Почетна МОЈАТА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА Јовица Ивановски Моче – кумановски мултиталент без право на пензија

Јовица Ивановски Моче – кумановски мултиталент без право на пензија

Иако нашиот сограѓанин Јовица Ивановски – Моче (62) нема завршено високо образование и не припаѓа во групата на таканаречените академски граѓани, тој со својот талент, кој го поседува благодарение на дарбата од Бога, ниту малку не заостанува зад оваа категорија на луѓе што и на дело го покажа во текот на неговиот досегашен живот.

Имено, тој во текот на својата животна кариера покажал голем талент и големо знаење во неколку области како што се: спортот, книжевноста, ликовната уметност и музиката.

Тој уште како дете, израснато веднаш до гимназиското игралиште, а во време кога фудбалот кај нас, но и насекаде во светот беше спорт број еден, буквално речиси проодил со топката на асфалтот, што во тоа време за сите деца, па и за него, едноставно значел живот.

Luxury Catering Service

Како и секое дете на почетокот и тој најпрвин почнал да игра мал фудбал настапувајќи за екипата на „Карамела“ со која што на силен турнир во спортската сала во Куманово го победиле прволигашот, екипата на „Вардар“ од Скопје. Во тоа време, играјќи мал фудбал за екипата на „Алфа Вук“ го освоил силниот турнир на весникот „Вечер“, а подоцна со истата екипа учествувал и на државното првенство на Југославија во мал фудбал кое се одржувало во Врњачка Бања, Ќуприја и Сремска Митровица, каде што неофицијално бил прогласен и за најдобар стрелец на турнирот.

Подоцна почнал да настапува и во големиот фудбал и тоа најпрвин за екипите на „ФК Чик“и „ФК Зик“, а потоа и за екипата на „ФК Јуниор“, екипи кои во тоа време се натпреварувале во доста квалитетни лиги од Вардарскиот и Козјачкиот регион, но и за еден ранг повисоката и поквалитетна лига, таканаречената Меѓурегионална лига. Многу краток период бил член и на екипата на „Силекс“ од Кратово, но таму уште на почетокот и тоа за време на припремниот период, меѓутоа не се снашол најдобро и се вратил во Куманово. Тогаш тој важел за фудбалер кој поседувал големи физички предиспозиции, поради што во фудбалските кулоари во тоа време бил прочуен како многу брз и многу цврст дуел играч, но и голем реализатор, односно гол играч кој со извонредните физички перформанси успеал да биде активен фудбалер сѐ до неговата 45 годишна возраст, што навистина претставува голем успех, но и вистинска реткост за овие простори.

Што се однесува пак до музиката, тој за неа пројавил интерес уште како дете, на својата тринаесет годишна возраст, а бил инспириран од маалското дружење со гитарата и песната кога и ја купил својата прва акустична гитара. Тој во осумдесеттите години од минатиот век формирал и своја рок група наречена „Партер Лево“ со која учествуваат на неколку гитаријади во салите во Гимназија и во Соколана. Со мали или подолги прекини, Јовица се дружи со музиката и ден денеска, а последните две години за него беа и најуспешни, бидејќи во овој период снима и два спота за музички нумери. Најпрвин, во соработка со ТВ „Плус“ и кумановскиот музичар Боби Серафимовски го реализирал и снимил спотот со песната “За Велигден“, песна посветена на Бога. Потоа во соработка со музичарот гитарист, Марјан Маневски – Африка, снимил нов спот со кантри музика за песната „Сузан“. Особено важно е да се напомене дека текстот, музиката и вокалот се лично негови, додека пак аранжманите за песните се на Серафимовски и Маневски. Јовица во блиска иднина планира да сними уште неколку музички нумери за да може неговото целокупно музичко творештво да го преточи и заокружи со еден свој музички албум, што секако би претставувало и круна во неговата музичка кариера.

Освен за спортот и музиката, Јовица пројавил интерес и талент и на полето на книжевноста и литературата, а причина за тоа биле нештата кои тој ги пронаоѓал во духовниот свет. Првите поетски чекори ги направил во „Поетско друштво на младите“ од нашиот град.

