Голем мераклија! Симбол речиси рамен на батко Ѓоргија. Песна обнародена и без која не се може. Нешто што ќе трае и ќе остане за генерации. Од перо на тогашен радиоводител во далечната 2000-та. Човек кој некои генерации ќе го запаметат по извонредниот радиофоничен вокал со кој некогаш доминирал и го облагородувал етерот во Куманово, некои малку пред тоа ќе го запаметат и по можноста преку МРТВ да стане врвно новинарско име на ниво на цела земја-шанса која му избегала, но факт е дека во антологијата влегува на неизбришлив начин-да се даде сѐ што се има под прстите и во срцето на љубов кон својот роден град.
Кумановци го препознаа, а за пошироката читателска публика-неговото авторско височество, господин Боби Бобан Петковски.
Среќна Нова 2025 година и сѐ најубаво! Она што знам дека освен што јас Ви посакувам среќа и Вие ќе донесете среќа на многу убав начин-преку нови песни, а годинава и преку книги. Токму од тука ќе го почнам разговорот на оваа наша средба. Ако во сега веќе старата, а толку прекрасна за Вас како писател, Ви излезе првата книга, во очи на новогодишните празници ставивте потпис на договор според кој наскоро ќе излезе и Вашиот прв роман. За што станува збор?
Најпрвин како што е редот, домаќински, срдечен поздрав до Вас и до сите читатели на најчитаниот и најактуелен портал „Плоштад” со најискрени и најубави честитки за годината во којашто влеговме. Да, некако од крајот на годинава што си замина ми остана во белег потпишување на договорот со издавачката куќа „Дата Песнопој” од Битола, кои всушност минатата година ја издадоа и мојата прва книга-збирката на фестивалски песни од „Тумба фест”, насловена „Голем мераклија”. Тие објавија конкурс за необјавен роман на кој јас конкурирав и имав среќа или веројатно квалитетен материјал, па мојот роман насловен како „Последното патување” во конкуренција на педесеттина пристигнати дела-победи! Во месеците пред нас се очекува неговото печатење и публикација.
Каква содржина има романот и што Ве поттикна да го напишете?
Романот е всушност историска фикција. Мене, како и на секој Македонец кој си ја сака земјата и историјата, отсекогаш ме фасцинирал животот, а посебно смртта на Александар Македонски, чиешто почивалиште до ден-денес е најголемата археолошка мистерија. Судејќи според тоа што за време на мојот земен живот нема да се случи неговото откривање, си дозволив тоа да го напишам во фикција. Ние писателите сме единствените кои можеме да си дозволиме да си ги „монтираме” нештата според сопствената желба и потреба, па ја искористив можноста да создадам сопствено видување за самиот тој чин. Во историските записи постојат две теории од кои едната вели дека „Аце наш” е погребан во Мемфис, тогашен Египет, а другата теорија вели дека мајка му Клеопатра организирала таен караван со камили и дека телото го пренела на наши простори во Македонија. Е тука јас си играм со мечтата и перото и правам своја „режија”… Тоа е тоа накратко, не сакам да откривам детали предвреме додека не излезе романот од печат.
Интересно! Но, ова не е сѐ како најава за оваа година. Роман на словенечки јазик, земјата во која живеете десеттина години. Пред да позборуваме за делото, би ве прашала зошто отидовте во Словенија? Изградена личност со диплома по книжевност и со свој начин на живот, а заминува од родното огниште…
Да, ете, по некоја игра на случајност или квалитетните содржини кои ги создавам, исто така на конкурсот за необјавен роман со децидно презизирана историска фактографска тематика или историска фикција кој го објави Културниот центар од Марибор и таму победив, и исто така наредниве месеци треба да излезе и романот на словенечки јазик. И таму работев на полето на историска фикција, некако ми е полесно кога јас „создавам” историја мој терк. Во Словенија заминав од причина што во Куманово не функционираше ниту едно радио а јас долги години го „вадев” лебот во тој медиум, едноставно морав да најдам егзистенција, бев самохран родител со обврска кон своите две деца. Задоволен сум што „машки” ја исполнив таа своја мисија. Ги исшколував моите деца и сега се зрели, возрасни луѓе со свои приходи.
Од каде потекна идејата за роман на словенечки јазик. Како воопшто се чувствувавте толку сигурен како автор, па да напишете роман на јазик кој не е Вашиот мајчин и дополнително сте го учеле? Ве обремени ли тоа или ви донесе нова возбуда и ново искуство?
