
Ако сакате да дознаете како течела професионалната животна приказна на славниот режисер Милчо Манчевски – од несфатен скопски панкер до бисер на светската филмска кинематографија, тоа сега ви е на дофат преку неговата книга „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонредниот професор д-р Атанас Чупоски.
Станува збор за едно ново и значајно дело за македонската филмска публицистика, кое беше промовирано на 22 јануари 2025 година во Кинотеката на Македонија.
„Книгата ги следи многубројните аспекти од животот и работата на нашиот најнаградуван режисер во светски рамки- почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје, па до денес- раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, професорската дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, меѓу другото ќе запише авторот во предговорот.

Книгата се создала спонтано, всушност се случило пред неколку години да треба да снимат едно сосема кратко десетминутно интервју за последниот филм, во тој момент „Кајмак“, за потребата на серијал- објави од наши познати режисери.
– Милчо се согласи на такво интервју, никој не знаеше колку тоа ќе трае, излезе 14 часа. Потоа сфативме дека материјалот е извонреден и дека треба да се преточи во книга и мојата задача беше тие 14 часа да ги сублимирам во едно течно раскажување кое ќе се чита во еден здив. Сите го запознавме Манчевски кога се појави филмот „Пред дождот“, но мене ми беше интересно и тие што ќе ја прочитаат оваа книга да видат како стигнал Манчевски до „Пред дождот“. Неговата мисла е сосема јасна, прецизна, има извонредна меморија, извонреден раскажувач е, нели го знаеме тоа од неговите филмови, така што во тој дел не беше тешко да се редактира оваа книга и да се подготви за печат. Но, тој живее во САД и речиси во секоја реченица користеше англиски термини кои во соработка со лекторката одлучивме да останат така и да не се чепка во неговиот автентичен говор, објасни авторот.
ЗБОР – ДВА И ОД ПРОМОТОРИТЕ
За ова дело за Манчевски, а и воопшто за Манчевски се осврнаа и промоторите проф. д-р Славица Србиновска, м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески.

