Почетна ГОСТИНСКА СОБА МИРКО ЗАФИРОВСКИ: Само времето е ресурс што не се враќа!

МИРКО ЗАФИРОВСКИ: Само времето е ресурс што не се враќа!

Предодреденост! Дефиниција за работите кои, навидум, сами по себе дошле одненадеж, од некаде и стануваат антологија, знак на препознатливост на едно доба, на еден град, на една култура, на една личност. Значајна личност. Почитувана личност. И оставаат силна и вечна трага.

Ако со оваа посвета го именувам господинот Мирко Зафировски, кумановци ќе изразат голема почит и одобрување на дефиницијата.

Имаме и фантастичен повод за средба, неодамнешната промоција на неговиот роман „Профил“ и среќата да го добиеме на едно топло пладневно кафе.

Неодамнешната промоција, драг господине Зафировски, за која верувам сте горд, исто како и Вашите пријатели, е една исклучителна промоција, за која тие ќе речат- поголема промоција од само роман, на нивниот исклучителен сограѓанин, еминентен учител, творец и создавач, а велат и поминала во многу убава атмосфера, одржана на 16 декември минатата година.

Luxury Catering Service

– Да. „Профил“. Фигуративно, тоа е името на мојот нов роман, и пријатно сум изненаден, затоа што имаше доста кумановци, иако таа вечер се одржуваа уште две манифестации од културна дејност, така што сум благодарен. Се одржа во Занаетчискиот дом, тука јас сум ги правел промоциите на книгите често пати. Особено беше добро извршената промоција од страна на Љиљана Тричковиќ. Содржината на романот е сместена некаде после Втората светска војна, интернатски живот, учителска школа, и во него всушност е прикажано како ние се калевме, како створивме генерации на кои на прво место им беше да бидат народни учители. Јас некако имав идеја да пишувам за мојата младост и ми се совпадна со идејата на романот „Мартин Идн“, од Џек Лондон, каде главниот лик опседнат од љубовта и со љубовта, без да процени реално што значи да сакаш некого, затоа што тој ја гледал само формата, а не суштината и содржината, се вљубува во девојка која е од богати слоеви, потоа почнува да паѓа и својот живот го завршува во водите во океанот, скокајќи длабоко и пливајќи, пливајќи, додека не му пукнат белите дробови. И таа идеја ми беше почетна за романот „Профил“, но овде сѐ всушност почнува со едно момче кое пред толку години, во 1952, 1953, 1954 година, сакало девојка, и биле заедно и биле навистина двојка за пример.

Пред да нѐ вовлечете во суштината, кажете ни дали откривате некоја специфична љубовна врска?

– Љубовта секогаш е љубов, ама сѐ повеќе и повеќе е оптоварена со некои формалности, иако и порано било така. Порано имало татко и мајка да кажат со кого ќе ја мажат девојката, сакала или не сакала. Сега е слобода, меѓутоа сега пак има други вредности и тоа сакав да го прикажам во книгата. Чесноста, вредноста во општеството, интернатскиот живот, залажувањето по минливи работи и задоволства – и сето тоа преку еден случај во кој двајца млади се сакаат, но се вмешува еден скопски мангуп, момче од богата занаетчиска фамилија, кое во тоа доба се облекува каубојски и индијански со реси, со кожна гардероба и се издвојува, за разлика од интернатските момчиња со по некоја скромна блуза и панталони и девојките кои имаат само кецели со бели јаки стегнати со колан и ништо друго. Ама, овој даса, кога ќе се појави на игранка, елегантен, висок привлекува внимание, а нему пак погледот постојано му е вперен во групата девојки кои се најубави, најшармантни, највесели. Таму е и таа – девојката на момчето со труба, кое им свири џез на игранките. И како понатаму се одвива работата? Тој скопски мангуп има роднини во Америка и почнува на девојката да ѝ подарува некои ситни работи. Сакав тоа да го оставам како порака за младите дека не е секогаш вредно тоа што ти го даваат со рака, туку повеќе тоа со пример, со срце, со однесување. Е тој ја освојува со подароци, и на крај, десетина дена пред да ги добијат дипломите, таа бега со него во Америка.