Еден интелектуалец од Словенија, инаку мој пријател, во разговор во врска со романот ми кажа: „Еден си од ретките странци кој ја знае подобро историјата на Словенија отколку самите локални жители”, што самото по себе за мене беше огромен комплимент. Темата на романот е историската анегдота која ја најдов на интернет пред да „седнам” да го пишувам романот, дека убавиот главен град на Словенија, Љубљана, е основан од страна на Јазон и аргонаутите. Верувам дека некој од читателите ја знае таа анегдота кога Јазон го краде златното руно од грчкиот крал и со бродови со својата свита по течението на реката Сава стасува во пределот помеѓу Љубљана и Врхника и тука ја основа Љубљана. Стотици години подоцна, двајца млади археолози, машко и женско, го наоѓаат тој историски вреден артефакт, меѓутоа се вмешуваат американската и руската амбасада и следува кулминација. Работата на романот воопшто не ми претставуваше потешкотија туку голем предизвик кој го исполнив до крај.
Сега смислено одам малку наназад, во разлистувањето на дневникот со Вашата книжевна дејност. Минатата година за првпат го почувствувавте мирисот, воедно и убавината од тоа да се држи своја книга во раце, откако кумановската „Етно ризница” на идеја на Слаѓана Ивановиќ, ја издаде Вашата песнарка „Голем мераклија”. Во неа се објавени текстовите на големи хитови испеани на „Тумба фест”, фестивал во кој со истоимената тема влетавте случајно како текстописец и оттогаш вашиот стих се движи по славни музички патеки.
Да мора да признам збирката „Голем мераклија” со која фестивалот „Тумба фест”, односно челните луѓе Слаѓана Ивановиќ и Драган Јаким, ме почестија со книгата како еден од најплодните автори на фестивалот, за што сум им искрено благодарен беше на некој начин „иницијална каписла” да седнам и да творам понатаму. Да, неверојатно и восхитувачко е чувството да држиш во рацете свое дело, своја книга, свој минат труд, вкоричен меѓу две корици, како траен спомен на нешто што си го работел спонтано со љубов без идеја и намери некогаш да стане книга. Но… Чудни се патиштата Господви, сполај му!
Најавувате нови песни, здравје, ќе имаме можност да ги слушнеме, но што е со големиот забавен евергин „Со душа живот украси”, изведен на „Тумба фест 2024″ од Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо, каде јасно велите „Живеј, не листај спомени!”? Би рекла-божествен и охрабрувачки стих.
Да секако, моето учество на „Тумба фест” е нераскинливо. На десктопот на лаптопот веќе е креирана папка „Тумба фест 2025″ во која досега има речиси десеттина песни, но здравје Боже кога ќе се вратам во Словенија започнува посериозниот ангажман околу создавањето на песните за овој наш фестивал. Песната на нашиот доајен Ѓоко Ѓорчев и прекрасната Јованка Јо, не знам, но некако сама си го најде патот… Фасцинанто беше дека дури на самата премиерна изведба на фестивалот на 29 август минатата година, создаде некој флуид, некоја своја посебна магија. Не знам… Уште во стартот стана безвременска. Нема начин, нема „фиока” каде би ја сместиле. Да ја оставиме да си живее сама по себе. Идејата, темата …Хм! Па сите се движиме кон некои сериозни зрели години, младоста, убавината се минлива категорија, но староста сама по себе носи зрелост и свои убавини. Поентата ми беше дека кога веќе ќе се најдеме во тој временски период нема потреба да се предаваме, животот оди понатаму, само треба да се адаптираме и да живееме со полна пареа.
Признанијата од Градот Куманово, за Вашиот безвременски авторски влог, веројатно ќе пристигнат во догледно време. Од Ваша страна, Вие, што е она што направивте, правите и сакате да го направите за своето Куманово?
Искрено, некојпат ми доаѓа желба да станам добитник на Ноемвриската награда на Градот од чиишто пазуви излегов, но не знам, критериумите се малку нејасни и интересни. Но во ред… На крајот на краиштата, има ли поголема награда кога народот ги прифаќа и со мерак ги пее твоите песни на секоја веселба?! Без оглед на тоа дали од раководните структури на Градот ќе дојдат на идеја ете да го наградат мојот труд и сѐ она што сум го оставил во аманет за градот, јас и понатаму ќе си творам, ќе пишувам, ќе создавам за читателите и за слушателите…
Не само тука и во Словенија имате остварено неверојатни соработки за „дојденец”: снимано улоги за Тв серии со ѕвездени имиња, славни актери, познати евровизиски претставници. Во Србија дури имате испеано и Ваши песни, а најавувате и нови соработки со нивни и домашни музички имиња. Ќе застанете ли годинава пред микрофон, кога веќе Ве оценуваат дека си го имате талентот?
