Ние немаме ни за леб, а тие јадат чоколада, ви текнува?
Најавениот бојкот на маркетите е народен пркос против неконтролирана инфлација. Не станува збор само за одбивање да се купат прескапи домати, што и онака се пластични во ова доба од годината, туку се работи за враќање на достоинството. Зошто лебот, макар и од еврејско кисело тесто да биде над 50 денари додека политичарите уживаат во кавијар платен од јавните фондови? Со обединување во овој напор, граѓаните ги потсетуваат и Владата и бизнисмените дека нивната алчност има последици.
Секако, бојкотот може да изгледа како одлична идеја да се испрати порака, но дали е фер да се пуштат низ вода малите и средни бизниси? Овие локални продавници веќе се борат да преживеат поради зголемените трошоци за стоки, комунални услуги и даноци. Сепак, тие не се оние кои го собираат кајмакот.
Вистинските виновници – големите корпорации и владините политики – остануваат недопрени. Океј. На 31 јануари ќе ги оставиме полиците да фатат малку прав, но колку тоа ќе ги погоди масивните синџири на супермаркети, а колку локалните гранапчиња? На крајот на денот, бојкотот може да ѝ наштети на самата структура на локалните заедници, предизвикувајќи затворање на семејните продавници, оставајќи нè на милост и немилост на монополите.
И да не ја заборавиме иронијата: ние ги бојкотираме продавниците затоа што не можеме да си дозволиме да купуваме, но Владата си игра мајтап со нас и неуморно нѐ потсетува дека мнозинството граѓани живеат така секојдневно. „О, каков храбар чин на протест, одбивање да потрошиме пари што ги немаме!“ – се чита во дел од коментарите по социјалните мрежи.
Какво иновативно решение за сиромаштијата измисливме! На граѓаните не им требаат политики или ограничувања на цените; тие ги бојкотираат продавниците само затоа што останале без пари. Генијално! Зошто не помисливме на ова порано? Ајде официјално да ја прогласиме сиромаштијата за нова форма на протест. Нема потреба од маршеви, петиции или слогани – само гладувајте тивко во име на правдата.
Во меѓувреме, нашите мудри водачи седат во канцеларии со инвертери наместени на 30 степени и разговараат за „раст“ и „просперитет“, блажено несвесни за реалноста надвор. Тие може и да се фалат со намалување на ДДВ од 2%, тврдејќи дека тоа би променило сѐ, додека просечното домаќинство сè уште се бори да купи килограм компири. Можеби следно, тие ќе предложат бојкот на дишењето за да се намалат трошоците за потрошувачка на кислород.
Но, еј, барем можат да бидат спокојни знаејќи дека успешно ја обединија нацијата. Ништо не ги зближува луѓето како меѓусебната беда и колективниот презир кон сите досегашни, бесмислени власти. Браво!
Вистинското прашање можеби е: кога тоа ги надминавме традиционалните форми на протест и влеговме во ерата на „неволниот бунт“? Не можете да купите јајца? Бојкотирајте ги! Чиа пудингот ви е прескап? Бојкотирајте го!
Дали бојкотот ќе биде шлаканица за власта и дали ќе мрднат воопшто со мал прст за да ги регулираат цените, важно ние ги преземаме работите во свои раце – или подобро кажано, ги оставаме празни. Ако страдаат неколку мали бизниси, тоа е само колатерална штета во оваа голема војна за гол живот.
Сега, да одвоиме малку време да се восхитуваме на чистата брилијантност на овој план. Кого навистина казнуваме овде? Владата, политичката партија која е на власт, извршните директори на големите компании, Маск, масонската ложа? Или локалниот трговец кој ни дава на вересија млеко и бисквити, а ни позајмува и по една лажичка кафе и шеќер ако ни дојдат ненајавени гости? Значи, чичо Грозде и чичо Агим да пропаднат, а ултра-гига-мега групации да го прошират корпоративното ропство?!?
Од друга страна, пак, истиот бојкот во Хрватска, спрема официјалните податоци од нивната даночна управа, ги даде следниве резултати: бројот на фискалните сметки во петок, 24 јануари 2025 година, од 00:00 до 16:00 часот, во однос на петок, 17 јануари 2025 година, од 00:00 до 16:00 часот е за 43% помал, додека износот на сметките е исто така 50% помал.
Како и сите други Балканци, така и тие од мака и со многу духовитост ги коментираа резултатите од бојкотот. „Не грижете се, нашите лидери работат напорно за да го поправат ова. Еве, веќе дебатираат за намалување на данокот на луксузните јахти“. „Jedino što je napuhanije od cijena je vaš ego, dragi političari!“…
Како некој не може да сфати дека студентските протести во Србија и овие бојкотирања не се само форма на протест; тоа е начин на живот во овој момент. Зашто тука не се работи само за лошо изградена настрешница или само за високите цени на основните продукти, туку се работи за животи кои се губат како последица на нечии погрешни одлуки без да се понесе одговорност.
Но чекајте малку. Мислевте дека можете да бојкотирате на мир? Не на Балканот, душички. Влезете во контрапротестот (макар на фејсбук) спонзориран од актуелните власти и не го пропуштајте спектаклот на слабо кореографирана лојалност и бесплатни сендвичи.
Замислете море од јавни службеници, со автобуси од секој агол на земјата, држејќи ги транспарентите на кои пишува: „Високите цени се наше наследство!“, „Да ја смениме претходната власт, а не цените!“, „Подобро марула отколку рукола!“
И да не ги заборавиме говорите и тоа од политичари кои самите никогаш не стапнале во продавница. „Ја разбираме вашата болка“, велат тие, додека нивните лични готвачи подготвуваат увезено филе мињон.
Но, вистинскиот дел од отпорот? Покриеноста на медиумите. Државните телевизии ширум Балканот, додека траат протестите и бојкотот, за ударни вести избираат да го известат населението колкави чери патлиџанчиња се родиле во околината на Дрвента и за геолошки испитувања на калта во радовишкото село Ињево. На ваков начин и медиумите се контрапротестанти – протестираат против граѓаните чие основно човечко право е да гладуваат во мир. Субвенција на нашата колективна беда и куса меморија. Зашто ние немаме ни за леб, а тие јадат чоколада, ви текнува?
Р.П.