За скопскиот мангуп? Значи, пресврт…

– Да. За скопскиот мангуп. Го остава момчето со труба. Што се случува? Всушност ќе ви откријам дека на момчето со труба му го давам мојот идентитет – јас свирев џез со труба во тоа време, ама немавме ноти, никакви нотни записи. Музика слушавме само преку разгласна станица. Во тоа време играше американскиот филм „Бал на вода“ со Естер Вилијамс, каде што постоеше и свирач на труба. Одиме ние на кино по неколку пати и секој од нас на коленици држи нотна тетратка и ги бележи нотите, но не можеш добро да ги чуеш. Откако нѐ забележа нашиот професор по три дена ни носи запишани ноти од Радио Скопје. Тоа беше 1953 година. Тука сакав да го истакнам и оној друг проблем со образованието денес – некогаш имаше поголема блискост меѓу професорите и учениците. Така што, и тоа еве го опишав…

Скопскиот мангуп е измислен или и нему му давате нечиј идентитет?

– Скопскиот мангуп е измислен лик, син на богат трговец, еснаф. И тој е единствен во Скопје, или можеби со уште два-тројца, кој во тоа време има мотор на три тркала…Полн е со пари, никогаш сам не успеал ништо да сработи во животот, надуен… Истото што и денеска постојано им го зборувам на младите – уште не завршиле матура, а им купуваат автомобил и потоа прават несреќи. Ако, не е лошо, меѓутоа тоа е неспечалено…И, откако девојката бега во Америка со мангупот, момчето со труба завршува факултет и по земјотресот доаѓа во една гимназија во Скопје, станува виден професор, шармер, околу него се вртат жени, но не сакал да се жени. Во скопска гимназија спасува од пропаст син на едни надувенковци, семејство на бизнисмен, „скороевиќ“, и сите нив ги преобратува да бидат скромни, чесни луѓе. Потоа се случува нешто мошне интересно со него…

Уживам да Ве слушам. Ова е основа и за добар филм. Која е поентата?

– Во основната поента на романот е тоа што сакав да објаснам за случајните случки, дали случајно се случуваат. Или случајните случки ги местат коцките така што велиме дека тоа е судбина. Сега го поставувам исто и прашањето, дали можеме да делуваме на судбината? Колку можеме? Дали некои случајни случки може да ни го свртат текот на животот?

Може ли?

– Ќе дојдеме и до тоа. Уште малку да ви раскажам од романот. Професорот оди во пензија, завршува неговото 40 годишно работење за таа горка просветарска корка леб и сака да се чести со еден мал одмор во Охрид. Целиот живот сѐ завршувал навреме, ама сега задоцнува на автобусот, и ита кон старата автобуска станица, во центарот на Скопје. Поминува по Камениот мост, го гледа Ибни Пајко се сеќава и на стариот театар…Меѓутоа, во 1996 година театарот не постои. 33 години откако е срушен. Му навираат сеќавања. Обрнувам внимание на поимот сеќавања, колку сеќавањата се наши најверни другари. Никој нема да ви ги земе, тие се секогаш со вас. Тој го гледа театарот и се сеќава како групно оделе да гледаат опера, балет, филхармонија. Набрзина влегува во автобусот, седнува до една млада девојка и се вџашува: ја набљудува неа, гледа – профилот на неговата љубов (девојката што мангупот му ја зел во Америка). И драмата од тука започнува.

Ух, профил кој потсетува на профил од неговата младост…ова тапка по кожа.

– Таа на коленици држи книга и, од Скопје до Охрид каде автобусот застанува кај чинарот, не прозборуваат ништо, само ќе ја отвори книгата и гледа во неа. Тој мисли дека таа гледа фотографија од некое момче. Меѓутоа кај чинарот девојката излетува од автобусот, го остава ранчето, ја остава книгата, и професорот забележува дека подотворената страница каде што е свиткана книгата, стои во делот во кој Мартин Идн си го одзема животот и му текнува што ќе се случи и трча и ја спасува девојката од водите.Тогаш започнува разврската – и замислете, таа е негова внука.