Од тој момент, тој постепено, чекор по чекор, почнал литературно да се надоградува, читајќи книги од библиотеката „Тане Георгиевски“ и дружејќи се со разни поетски групи преку интернет, а се со цел што побргу да дојде до еден посакуван квалитет во тој таканаречен универзум на бескрајната убавина на пишаниот збор. Така, збогатувајќи се и надополнувајќи се со широкиот спектар на поезијата дошол до степен на едукација кога и тој можел да учествува и рамноправно да се натпреварува во полето на литературата.

Вложениот труд набргу му се исплатил и тој во 1995 година (на 33 годишна возраст) ја објавува и својата прва збирка поезија насловена како „Парење на ноќната светлина“. Подоцна тој напишал уште четири книги: „Монолог на небото“ (2013), романот „Светлината од Назарет“, како и збирката поезија „Љубовно столетие” (2016) и новелата „Земја на мртовци” (2016).

За напишаните книги, тој како поет има добиено многу награди и признанија, дури и на државно ниво. Од сите нив, за него најголема и најдрага му е наградата од фондацијата „Димитар Димитровски – Такец“ од Битола и тоа за романот „Светлината од Назарет“ за кој истата 2015 година го добил и високото признание „Креативец 2015”.

Освен оваа награда, тој на манифестацијата „Поетска Гала“ во Кавадарци го освоил првото место за „Прозно перо со краток расказ”, добивајќи ја престижната награда „Гран При“, што се смета за најголем успех во неговата кариера. Јовица Ивановски, покрај овие поголеми награди, има добиено и ред други награди и признанија од помала важност.

Сепак, кумановскиот мултиталент, Моче, својот најголем талент го покажал кон ликовната уметност, односно сликарството, а мотивот за сликање го добил од своите пријатели – уметници. На самиот почеток од кариерата многу му помогнал кумановскиот професор – вајар и сликар, Владимир Величковски, од кого тој ја научил и сликарската азбука.

Во неговата досегашна и долгогодишна сликарска кариера како самостоен ликовен уметник во Куманово има реализирано седум самостојни изложби, а во 2021 година  одбележа и прослави 30 години ликовно творештво, што го прави еден од поуспешните кумановски ликовни уметници. Досега учествувал и на многу меѓународни ликовни колонии меѓу кои: Лесново Пробиштип (2003), Македонска икона Свети Николе – немањци(2005), Македонска икона Куманово(2008), Карпино Куманово (2012), Фукушима интернационална изложба 2018 г. во Скопје, Куманово, Кавадарци, Струмица, Битола и Охрид. Како ликовен уметник во кариерата има насликано безброј икони и фрески кои ги красат ѕидовите на многу домови во нашиот град, но и на црквите Св. Петка во селото Габреш, Св. Тројца во селото Лопате, како и во црквите во селото Брзак и селото Мрзен во кавадаречко.

Сѐ на сѐ, во случајот со нашиот сограѓанин, Јовица Ивановски – Моче, станува збор за една успешна животна приказна што се вклопува во афирмацијата на Куманово во повеќе аспекти на културно-општествениот живот.

Што се однесува пак до неговиот приватен живот, тој денеска има 62 години и во моментот е евидентиран како невработен во бирото за вработување. До неговото пензионирање му преостануваат уште две години, меѓутоа и со наполнети 64 години ќе мора да продолжи и понатаму да слика и да продава икони и слики, што засега му се единствен извор на приход, бидејќи во моментот го нема ниту минимумот од 15 години работен стаж за да ја добие минималната законска пензија. Навистина голема штета за еден човек со толку голем талент, дарба и знаење и пред сѐ со толку вложен труд и тоа при крајот од животниот век да остане без ниту минимална пензија, за што секако во случајов голема вина има и тој самиот. Меѓутоа, дел од вината лежи и во општината, па и во државата, односно во одговорните државни институции, бидејќи тие имале минимална обврска да ги заштитат ваквите талентирани луѓе и барем со пристојна понуда за достоинствено вработување да ги испратат во заслужена пензија.

Т.Д.