– Дистрибуцијата на филмовите на Милчо навистина претставува пријатна работа. Не постои кино сала во Македонија која не сака да направи напори да прикаже негов филм. Само да потсетиме дека „Кајмак“ се реализираше во еден ист ден во цела Македонија во сите кино сали, а „Врба“ беше на кинопрограма безмалку три месеци. Од друга страна го имаме Милчо кој бара без наемнина да ги дистрибуираме филмовите во поголем број од градовите и да ја утврдиме вредноста од само едно евро или помалку, за што повеќе гледачи да го гледаат неговиот филм. А за премиерата на „Сенки“ во Скопје која ја погледнаа 5.000 гледачи, тоа е рекорд кој ми се чини никој нема го надмине во скоро време, истакна проф. д-р Србиновска.
Тука ни раскажа и дека во помалите места, каде нема доволно услови, киносалите си позајмуваат столици и прожектори само да би гледале негов филм.
– Филмовите на Милчо премиерно се прикажани на фестивали од „А“ категорија. Сите филмови да бидат прикажани на фестивали од „А“ категорија ми се чини дека не може да ја постигне ниеден автор, а тој е и единствениот македонски режисер и сценарист кој што има толку многу освоени награди. Во оваа прилика би сакала да кажам некои детали за прикажување на филмот „Мајки“ на Берлинскиот фестивал (2011). Филмот имаше премиера 5- 6 дена по почетокот на фестивалот и беа договорени четири проекции кои беа распродадени и веќе третиот дел од фестивалот се јавија од дирекција и побараа да има уште една проекција. Покрај тоа што неговите филмови играт на фестивали од „А“ категорија, Милчо е присутен на фестивалите и кога нема нов филм. Најмалку четири или пет пати годишно разни реномирани фестивали од сите континенти го бараат неговиот опус за прикажување во некоја од своите програми, а тој исто така многу често е член на жири на овие фестивали, но едно од најголемите признанија, по мое мислење, дојде минатата година од страна на државниот филмски архив на Кина. По повод 30 годишнината од „Пред дождот“ бараа одобрение за прикажување на филмот и истото се случи на 26 октомври 2024 година. Следуваше барање во наредниот период да се прикажат и другите филмови и целокупната програма на Милчо. А ако се земе во предвид дека во Кина секоја странска филмска програма мора да добие одобрение пред прикажување на било кој медиум и дека таа постапка трае шест месеци, ова е навистина несекојдневно и големо признание и за Милчо и за македонската кинематографија…”. Србиновска ни откри информации коишто ги слушнавме по прв пат.
– Манчевски во книгата е опфатен уште од најраната фаза, од периодот кога тој го поминува детството и гимназија во “Орце Николов”. Интересно е дека во тој период тој го нагласува интересот за сликата во стрипот. Неговиот прв филм е создаден во тој период кога бил панкер и носи наслов „Мусака“, што му го одбиле за снимање. Неговиот карактер има една специфика за тоа како се однесува кон авторитетите. Во неговата биографија ќе каже: „Ама, панкот се појави кога бев тинејџер и целиот тој бунтовен аспект беше атрактивен од една страна, од друга страна јас сум почитувал авторитети ама ако се вистински – ако е тоа авторитет кој потекнува од делото, од уметноста, од способноста од добрите дела што ги чини кон општеството. Лажни авторитети, особено ако се репресивни, политички, нив ги предизвикувам, не ги почитувам“, апострофираше рецензентката Ќурчинска- Пепељугоска.
Во книгата се спомнува и доста ликови кои Манчевски ги посочува, голем дел од нив не се живи, а го издвојува режисерот Кирил Ценевски и особено го почитува неговиот филм „Црно семе“.
– Заминувањето во Америка на студии, а потоа и како да се најде работа таму, е една многу тешка фаза во животот на секој кој отишол или бил па пак се вратил во Америка и желба да се врати на професијата и да не се оддалечува од она што е негова преокупација. Освен филмови, снимањето на музички спотови и соработката со групата „Arrested development“ е нова фаза од неговиот живот. Соработува со грамофонски куќи и тука му се случува голем успех, а кога работи со бендот и успева да направи еден спот, за кој самиот ќе каже: „Морав да се борам со грамофонските куќи и да ги убедам дека инсистирањето на клише, на она што е веќе видено, нема да донесе голема гледаност, односно тоа што успеа со овој спот е да влијае на фактот е дека не мораш никого да имитираш и не мораш да биде дел од стадото“.
Во врска со начинот во кој го поминува тој период постои признание од режисерот дека се „утепувал“ од работа, по повеќе од 16 часа, дури до 18 часа на ден.
– Таа енергија мора да ја искористиш најпаметно затоа што немаш многу време, смета Манчевски. Или пак, ако си среќен можеш да го снимиш сето тоа, меѓутоа мора да бидеш прецизен и да имаш „сторибординг“ и истовремено во сето тоа да направиш организација и обединување и она што ќе го прикажеш во визуелна верзија, односно како спот. Важно е, вели, да научиш да раскажеш приказна. Тоа се провлекува во сите негови филмови, додаде Ќурчиска- Пепељугоска.
– Во врска со правењето на филмовите самиот ќе рече: јас би сакал да имам продуцент со кого работиме како тим, без тоа се мачиш како грешен ѓаол. Јас немав среќа можеби затоа што сум растен во повеќе земји, на два континенти, не сум член на ниедно јато и не сум послушен!
ЗАКЛУЧОЦИ ШТО ГО ОПИШУВААТ РЕЖИСЕРОТ
Дознавме и неколку работи што можеби се помалку познати, за начинот на кој работи Милчо.
– Најчесто се дава забелешка дека Милчо Манчевски не им помага на младите. Тој во книгата вели, се надевам дека е точно: “секогаш сум сакал да им помагам на младите, да им пренесувам знаење, да предавам, било на сет, било формално, неформално“, а им дал шанса на одлични глумци и филмски работници кои ги имале првите улоги во неговите филмови.
– Ако си професор таму, за разлика од кај нас, нема да отсуствуваш од предавања. Не може некој друг да те заменува, во крајна линија студентите дошле таму за да научат. Во тие години и јас многу научив од студентите. Научив дека треба да се има една леснотија во изразот, еден модерен израз, еден „попрљав“ израз, едно суптилно раскажување, е уште едно признавање од негова страна.
Во врска со слободата, тоа не значи да се однесуваш непрофесионално, не значи самоволие, не значи да се биде мрзелив во текот на работењето, не значи само да се бунтуваш против лажните авторитети, туку треба да знаеш што сакаш да направиш, смета славниот Македонец.
За делото на крај зборуваше и Златко Ѓелески, радио водител во „Канал 103“.
– „Манчевски во своите филмови не се врзува за географија. Се врзува за ликовите кои секаде се исти. Дејствието се случува и во Мариово и во Лос Анџелес и во Лондон и во Зовиќ…Верува во пишаниот збор на сценариото што за него е светост! Но има една погодност, да се биде вечен туѓинец, а тоа значи отстрана подобро се гледаат работите. Читателот во оваа книга лесно ќе се поврзе уште со Милчо прогресивецот, кој во сценариото на „Мусака“ напишал лик на панкер кој ги фотографира аномалиите на градот кој крвари и кој брцнал прст во лажниот естаблишмент, и водејќи се од љубовта на авторот кон стрипот баш би сакал сторибордот да се доработи како графичка новела и да се објави барем во таква форма, ќе истакне Ѓелески за првиот филм на Милчо, „Мусака“ кој што, впрочем, индиректно ја решил целата негова судбина.
– „Можеби добро што не го снимив „Мусака“ затоа што тогаш ќе останев и ќе ја продолжев кариерата овде, а вака отидов во Америка и го доизучив занаетот“, што потоа му овозможува да ги сними филмовите што ги снима, го цитираше Чупоски режисерот од неговата книга.
Публиката во Кинотека на кратко го виде и Манчевски на сцена, после вториот обид да го поканат. Не успеавме ни да го фотографираме од што беше брз и краток:
– Дојдов од почит кон Атанас затоа што сум многу благодарен што постои оваа книга, што постои овој разговор, ова интервју, немам што да додадам. После 14 часа муабет секоја реченица е излишна. Фала многу, фала ви на убавите зборови и толку од мене, гласеше автентичната изјавата на режисерот.
– „Милчо во книгата го кажа сето тоа што ние сакаме да го слушнеме за филмот, а тоа е дека: не може индустријата да ја владее уметноста и не можат парите да бидат поважни од душата“, беше реченица кажана од Ѓелески, која можеби најдобро ја заокружува суштината на целокупната дејност на Манчевски, и секако и на оваа книга.

По промоцијата се одржа и проекција на генијалниот филм „Прашина“, кој во 2001 година имаше чест да го отвори фестивалот во Венеција.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Фото:Кинотека на Македонија