Но, нели останува неженет?

– Е, сега се навраќаме. Последниот ден пред да му избега девојката за Америка, иако дотогаш немале ништо телесно, само духовно, и, сонувале за селско планинско училиште, каде заедно ќе бидат учители, ќе имаат свои деца и ќе работат и живеат во идила, телесно се спојуваат. И зачнува ќерка. Потоа таа се колне во себе дека по тој чин никогаш повеќе нема да има дете. Мангупот ја води во Америка кај тетка му, но по природа тој е таков човек кој ништо во животот сам не направил и се заплеткува со некои банди и го убиваат. Се раѓа ќерката, расте, се омажува и таа добива ќерка. Тоа е оваа девојка сега, во болницата – внуката негова и на неговата љубов од младоста. Девојката се вратила од Америка, а и нејзината баба се вратила во Македонија заколната дека животот ќе го помине сама, купува куќа во Маврово, каде се сеќава дека тука во 1953 година кога се градеше мавровската брана, таа и момчето со трубата на леуновските и мавровските ливади заедно поминувале денови и вечери. Сега таа тука купува викендица и го продолжува животот во осаменост… (Тоа го опишувам од мои вистински сеќавања, ние навистина го правевме патот околу Мавровското Езеро, еден месец).

Интересно шетање низ времето. Што се случува понатаму?

– Професорот во болницата се грижи за девојката и ја дознава причината за немилиот обид. Во Америка мајка ѝ и татко ѝ загинуваат во сообраќајна несреќа, а таа како 19 годишна девојка имала момче од богата фамилија, но штом родителите ѝ загинуваат, неговите а и момчето не ја сакаат веќе и затоа девојката има нервни кризи. Се враќа кај баба ѝ во Македонија, го чита романот „Мартин Идн“ и одлучува и таа да заврши така поради својата несреќна љубов. Потоа, професорот ја води во Маврово и така и дознава дека нејзината баба е неговата љубов од младоста. Но, за превоз го повикува ученикот на бизнисменот кого претходно со својата професорска посветеност го направил добро момче и тука тоа се запознава со неговата внука и претпоставувате, следува „хепиенд”.

Не трепнав слушајќи Ве. Цело време ја преплетувате илузијата, фантазијата и реалноста, со цел да дадете слика на она што вистински ни се случува и како што и самиот кажавте правите паралела на вредностите некогаш и сега, што губиме, а што добиваме кога ги потценуваме некои вредни работи.

– Да ви кажам искрено, пресек давам. Два пресека. Го поврзувам и образованието, што значи добар професор и колку е корисен. Кога професорот воочува дека грешката е во татко му, бизнисменот скороевиќ, ја посетува фамилијата и го насочува момчето како да учи. На крај, тој негов ученик му дава и хепиенд на романот. Понатаму, направив еден обид да се одговори на прашањето дали случајните случки навистина случајно се случуваат или ги крои некоја судбина. Што е судбина?

Книгата вреди да се прочита и заради „животот“ и разиграното сценарио и заради сите овие паралели кои сте ги вметнале. Кога би Ве прашала само во една реченица, Вие лично што мислите, постои ли судбина?

– Да. Да.

И ние не можеме да влијаеме на тоа?

– Можеме, некогаш. Некогаш не можеме.

Во случајов, Вашата хероина, неа судбината ја врзува за мангупот или?

– Многу убаво ме прашавте. Женската недоволна осмисленост низ векови. Видете, женскиот род од кога постои цивилизацијата е второстепен после нашиот. Тоа Вие го знаете самата. Па сепак, денеска жената е појака и психички и физички во издржливоста, во работата. Мажот може да крши камења, меѓутоа она што вие жените го правите тоа е многу посилно, поцврсто од мажите. И поентата ми беше да ја прикажам најголемата слабост и глупост што може да ја направи жената во животот- да заборави на сѐ што ѝ е ветувано, на љубовта, на иднината, на среќата, за моментални задоволства. А особено денеска. Денеска, знам, девојките одат во кафуле и ако ги чести некој, ќе бидат во негово друштво. Многу голема грешка. Но ете, таков е животот. Девојката хероина во мојот роман направи таква грешка за која се кае целиот живот.

