Почетна ИНТЕРВЈУ Интервју со проф. Здравко Савески

Интервју со проф. Здравко Савески

Професор Здравко Савески: Полн во срцето е оној што ја има најдено љубовта на својот живот и што знае да ужива во шумолењето на дрвјата!

 

Професор Здравко Савески е видна и респектирана личност, доктор на политички науки, синдикалец и активист. Експерт по својата наука, но исто толку подготвен и во неколку сродни науки, оттука многу погоден и корисен соговорник од кој може да се научат многу работи за кои не се зборува толку често, скоро никогаш.

Luxury Catering Service

Автор е на бројни стручни трудови и книги, а од нив, по слободен избор, го издвојуваме и спомнуваме само насловот „Богатството и сиромаштијата во Македонија“, книга објавена во 2013 година, на која што професорот е ко-автор.

Изборот се базира на поврзаноста со нашата денешна тема на разговор.

Професоре Савески, иако има доста теми за кои стручно може да се зборува со Вас, јас првенствено би се насочила кон она што главно нѐ засега сите – потребата или подобро речено зависноста од трошење пари. Ако на некого може да се потпреме на објаснувања и едукација на тој план, со право може да речеме дека тоа сте Вие, со сите Ваши напори да се променат нештата во позитивна насока во свеста на луѓето. Тоа го правите на суптилен и упорен начин, преку платформата фејсбук, сиве изминати години. Како тргна таа Ваша идеја и замисла?

Прво што треба да разјасниме е дека на средината на третата деценија од 21 век ние повеќе ја немаме привилегијата ноншалантно да се однесуваме кон предупредувањата дека климатската и еколошката криза ќе ги уништи нашите животи, животите на нашите деца и целиот жив свет на начин на кој дури не можеме да замислиме. Ние денес мора да го промениме не само нашиот начин на живот, што е најлесната задача, туку и економскиот систем кој нѐ турка сите во провалија. Единствената позитивна вест во врска со сето тоа е што она што мора да го направиме е токму истото што може да ги разубави нашите животи. Бидејќи јас во последните години од корен го променив мојот начин на живот можам врз основа на личното искуство да кажам дека еколошки одговорниот начин на живот е барем исто толку добар, а и подобар од загадувачкиот и експлоататорски начин на живот што ни го наметнува капитализмот и неговиот консумеризам. Тоа е она што се обидувам да им го посочам на луѓето, како дел од борбата да изградиме подобар свет. Не го правам тоа само на асоцијалните мрежи (крајно неточно е тие да се нарекуваат „социјални“!), туку и во секоја прилика. Фактички, сѐ помалку го правам тоа на асоцијалните мрежи, бидејќи тие се така наштелувани да оневозможат каква било промена што ќе го предизвика остварувањето профит за мал број луѓе и капитализмот воопшто.

Трошиме многу, сите, повеќе отколку што треба. А точно е и она на шега кажано „трошиме пари кои ги немаме”. Како тоа?

Консумеризмот е важна алатка на денешниот капитализам и има важна економска и пропагандна функција. Економската функција е што купувањето е финалниот акт што го овозможува остварувањето профит за капиталистот, па она што одамна го сфатија е дека произведувањето на расипливи и еднократни стоки е попрофитабилно од производството на трајни добра, што во услови на капитализам може да доведе и до економска криза. Пропагандната функција на консумеризмот е што купувањето на разноразни непотрепштини им го оттргува вниманието на експлоатираните за експлоатацијата на работното место, а покрај тоа тие преку стекнувањето со можноста да купуваат евтини стоки (добиени преку експлоатација на природата и на други луѓе) се стекнуваат со илузија дека се господа, а не наемни робови. Во таа дресура на која се изложени луѓето исклучително важно е да се поттикнува нивното трошење. Тоа се прави преку олеснување на можностите за добивање кредит. Па ги заглавуваат луѓето во долгови. Сето тоа може некако да функционира сѐ додека нема голема невработеност. Но, преголемата дарежливост во давањето кредити на една точка може да покрене лавина на банкроти и, следствено, економска криза. Затоа, гледајте последното нешто што би го направиле е да земете кредит за нешто што не ви е неопходно.

Кој момент е највиновен што се опуштивме и препуштиме на толку трошење? Како да процениме што ни е неопходно што треба а што не?

Она за што треба да бидеме свесни е дека секој систем за да може да се одржи и перпетуира нужно мора да работи на тоа луѓето да ги прифатат и интернализираат вредностите врз кои се потпира тој систем и кои му овозможуваат непречено да тече неговата репродукција. Посочив погоре зошто е корисно за системот да има енормна, прекумерна и еколошки неодржлива потрошувачка. На поединечно ниво предуслови за таквата потрошувачка се постоење работни места со релативно пристојна плата, издашни можности за земање кредити и бомбардирање со пропаганда („маркетинг“) дека е во ред да се расфрламе со парите и да купуваме дури и кога не сме ги заработиле парите. Овие предуслови моментално ги има во Македонија, па потрошувачката треска е неизбежен резултат од тоа. Резултат на сето ова е и намалената, па и изгубена способност на многу луѓе да знаат колку е доволно. Зашто, знаете, има три категории: премалку, доволно и премногу (прекумерно). Систематски се работи на пропагандата луѓето да не го разбираат значењето на зборот „доволно“. Па, во непрестајната трка за што повеќе, не забележуваат дека, иако поседуваат количество добра на кое може да им позавиди кој било крал од 19 век – не се задоволни со своите животи. Едноставна е причината: среќата не може да се купи, па иако поседуваат добра повеќе од кој било 19-вековен крал, значи, и покрај тоа што имаат и премногу, нивните животи се празни и несреќни.