Еве дојдовме до тој момент. Во Словенија сосема случајно открив уште еден свој талент како актер-аматер, односно натуршчик и имам остварено четири-пет улоги во популарни словенечки Тв серии и неописливо задоволство ми е што на тој начин ги запознав сите големи словенечки актерски имиња како што е еден Себастијан Каваца, Катарина Час и да не ги набројувам сега… Интересно ми е што веќе луѓето ме препознаваат на улица, во автобус, понекогаш и ќе дадам некој автограм, но за мене тоа е само еден симпатичен и нов животен момент. Сепак за таа професија треба да си образован, а и не се гледам себеси како актер. Мојата алатка, орудие и оружје е перото, тука сум на домашен терен, „свој на своето”. И на музичката сцена ме знаат, имав соработки со познати музички имиња-да кажам еве со најпопуларната поп-пејачка Аља, на која ѝ напишав песна и во чијшто спот настапувам, потоа со двете евровизиски претставнички Ребека Дремељ и Тинкара Ковач, потоа дружењето со мегапопуларниот пејач на некогашната популарна словенечка група „Поп дизајн” кои двапати настапија, а и победија на „Макфест” кај нас во осумдесетите години Вили Ресник итн… Што се однесува до мене, како пејач имав некогаш амбиции, дури во Србија во 2005 година имам снимено цел албум со десет мои песни но, сфатете, јас велам музиката е „скап спорт”, немав средства да го публикувам и си остана во фиоката тоа е тоа. А и искрено, немам некои вокални способности, и пеењето е школа и занает.
Вие често велите дека сѐ е порака- дека оставаме порака со секој наш гест, фотографија, збор, однесување и слично, а понатаму сето тоа луѓето си го толкуваат различно. Авторите пак постојано се подложни на секакви толкувања- најчесто погрешни, некогаш недоволно прифатени, некогаш дури и сосема погрешно сфатени. Тие всушност цело време оставаат мала недореченост, мистерија, тајна и оттука е и она репетитивно „Што сакаше авторот да каже со ова?”. Бидејќи сте сосема искрен кон мене и читателите, откријте ни во неколку зборови, која е генералната пораката што сакате да ја оставите со сѐ што творите?
Ухх ме најдовте со оваа прашање, поентиравте, секоја чест! Не знам мојата генерална порака е дека љубовта го движи и ќе го спаси светот. Немојте да почнувате никаква работа ако немате љубов. Јас со моите 55 години, иако ја немам запознаено во вистинско светло, сепак и понатаму ја воспевам и ја ставам на пиедестал. Замислете го светот без љубов!? Јас не можам ете, а верувам дека ќе имам истомисленици.
Не постои свет без љубов. А и се твори од љубов. Творештвото е оној дел од креативците кој е директно адресиран до своите најблиски, своето семејство, град, држава, народ, до една поширока публика без граници… А, она што го правиме за себе лично се задоволствата на душата, или како што велат Кумановци со една бесценета изрека „мерак нема цену”. Вашето најголемо задоволство последниве години е едно прекрасно дедино девојче. Ќе ѕирнеме ли како изгледаат разговорите и досетките од тие дружења на дедо и внука, можеби преку некоја книга или песна?
Последново прашање е малку интимно, но ќе се обидам да одговорам на него. Да, јас веќе шест години ја носам титулата „Дедо” и многу сум среќен заради тоа. Мојата преубава внука Андреа секогаш е моја инспирација, колку и да ми е тешко, самиот поглед на нејзина фотографија, или видување преку камера ме полни со енергија како нуклеарен реактор. Мислам тоа е една посебна љубов, посебно чувство кое ве држи во живот, кое регенерира. Ви посакувам на сите да си го доживете тоа. Секако таа е мотивот да творам, создавам, креирам и „утре” кога ќе заврши мојата земна мисија, ќе останат книгите и песните, за мене најголема награда ќе биде таа да може со гордост да каже „Дедо ми беше писател!”.
Валентина Ѓоргиевска Парго