Зарем момчето со труба е безгрешно?

– Момчето со труба направи друга грешка – дали на времето да му се даде време? Или да се делува веднаш, кога е време. Чувствуваше дека кај девојката нешто се случува, ама тој сакаше таа да му каже без тој да ја праша „од каде овие убави обетки, овие подароци, овој шал убав?“. И тука почнува женската непромисленост за да полека, полека побегне од него, меѓутоа повторно победува женската лукавост и добро е што таа се заколнува дека нема да има друг маж и дете освен од него.

Кога веќе толку добро ја разложивте женската психологија, кој дел од овој роман ѝ го посветивте на својата сопруга? Книгата е сосема во контраст од Вашата судбина.

– Женскиот лик ми е пример кон младите колку може да биде несреќна жената ако не донесува добри животни одлуки. Значи внимавајте, во животот постојано правиме избор. Изборот јас го степенувам. Највисок е изборот на професија и на брачен другар. Не можеме да направиме избор кој ќе нѐ роди и каде ќе се родиме, ни каде ќе умреме. Но на сите други избори, одлуки, ние треба да влијаеме. Јас правам контраст да се види што значи исполнет живот од една страна, и пропуштени работи, од друга.

Ви се случило Вам, сам да поверувате во судбина?

– Секако. Мојот брак со поетеса, романописец, раскажувач, уметница и хуманистка, актерка, Миланка Миловановиќ Зафировска, беше судбина. Ние се запознавме на една извидничка акција кога од цела Југославија во Скопје дојдоа децата на паднатите борци. Јас побарав од еден старешина да ми даде некој да игра и пее за макаронската вечер, за прославата на Илинден и тој ми ја прати својата сестра Миланка, која беше убаво „пумпаресто“ девојче во кое се вљубив. Така се зближивме ние двајцата. А можеше да ми прати некој друг или друга, но тука судбината замеша прсти и потоа ми стана сопруга.

Едноставно не може да се одбегне тоа што треба да се случи. Интересно и прилично поучно е што Вие повеќе научно ја објаснувате психологијата на жената и го обработувате и социолошкиот аспект кај младите. И тоа на еден описен начин, на каков што го прават класиците на психологијата. Навистина мора да сте подлабоко навлезен во психологијата. Точно констатирав или?

– Точно констатиравте. И тука придонесоа случајни случки. Некаде во шеесет и некоја година мене во Куманово ме сретнуваат од Сојуз на борци и ми предлагаат да формираме Сојуз за грижи и воспитување на деца. Формиравме. Успешно работев. Работев многу напорно со Педагошки завод на Македонија во Куманово, а работев на неколку фронта во исто време, се заљубив во работата за децата и со децата. Таму бев член на собрание преку 25 години, во извршниот одбор и 20 години претседател на Пионерската односно Детска организација на Македонија. Во исто време, осум години бев претседател на подмладокот на Црвениот крст на Македонија, сакав да помагам и да работам. Чесен збор. Тие фронтови што ги работев, кои се поврзани со децата, со училиштето, мене ми помогнаа сето тоа да го склопам во едно, и давав сѐ од себе да се усовршувам стручно во однос на наставата. Правев наставен план, програма со училишни педагози и психолози. Како да се пристапи со ученикот, за да може тој по завршување на осмо одделение да излезе како една личност со знаење и навики. Постојано разговарав со директорите. Директорите на училиштата се перфектни луѓе. Нема кој нејќе да работи. Тие имаат факултет. Но за да работиш во училиште како управувач, тоа е менаџирање. Едно е финансиско менаџирање, друго е педагошка работа. Тие се професори по некоја област, ама не се психолози. Доаѓаат разни деца – едно кое мајката го запоставила, друго кое таткото му дало џепарлак само да го откачи, трето кое ноќеска не спиело поради тоа што таткото му дошол пијан. Ги склопував тие елементи и имав среќа што во Куманово имаше разбирливи градоначалници, формиравме и долго траеја иницијативните одбори за заштита и грижа на децата од злоупотреба, запоставување итн. Формиравме тим на претседатели на Совети на родители на ниво на Општина каде што беа луѓе и од полиција и од социјално и сите тие многу добро работеа. Меѓутоа штом немате поддршка, штом сега постојано се менуваат партиите едни вака, едни така и во недоглед…

Сѐ се закочува.

– Да, и сега доаѓа поентата, вие ме прашавте дали сум имал нешто со психологијата? Сето тоа ми помогна, бидејќи ако фронтално работите многу работи и психологијата ќе ја завршите. Јас сум бил добар набљудувач. Има едно правило во животот и во психологијата, знаете, одат покрај една топола двајца, и еден селанец вели: „их, што дрва ќе изгорам од оваа топола“, биологот вели: „ова е тој и тој вид дрво а тој подвид“, секој своето си го знае и се осврнува само на своето. Психологијата вели душата, ама едно е душа на дете, друго е душа на наставник, трето е душа на родител. Како да се спои сето тоа? Јас тоа го работев цело време. Имам еден многу добар текст на оваа тема, „Разговор со младиот пријател“. Направив и прирачник кој требаше да излезе на македонски и албански и сите да го добијат. Меѓутоа, пропадна.

Бидејќи станува збор за разработка на психологија на жена, сакав да Ве прашам, кога го пишувавте романот, имавте некаков конфликт во себе околу некои спорни моменти како да ги опишете, дали треба влезат во книгата или целосната визија ја имавте од самиот почеток?

– Не. Да ви кажам, јас пишувам брзо и одеднаш и толку. Мојот прв роман носи наслов „Авантурите на Марко и Дамјан“, тоа се моите внуци, Марко од синот и Дамјан од ќерката Бети. Во тој роман поентата ми беше да посочам дека – поумен е тој што умее да слуша. Ние имаме една викендица накај Кокино, накај Прохор Пчински, а сопругата ми беше добра везилка и плетилка, па се договоривме една Нова година и Божиќ таму да ги чекаме, а таа само ми рече: „услов е да ми набавиш сѐ што ми треба за плетење, сакам еднаш да си плетам мирно, покрај шпорет на дрва“, и знаете каква е убава таа идила. Велам бива, ама да направиме една спогодба и ти мене да ме оставиш на раат – јас сакам да пишувам, ти да не ми пречиш. Набавивме едно ќесе со разни бои предиво и игли, а една дебела тетратка за мене. Веќе имам сѐ во глава. Штом имате во главата, полесно е, а мене додуша ми помогна многу и тоа што отприлика 10 години преку лето ги чувавме внуците и секоја вечер имавме еден ритуал – ќе ги искапеме и легнеме и почнувам да им раскажувам приказни. Деветтиот ден јас ставив точка и на едниот и на другиот роман за деца, од една страна на тефтерот ги напишав „Авантурите на Марко и Дамјан“, од друга страна „Приказна за тројцата другари“. Романот „Авантурите на Марко и Дамјан“ е од научно фантастичен жанр и многу позитивна оценка доби на „Јутјуб“ од госпоѓа Давкова, доктор на науки.

На рака или на компјутер ги пишувате?

– На рака пишував, тогаш немав компјутер, тоа беше 2000 и некоја година. А другиот не ми е издаден. Во 2018 година ми се појави тешка алергија, морав да лежам во болница во Скопје, бев во многу лоша состојба. И по првиот ден во болница, ќерка ми донесе лаптоп и хартија и од тогаш додека бев таму ја направив содржината на „Профил“ и потоа дома само го дотерав.

Вашата сопруга имаше можност да го дознае сижето на книгата? 

