Почитувани,
Поводот за оваа изјава е реакација на вчерашниот наслов поврзан со ЈОУ Дом за стари лица „Зафир Сајто” Куманово, објавен на Вашиот медиум како „Нов скандал у „Зафир Сајто”.
Објавен е документ во кој се изнесени огромен број на обвинувања за мене како директор на Домот и вклучително за условите во институцијата.
Најнапред би сакал да го изразам моето разочарување од насловот на самиот напис од причина што повикува на сензација и тоа слично како и во септември 2024 год кога бевме предмет на интерес за Вашиот портал.
Самиот наслов повикува на негативна сензација без назнака за читателите дека сепак се работи за информации кои се еднострани, не се проверени и не е консултиран и ЈОУ Дом за стари лица „Зафир Сајто“ за официјален одговор.
И нелогично и тенденциозно од Ваша страна и од новинарот во самиот текст се изрекува осуда кон раководителот и за самата институција.
Новинарот како дополнување на „свежата” информација се повикува на свој текст за Домот од 2024 год со намера да ја докаже својата правда, тогаш и сега.
Во продолжение изнесува и увредливи заклучоци лично упатени кон мене и уште понепрофесионално прави извадок од мој говор по повод друг настан за донација во Домот но менувајќи го контекстот и споредувајќи ја новинарската работа со работата во Дом за стари лица.
Ниту примерот ниту дејноста се соодветни но намерата е иста.
Сметам дека ваквите некомплетни сензационалистички текстови пред сѐ прават штета на самиот Дом и институцијата во целост, штета на јавниот интерес и на мене како личност и како одговорно лице во Домот.
Сето ова од аспект што Домот е институција која максимално се труди да биде достоен сервис на граѓаните и неколку години наназад значително и видливо ги подобри условите за престој и квалитетот на грижа за старите лица.
Домот постои од 1956 г. и имал свои успони но и свои падови, но потребата од ваква институција и ваков сервис во денешни времиња е неминовна и повеќе од нагласена како за потребите на Куманово така и за потребите на државата.
Во однос на објавениот допис којшто Ви е испратен анонимно и потпишан од дел вработени во Домот во кој се наведени огромен број на тешки обвнинувања на мое име како директор на Домот, би сакал да изјавам дека наводите во документот се исконструирани, неточни и прилагодени на потребите на незадоволната група.
Целта на ваквите обвинувања е јас како овластено лице кое е одговорно за раководење на Домот да бидам ставен под притисок на јавноста, на медиумите, а со цел да владее непрофесионалност и своеволие.
До сега во моето раководење ниту сум дозволувал ниту ќе дозволам анархија во институцијата.
Објавениот документ со наводи и неосновани обвинувања е креиран од група на луѓе кои години наназад имаат архивирани прекршувања во редовната работа и дисциплина но и луѓе коишто биле мотивирани или под своевиден притисок да го стават својот потпис.
Голем дел од нив имале докажани и потврдени дисциплински прекршоци по основ на жалби од корисници или семејства на корисници во Домот и тоа години наназад и од претходни раководни гарнитури.
Сепак главниот мотив за обвинувањата и неоснованите наводи е потребата да се биде недопирлив и да се креираат сопствени правила на однесување.
Настанот во „Зафир Сајто“ сепак не е само со една причина. На оваа исконструирана творба ѝ претходи немила случка во Домот на 19.12.2024 год., каде што по вербална расправија на двајца вработени во Домот за кратко време пристигнува сопругот на една од колегите барајќи го стручниот работник физички да се пресмета со него.
Утредента, заради претходно мое службено отсуство на критичниот ден, откако дознав за немилиот настан истиот го пријавив во полиција со намера да го заштитам и угледот на Домот но и вработените.
Од тогаш и започнува наводниот мој притисок врз незадоволните коишто во рекорден рок и погоре опишан начин, синдикално се здружуваат и се солидаризираат, секој со свои мотиви и своја правда. И секако виновникот е познат.
Ви благодарам за можноста да го изнесам официјалните информации поврзани со Вашата објава!
Изјавата на директорот на Дом за стари лица „Зафир Сајто“, Дејан Стојановски, е добиена по електронска пошта и е пренесена во целост.