Моето искуство од Њујорк, градот на соништата
Њујорк, градот што го гледав на филмови, што го замислував низ музиката и театарот, што отсекогаш изгледаше како место каде што соништата оживуваат, сега, конечно стана моја реалност. Мојот сон се оствари благодарение на мојата братучетка Татјана Крстевски, која е успешен и познат професор по кинематографија на факултетет „Tisch School of the Arts“ на њујоршкиот универзитет, NYU. Патувањето во Њујорк беше како остварување на сон, со сите негови светла, звуци и возбудливи моменти. Веднаш штом слетав, го почувствував тој препознатлив пулс на градот, брз, динамичен и исполнет со бескрајни можности. Американски сон или „American dream“ е сон на секој млад човек – некои сонуваат за кариера, други за патувања, трети за сцена каде што ќе можат да го покажат својот талент. Американскиот сон не е само концепт на живот, туку чувство, борба, доказ дека можеш да стигнеш каде што сакаш, ако доволно работиш за тоа. Њујорк e градот што симболизира успех, упорност и можности, местото каде што талентот и трудот се судираат за да создадат нешто неверојатно. Тоа беше влегување во сосема нов свет, високи згради што се простираа до небото, бесконечниот рој на луѓе што брзаа некаде, звукот на коли што вртоглаво минуваат низ улиците. Секој агол носеше нова приказна.
Мојот сон отсекогаш бил Бродвеј. Секој што го сака театарот, танцот или музиката, знае дека Бродвеј е срцето на уметноста. Да бидам таму, меѓу големите театарски продукции, меѓу постерите на најпознатите мјузикли, беше чувство што не може да се опише со зборови. Кога првпат зачекорив во Бродвеј, почувствував нешто што не можам да го опишам со зборови. Тоа не беше само возбуда, тоа беше мешавина од восхит и чувство дека сум на место каде што се создава магија. Луксузниот ентериер, огромниот лустер што блескаше над мене, меките црвени седишта и шепотот на публиката додека сите со нетрпение ја чекаа претставата, сето тоа создаваше една магична атмосфера. Претставата што ја гледав беше „Аладин“, безвременска приказна за млад човек кој со соништа, љубов и магија го менува својот живот. Потекнува од „Илјада и една ноќ“, но најпознатата верзија доаѓа од Дизни филмот од 1992 година. Чувството кога светлата во салата се затемнија, а првите ноти од оркестарот одекнаа, беше нешто што нема никогаш да го заборавам. Во тој момент, како да престана да постои реалниот свет, едноставно сцената оживеа, а јас бев внесена во приказната што се одвиваше пред мене. Но, она што најмногу ме воодушеви беше сценографијата и начинот на кој сцената постојано се трансформираше, како да се движевме низ различни светови. Со едноставно менување на осветлувањето и декорите, одеднаш се наоѓавме од едно, па на сосема друго место. Секој детал беше внимателно осмислен, од богатите костими и разновидни кореографии, до најмалите сценски реквизити, тоа предизвикуваше експлозија од емоции. Завршниот аплауз беше громогласен, сите во салата станаа на нозе, славејќи го талентот, трудот и уметноста на која посведочија. Бродвеј не е само претстава, не е само театар, туку е место каде што магијата станува реалност. И знам само едно, дека ова нема да биде мојата последна Бродвејска претстава, туку само почеток.
Водена од емоциите од претставата, сакав поблиску да го запознам светот на креативноста на прекрасните кореографии што се изведуваат на Бродвеј, па одлучив да го посетам „Broadway Dance Centеr“, кое е уникатно искуство за секој љубител на танцот, било да си професионалец или почетник. Broadway Dance Centar е едно од најпознатите места во Њујорк за учење танц, и е познат по тоа што нуди висококвалитетни часови кои се совршени за сите стилови, од класичен балет, театар танц, современ танц, хип-хоп и комерцијален танц. Многу од познатите изведувачи, танчери и кореографи ја започнале својата кариера тука, а некои од нив ги водат часовите по танц. Тоа е место каде што можете да се развивате како танчер, да стекнете нови искуства и да станете дел од магијата што го дефинира Њујорк. Еден од најубавите аспекти на часовите по танц во Broadway Dance Centеr е поддршката што речиси е опиплива во студиото. Без разлика дали си почетник или веќе искусен танчер, секогаш ќе се чувствуваш охрабрен и мотивиран од своите колеги и инструктори. Учениците и наставниците таму се создадени како тим, кој се охрабрува еден со друг, а ова создава позитивна и инспиративна атмосфера за учење и напредок.Тоа искуство што го доживеав таму ќе го вметнам во мојата работа во нашето студио „Денс Студио МАК“, бидејќи мјузиклот што го создадовме мината година ,,Авантурите на капетанот Џон Пиплфокс“ беше многу позитивно оценет од нашата публика, како и публиката надвор од Македонија, бидејќи идејата да се создаде еден ваков вид на мјузикл по терк на бродвејските мјузикли, од оригинални весели сонгови, пејачи и глумци кои доаѓаат од нашето студио без претходно актерско и пејачко искуство, се преточи во вистинска приказна, прифатена од сите возрасти. Ќе поставам високи стандарди за техника и кореографија, истовремено охрабрувајќи ги учениците да работат напорно, но да се забавуваат и да уживаат во работата. Преку строгата дисциплина што ја искусив, ќе поттикнувам учениците во моето студио да работат напорно и да ја негуваат својата работна етика. Ќе им покажам дека успехот во танцот не доаѓа преку краткорочни решенија, кратки и блиц кореографии наменети за натпревари, туку преку долгорочен труд и посветеност да создаваат цели приказни и да ја почуствуваат сцената како лулка на уметноста и кративноста. Сето ова ќе биде основа за создавање на една многу поинспиративна и професионална средина во моето студио. Ќе продолжам да ги пренесувам вредностите на напорната работа, креативноста, поддршката и љубовта кон танцот, бидејќи верувам дека само така учениците ќе можат да постигнат високи резултати и да го живеат танцот со целото свое срце.
Овој момент ќе го искористам да ги запознам нашите читатели дека можеби е ова само мал почеток за некоја кумановска бродвејска приказна, но верувам дека со текот на годините и моето искуство ќе создадам навика кај граѓаните за одење во театар, не само на театарски претстави кои се инстант популарни на 2-3 недели преку фестивали и слични манифестации, тука за вистински бродвејски приказни инспирирани од различни книги, исполнети со музика, кореографија и танц.
Поради голема заинтересираност, нашиот прв мјузкл „Авантурите на капетанот Џон Пиплфокс“ планираме наскоро да го репризираме, а воедно работиме и на еден нов проект, мјузикл кој сега за сега сакам да остане во тајност. Во наредниот период ќе ги почестам моите сограѓани со уште една волшебна приказна.
Ги охрабрувам младите да се вклучуваат во нашиот проект, наскоро ќе објавиме аудиција, како и сите дечиња кои се заинтересирани да добијат шанса да бидат дел од нашата бродвејска приказна.
М.С.