– На сопругата ѝ раскажав сѐ што требаше, но за жал не дочека да ја доживее промоцијата. Во меѓувреме, на една средба со градоначалникот Максим Димитриевски му реков: „Порано монографии за Куманово пишуваше мојот драг професор Петар Трајковски, па Миодраг Арсовски Болто, и уште неколку луѓе, ајде некој да напише нешто за Куманово“, а тој ми рече: „Ајде пишувајте професоре“, па така од 2019 до 2022 напишав четири книги за градот и за кумановци. Не ми претставуваа проблем, тоа е повеќе архивска работа.

Не, не, не е лесно тоа. Како станавте писател, што Ве повлече, за да се стане писател општо кажано, треба или нешто многу да те мотивира или голема љубов или голема созреаност, или не дај Боже некоја несреќна ситуација од која што бараш лек или креативна терапија. 

– Јас во целиот свој работен век сум пишувал доста, меѓутоа од жанрот со кој бев преокупиран. Имав напишано и учествувано во повеќе брошури за Црвен крст, потоа еден голем проект напишан заедно со родители, училишни психолози и психолози. По едно мое присуство на еден семинар напишав книга за трансформација на директори на училиштето во нови услови, тоа се туѓи и мои искуства. Многу се посветив на феноменот време, времето како ресурс кој како ретко кој ресурс не се враќа. Можеме било кој ресурс да го оставиме за утре, па дури и електричната енергија ја акумулираат, човек не може ни да помисли можно ли е, а на времето не можело. Имав во себе многу работи, но затоа што сѐ што ќе ми се понудеше во животот, не одбивав. Да ви кажам на вас младите – не бегајте од проблеми, од работа. Во 1968 година ме прашаа „Можеш ли да држиш курсеви за обука на луѓе кои ќе бидат идни обучувачи на возачи?“. Тоа беше ново за мене, отидов во Белград, набавив литература. Тоа знаење го искористив и кога во Куманово за прв пат се отвораше Нама и примија нови продавачи кои требаше да завршат курс за продавачи па мене повторно ми кажаа: „Ајде, ти си вршел курсеви за возачи, може ли на продавачките и продавачите да им предаваш психологија на личноста, психологија на трговија и психологија на однесување и комуникација?“. Држев предавања дневно во вредност од два леба. Ако денеска еден леб е триесет денари, јас два часа споени за 60 денари работев. Ми рекоа „немаме пари!“, но јас си пресметав- ако бидам успешен, ќе ми платат после колку што треба. По една година одржав курс за триесетина млади души кои ќе бидат продавачи во Сума и Нама и тогаш ми платија. Се докажав со тоа, потоа тие сами ме бараа. Сакам да кажам, немој да помислува човек дека парите се најважни.

Значи, Вашиот влог се врати кога не го очекувавте.

– Е така. На повеќе полиња сакав да работам. И кога ја завршив мојата кариера, јас уште сакав да работам. Се пензионирав во 1998 година и продолжив да работам со педагози и психолози долго време. И почнав да пишувам. А пред тоа учествував во стручен печат, списание за педагошки прашања „Воспитни крстопати“. Значи, пишував стручна литература, а потоа напишав три романи и четири книги за кумановци.

Не само шегаџии и многу итри луѓе има во Куманово. И многу ми се допаѓа што секогаш држат до своето, кумановското. Кумановци се кумановци. Интересни се секогаш тие локални кумановски мангупски изреки и анегдоти.

– Јас сум роден во село Стањевци, близу Свети Николе, а по војната сме доселени тука, меѓутоа јас сум израснат во Карап маало. И би рекол дека сум тип на човек кој набљудува, повеќе сакам да чујам, да видам, отколку да кажам. Оти ако погледнете околу себе има триста чуда, само ако подобро погледнете. За Куманово напишав книги чија содржина се однесува во распон од 60-70 години наназад. Спомени од детството, спомени од тоа што сум го чул и што ми го кажувале, тоа што веќе го нема. Тоа беше прво. Второ по што е препознатливо Куманово, никој тоа не го ставил.