Кои се поголеми потрошувачи, жените, бидејќи прават шопинг (најчесто на нервна база или за докажување пред други жени), или мажите за кои не владее такво мислење но нивните купувања секогаш одат со предзнакот „престиж”, па се конвертираат во полуксузен автомобил, станови, луксузни недвижности.

Системот не би бил доволно ефикасен ако не таргетира која била половина од човештвото, без разлика дали жените или мажите. Можеби најстрашниот аспект е што во последните две децении ги таргетираат децата. Повторно, има „логика“ од гледна точка на дехуманизираниот систем. Прво, на таков начин најлесно може да им се извлечат парите од џебот на родителите, бидејќи е многу тешко за кој било родител да одолее на молбите и притисоците од своите деца да им купат нешто. Второ, на таков начин уште од мали години се создаваат консумеристи, па на тој начин кога тие деца ќе станат возрасни, веќе не мора да се вложуваат напори тие да станат консумеристи. Тие тоа веќе се, и за нив консумеризмот станува единствениот начин на живот што го познаваат.

Како луѓето да се оттргнат од консумеристичките навики, што да ги води како мисла и мотив кон таа цел?

Најсилниот мотив за отрезнување треба да биде тоа што ние, живеејќи на „автопилот“, во секојдневното сивило на експлоатација на работното место и бесмислената хиперпотрошувачка, им ја упропастуваме иднината на сопствените деца. А и на целиот жив свет на планетата. Ако свесно не се затвораат ушите или не се прибегнува кон психолошкиот механизам да се поверува во она што се сака да се слушне, дури и најосновното информирање за состојбата со климатската криза и со надминувањето на планетарните граници што досега ни овозможуваа пристојно живеење – ќе нѐ доведе до разбирање на тој страшен факт. Сето ова треба да биде силен мотив да се обидеме да се промениме и да го промениме системот што нѐ води во провалија и нас и нашите деца. Обидете се наместо да акате по шопинг-центри, наместо да висите по обложувалници, а потоа да висите пред телевизорите и пред смартфоните, да го видите светот околу вас. Обидете се да рекреирате, да научите нови вештини, да се дружите со семејството и пријателите, да се грижите за животните на улица, да го потсредите зеленилото пред вашите домови. Обидете се. Колку е тоа тешко? Ако не ви чини, обидете се со нешто друго. Само ако се обидете така да постапите може да разберете дека може поубаво да си поминете, а да не потрошите многу пари.

Интересен статус напишавте по повод божиќните празници. Сакам да го цитирам: Од антикапиталистичките пораки на Исус: „Не можеш да им служиш и на Бог и на Мамон“. А колкумина ли самонаречени христијани денес фактички му служат на тој Мамон, фактички боготворејќи ги парите? Христијанството– не ќе да е во тоа да се повторуваат обесмислени ритуали одново и одново и при тоа континуирано, и со зборови и со дела, секојдневно да се гази учењето во кое наводно се верува.

Она што во еколошката и социјалната критика на капитализмот се нарекува „консумеризам“ сите религии уште одамна го осудуваат под уште порадикалниот концепт на „материјализмот“. Тоа го прави и христијанството. Па пред Божиќ сакав да ги потсетам луѓето што се сметаат за христијани на самото учење во кое тврдат дека веруваат. Пораката на Исус во таа смисла е многу моќна: „Не можеш да им служиш и на Бог и на Мамон“. Мамон, за потсетување, е бог или поим за материјалното богатство, „златното теле“, парите. Таа глад за пари што ја покажуваат многумина не е само штетна за нивното психичко здравје, нема само катастрофални последици во врска со стремежот да се спречи климатската катастрофа, туку е и во спротивност со која било религија, вклучително и христијанството. Ако му се служи на Мамон, значи ако се боготворат парите, не може да се биде добар христијанин. Зашто како ќе му ја дадете некому вашата одвишна кошула ако му робувате на поседувањето и „ствари”?

Среќата со пари …

Кажавме – не се купува. Ние имаме една прекрасна народна песна во врска со тоа. Речиси сите ја знаат и играат на неа на секоја свадба. А сепак забораваат на неа секогаш кога ќе заврши. Бесцелни се обидите да ја купите среќата со пари. Колку сакате обидувајте се, нема да ви успее. Може да добиете само краткорочно задоволување, по што ќе следи нов долг период на незадоволство, па потоа нов краток период на задоволување. И така во недоглед додека си го арчите животот. Така не се стекнува долготрајна среќа. Наспроти капиталистичкото извртување на поимите, богат човек е оној што е богат со здравје, полн во умот, полн во срцето, што ја има најдено љубовта на својот живот, што има многу пријатели, што има домашни миленици, што има градина, што знае да ужива во шумолењето на дрвјата, на реката, на пеењето на птиците. Некој може да има многу пари, но ако е сиромашен за сето ова, тој одново и одново ќе се обидува да го купи сето тоа и да стане богат, но, сѐ додека не разбере дека џабе му се парите и дека среќата треба да ја бара на друго место – тој ќе си остане беден и жален човек што својата беда внатре во себе се обидува да ја прикрие со што повеќе работи на себе и околу себе.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго