Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Ирена Арсовска

Азбука на Ирена Арсовска

Таа е најубавиот кумановски специјалист ортодонт, доктор стоматолог, нежна русокоса која слуша „од Баха до Севдаха“, која ја црпе енергијата од своето сонце, Јан, патувањата, науката, мечтаењата. Ирена Арсовска, оваа недела во нашата аз-буки-веди, од А до Ш да се прочита вреди.

A

Алтернатива, правото и можност за избор, алтернатива на секоја состојба, излез, слобода. алтернатива во музиката, театарот, филмот, го отсликува животот и можноста по свој избор да постапуваме поинаку и да бидеме поинакви.

Б

Белиот ангел од Милешево. Во бел хитон покажува на празниот Христов гроб. Предвесник на воскресението, на ренесансата и симбол на мирот на човечката цивилизација. Бесценето.

Luxury Catering Service

В

Вистина. Вистината ослободува!

Г

Големиот брат. Тука е, постојано нè гледа. Визијата на Орвел зема сè поголем замав.Моќните софтвери се инфилтрирани во нашите животи, не сме ни свесни дека ова не се повеќе хипотези за страв и манипулација, можеби обид да се инструира и униформира човековиот ум.

Д

Душа. Мила, чиста, мека, сродна. Боли, а понекогаш е и на продажба. 21 грам, само не знам како се движат цените на пазарот.

Ѓ

Ѓезве, првото нешто на кое помислувам штом отворам очи

Е

Ecce homo. И од тогаш ние го бараме човекот.

Ж

Живот. Можеби изборот ми е конвенционален, ама има ли нешто позначајно и поголемо?

З

Збор. На почетокот беше збор.

Ѕ

Ѕуница

И

Истанбул. Кога светот би бил една држава, „Истанбул би бил неговиот главен град“.

Ј

Јан. Божја милост, моето срце и моето сонце.

К

The Cure. Со фронтменот Robert Smith. Forest, Lylebye, Boys don’t cry, Pictures of you…музиката со која пораснав. Среќна сум што го остварив својот тинејџерски сон да ги слушам на концерт.

Л

Лебот наш насушен

Љ

Љубов. Со една надеж, за трошка љубов живееме.

М

Мојата Мајка Милка

Н

Наполеон Бонапарта. Длабок наклон Корзиканецу!

Њ

Његош, Петар II Петровиќ. „Свака ти је ка’ у Његоша“.

О

Ортодонција, стоматолог ортодонт, моја професионална определба, она што сакав да бидам, е па биднав и сега ми преостанува секој ден, во секој миг сѐ повеќе да напредувам.

П

Париз

Р

Ракија, најпознат балкански еликсир на младоста и особено мудроста.

С

Слобода. Колку чини слободата? Нема цена.

Т

Т’га за југ. Химна за копнежот и убавината на оваа наша Македонија, за која сите од далеку тагуваме.

Ќ

во македонската азбука има убава, украсена согласка „ќ“. Ми пречи кога ќе слушнам или прочитам Здравко Чолич

У

Умберто Еко

Ф

Фадо. Музика за душа, ми буди прекрасни спомени на Португалија.

Х

Хумор, смисол што треба да се негува, надоградува и секојдневно да се практикува за здрав живот.

Ц

Циркулус вициозус

Ч

Човек, како тоа звучи гордо! Дали? Човекот прави натчовечки напори да го демантира авторот.

Џ

Џенгиз, Џек „седмица“, урбана легенда, а моја лична приказна која трае

Ш

Шехерезада. Приказната мора да продолжи за да продолжи животот