Ние велиме батко Ѓоргија …

– Ама има и многу други работи. Занаетски дом, Соколана, батко Ѓоргија и Студена вода и еден израз кумановски „Багрем бања“. Багрем бања е кога ќе се помине Средорек, десно тоа ритчето, сега е куќа до куќа. А во моето детство и мојата младост имаше и багреми и сите тие љубовџии кои го прекршуваат заветот таму се криеја. Е сега никој не се осмели да го напише тоа. Сите тие работи јас ги опишав како што ги знам и како ги доживувам. Се сетив дека Куманово е препознатливо и по хуморот и по анегдотите. Потоа се сетив дека уште откако паметам како млад, многу кумановци имаат прекари и напишав книга со 2.222 прекари, иако имам регистрирано околу 3.000.  Имам уште анегдоти за кумановци, само треба да седне човек да ги напише. Оној што кажува многу анегдоти за другите е алапача.

 Некои Ви се налутија?

– Не.

Сите тие беа пристојни анегдоти?

– Да, но има една што е можеби непристојна, но како прво човекот не е жив ,ама па и нека остане. Јас таа анегдота ја напишав како што била вистински, меѓутоа ја дотерав. Еве и за нашиот Нино Величковски има една анегдота. Всушност, на насловна на книгата со анегдотите ја ставив сопругата, нејзина фотографија, ми се налути но рече нека остане. Ѝ кажав дека изборот е мој.

Каде може да се набават книгите?

– Посебна приказна е тоа. Нема каде. Сам сум издавач. Во книжарница дадов по десетина примероци, но ќе ме сретне некој на улица, си издал книга, ќе ми рече –  ќе ти донесам, ќе му речам. И ќе ви кажам искрено, бев во Скопје на саемот за книги два-три пати. Но сум потпишал договор со издавачот и повеќе ги немам правата на романот „Авантурите на Марко и Дамјан“.

Скромна, но истовремено убава бројка од засега само шест-седум книги за голем и значаен писател во рамките на Македонија. Иако не сте под лупата на медиумите често, јас лично многу ги почитувам роднокрајните писатели кои својата замисла ја вложуваат во идентитетот на местото каде живеат. И кога творештвото тематски и просторно го врзуваат точно и прецизно за местото кое им дава најмногу енергија, сила, љубов, и постојано го афирмираат преку своите пишувања.

– И сега не мирувам. Нон стоп сум активен. Наутро станувам и секојдневно запишувам сѐ што сум слушнал како мудра мисла. Ги крстив „Од животот за животот“ мисли кои ги кажале умни луѓе, или народот ги кажал. Имам околу 4.500. Нив сум ги сместил во 31 дел, по азбучен ред. Да кажеме Толстој кажал „Сите среќни семејства се среќни на ист начин, а секое несреќно е несреќно на свој начин“. Десанка Максимовиќ, таа има напишано еден многу убав стих „Немам више времена“. Не се чувствувам дека „немам више времена“, ама навистина 90 години ми се, имам ќерка, да си дочекаат сите мои години. Дури можам ќе пишувам. Продолжувам да пишувам за Куманово и кумановци. Па пишувам за сѐ што им се случувало некогаш, за комшиски муабети, за пиење кафе дивка. Знаете што е дивка? Кај мојата покојна мајка ќе дојдат комшивките да пијат кафе, мелено рачно со машинче и ќе почнат да озборуваат. Која ја озборуваат? Таа што не е тука. Тоа е дивка. Интересни приказни, на тоа се задржувам.

Што го одржува Вашето тело и мисла толку витално и младо?

– Во моментов три елементи ми паѓаат на ум: физикусот, негата и нега на душата. И душата исто така треба да се негува. Како што го негуваме телото и се капеме постојано и душата да се негува ама на друг начин, не како телото со четкичка или со сапун, ама со добра мисла, со прочитана книга, со добар муабет. Генот учествува многу, меѓутоа, ми се чини ако овие два елемента се добри ќе го подобрат генот, ако генот е добар, а психата не се негувала, долговечноста итн., нема ефект.  Тој е тој триаголник, добро дружење, никогаш лоша мисла и секогаш  сум го набљудувал животот од веселата страна.

