволен народ, така што ние и кога ги покануваме гостите не вршиме никаква селекција, поканети се да доаѓаат сите, воопшто сите граѓани, сите политичари од било која провиненција. А наш генерален покровител ни е Општина Куманово, без чие покровителство не би можеле да го организираме фестивалот.

Разбирливо е дека иако Вие сте првиот човек, зад фестивалот всушност е и целиот Град на ниво на општина.

Вие веќе напоменавте дека идејата за фестивалот е родена на „Фолк фест Валандово“. Првите шест години фестивалот го организираше Општината. Во тоа време во Куманово егзистираше Радио Куманово и „Наш весник“ и музички уредник на радиото беше господинот Ванчо Михајловски кој заедно со Ванчо Тарабунов, со Блага Петреска, со Миле Барбаровски на едно седнување на кафе во Валандово го прифатиле предлог од Тарабунов: „Ванчо зошто не направите еден шегобиен фестивал во Куманово?“, и веќе наредната година е договорено, така што од 1995 година самата општина заедно со Радио Куманово и „Наш весник“ се организатори на првите шест изданија на самиот фестивал. Од 1995 до 2000 директор на фестивалот беше Ванчо Михајловски, музички уредник во Радио Куманово. Во тој период јас не бев инволвиран, но по 19 години едноставно со Здружението одлучивме да го возобновивме фестивалот и еве шест години како го одржуваме и сметаме дека сме на добар пат.

Многу може да се зборува … Рековме дека годинава ако сите други фестивали имаа по еден, два хитови, „Тумба фест“  имаше годинава буквално само хитови, а Ѓоко Ѓорчев предложи  догодина да се прошири со уште една забавна вечер во која што ќе настапуваат забавни пејачи. Дали оваа идеја ви изгледа прифатлива?

Ние со оваа идеја живееме уште од самото возобновување од 2019 и секоја година го разговараме тој момент, меѓутоа сепак скромните средства не ни дозволуваат нешто повеќе од ова. Меѓутоа се виде дека една песна како што е „Со душа живот украси“ која ја донесоа Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо, публиката многу убаво ја прифати. Така што, идејата е одлична и размислуваме во таа насока, посебно што во нашава држава освен „Макфест“ нема други поп фестивали кои продуцираат шлагерски хитови.

Ни „Макфест“ не е веќе шлагерски повеќе е трендовски, што значи дека постои голема празнина во тој поглед.

Почувствувавме оваа година дека можеби би можело „Тумба фест“ да прерасне во  фестивал кој ќе има две вечери, или ќе има една вечер меѓутоа малку подолга, со дел народна музика и дел шлагери поп музика, меѓутоа имаме време до наредниот фестивал да оцениме дали сме подготвени за тоа.

Како Кумановци го прифаќаат „Тумба фест“?

Го прифаќаат како свој бренд, исто како што си го прифаќаат суџукот и мезал’кот. Куманово си живее со фестивалот, а секој граѓанин фестивалот си го чувствува како свој.

Што мислите, што Вам ве прави Вам поразличен директор  од другите директори на фестивали?

Можеби посветеноста кон самиот фестивал  и локал-патриотизмот. Без да бидам погрешно разбран, можеби другите повеќе се комерцијализирани. Нашиот фестивал е од ревијален карактер, сите се победници. Односно победник е оној кој неговата песна ќе се слуша. Песната едноставно е победник. Единствено  доделуваме две награди- награда за животно дело и награда за најслушана песна помеѓу двата фестивала. А тоа го одлучуваме од Јутјуб прегледите на самите песни.

Ви посакувам Среќна и успешна 2025 година и во неа повторно да направите успешен фестивал. И сосема за крај, што мислите,  иако шегата или мајтапот е присутен во многу подрачја, зошто токму Куманово го бие глас дека во него живее најшегобијниот народ?

Па не само како најшегобијниот, Куманово го бие и глас како најбоемскиот град во нашава држава, едноставно тука луѓето така живеат. Сепак ние го имаме и еден батко Ѓоргија кој што „све што посакаја, сакаја да е његово“. Понатаму Васил Иљоски со својата „Бегалка“ односно Ленче Кумановче, а има редица на личности како што е Трендо бозаџија и други, кои ги воспеваме во песните. Мислам дека сепак најдоминантен хумор и сатира има овде, сепак, Кумановците најмногу од сите останати во државава ги краси тој епитет – шегобијци! На сите нив, на целата публика, на сите пејачи и автори и наши соработници, Вас и на тимот на  „Плоштад“ и јас и членовите на „Етно ризница“ Ви посакуваме Среќна 2025!

Валентина Ѓоргиевска Парго