Имавте весел живот или знаеше некогаш да закочи?

– Зависи. Видете, кантарот како ви мери. Некој ако сега нема пари за во кафеана, да, ќе му биде криво. Човек треба со малку да биде задоволен. Сум имал во животот моменти кога на кредит живеевме, вашите родители така ве воспитувале претпоставувам, јас моите деца така сум ги учел. Меѓутоа сум бил задоволен. Не ми било проблем. Не ми било проблем да отидеме на дочек на Нова година било каде и да немаме пари. Сега гледам престижот е многу битен и затоа народот се секира. Јас не сум имал такви зависни моменти од кои сум рекол „тух не се живее од ова“. Да е задоволен човек од тоа што го има, па судбината ќе дојде и ќе ги сплоти камчињата.

Со сета моја благодарност за одвоеното време за овој пријатен разговор, имам само уште едно прашање: Вие собирате мисли и мудри изреки кои сметате ќе го потпомогнат човештвото, сакам да ја слушнам мислата која ние треба да ја имаме на ум, и со која сакате да оставите порака, но секако само до следното наше видување и средба, наскоро.

– Ептен убаво прашање. Би се определил за ова, Валентина: за да биде човек среќен и задоволен не треба да го работи тоа што го сака, туку да го сака тоа што го работи. Може да ви се натури сѐ, ако не го сакате, џабе. Тоа ми било мисла и додека бев во образование, детето не може да учи ако не го сака тоа, ама треба да го научиш да го сака. Правевме на секој начин, не да го натераме, ами да му дозволиме атмосфера да го сака тоа што го работи. Да не му биде товар. Многу луѓе се наоѓаат во таква ситуација „морам да го работам тоа“…немој, работи го тоа што го сакаш, а ако некогаш мораш да работиш нешто друго, барем работи го со љубов, за да дојдеш до некоја цел.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

Мудрости од Зафировски:

– Некогаш имаше поголема блискост меѓу професорите и учениците.

– Сеќавањата се наши најверни другари. Никој нема да ви ги земе тие се секогаш со вас.

-Љубовта секогаш е љубов ама сѐ повеќе и повеќе е оптоварена со некои формалности, иако и порано било така.

– Не секогаш е вредно тоа што ти го даваат со рака, туку повеќе тоа со пример, со срце, со однесување.

– Дали случајните случки навистина случајно се случуваат, или ги крои некоја судбина. Што е судбина?

– Најголемата слабост и глупост што може да ја направи жената во животот- да заборави на сѐ што ѝ е ветувано, на љубовта, на иднината, на среќата, за моментални задоволства

– Многу се посветив на феноменот време, времето како ресурс кој како ретко кој ресурс не се враќа!

– Поумен е тој што умее да слуша!

– Не бегајте од проблеми, од работа!

– Ако погледнете околу себе има триста чуда, само ако подобро погледнете!

– Човек треба со малку да биде задоволен.

– Сега гледам престижот е многу битен и затоа народот се секира.

– Немој да помислува човек дека парите се најважни!

– Да е задоволен човек од тоа што го има, па судбината ќе дојде и ќе ги сплоти камчињата.

– Може да ви се натури сѐ ако не го сакате џабе!

– Работи го тоа што го сакаш, а ако некогаш мораш да работиш нешто друго, барем работи го со Љубов, за да дојдеш до некоја цел.

Мирко Зафировски- Стањевац

Роден е во Стањевци Свети Николе.

Завршил учителско образование и Филозофски факултет- отсег Педагогија.

Има објавено над 200 научни трудови, автор е на брошури и прирачници.

Три напишани романи „Авантурите на Марко и Дамјан“, „Приказна за тројцата другари“ (необјавен) и „Профил“.

Четири книги на кумановски дијалект:

– „Живот у Куманово пред 60, 70 и повише године“.

– „По што га препознаваме Куманово“

– „2222 надимка на кумановски за Кумановци“

– „100 и кусур анегдоте за Кумановци на кумановски“