Почетна СТЕТОСКОП Mоќта на психотерапијата

Mоќта на психотерапијата

Sanja Jovanovska

„Вие психотерапевтите сте ин (актуелни), па дури и психотерапијата е посакувана професија.“ Ова пред некој ден ми го кажува моја пријателка со дополнување: дури размислувам да сменам професија. Нејзиното согледување ме насмеа и израдува во исто време. Ако пред  десетина години одење на психотерапевт беше скоро и табу тема денес е се поактуелна. Луѓето полесно препознаваат симптоми и потешкотии од емоционална природа, и полесно од порано се одлучуваат за психотерапија.

Моќта на психотерапијата ја препознав уште на студиите по психологија а потоа и низ волонтирање на клиника за психијатрија каде среќавав пациенти кои со години исклучиво само фармаколошки   лекуваат депресија, и дел од нив, не ретко,  повторно завршуваат на клиниката на болничко лекување. Тогаш започна и мојата едукација за семеен и системски психотерапевт и успевав да согледам каде и зошто е потребна примена и на психотерапија покрај фармакотерапија. Фармакотерапијата поттикнува побрзи физиолошки промени во мозокот но некогаш промената треба да дојде од нас, во нас и околу нас, лекот не помага за личен раст и развој, не го менува начинот на поглед на работите, психотерапијата го прави тоа.

Случајно или не, во тој есенски период,  на Клиника за психијатрија се лекуваше татко на моја блиска личност, кој страдал од депресија претходните дестина години. Поради интензивирање на симптомите на депресија беше хоспитализиран. По излегување од клиниката, на семејството му препорачав покрај медикаментозна терапија да посетат и психотерапевт со цел  поефикасен третман на депресијата, но за жал кога на својот лекар специјалист му посочиле дека имаат сознание за психотерапевтски третман од страна на лекарот им беше укажано слетното: „Зошто? Ќе одиш да ти зборуваат за пари , твојата жена дома нели може да ти зборува?“. Ова го охрабри семејството дека психотерапија не им е потребна и депресијата беше нивен сопатник уште многу години.

Luxury Catering Service

Претпоставувам дека лекарот немал лоша намера, но не верувал во моќта на психотерапијата, додека цврсто се држел до лекување само со фармакотерапија за која во минатото се верувало дека е единствен начин за промени на физиолошко ниво, поттикнувајќи невротрансмитери и стимулирање на хормони одговорни за среќа и задоволство на тој начин подобрувајќи ја симптоматологијата кај пациентите. Во денешно време се повеќе се истражува поврзаноста на психотерапијата врз физиолошките промените во мозокот. Меѓу таквите изтражувања е и истражувањето на на Фурниер и Прајс во 2014 година, кое ја покажува токму поврзаноста на психотерапијата со физиолошки промени во мозокот. На скенер на мозок  забележани биле промени/разлики во регионите на префронталниот кортекс, базалните ганглии и лимбичките области, пред и по примена на психотерапија, кај лица кај кои психотерапевтски е третирана анксиозност и депресија. Овие региони всушност се во функција на регулирањето на емоциите и одговорот на страв.

Што значи психотерапијата не е само разговор, тоа е посебен вид на збогатена средина за учење, за личен раст и развој. Можност за конструирање на нови наративи и овозможување промена на погледот на светот а со тоа и олеснува подобро донесување одлуки и подобра адаптација.

Со завршување на психотерапевтскиот процес клиентите не само што ќе изнајдат решение за потешкотијата односно симптомот за кој се јавиле на терапија туку ќе стекнат и откријат нови вештини кои ќе ги користат во соочување со нови предизвици понатаму. Психотерапијата остава трајни промени како на когнитивно и бихејвиорално така и на емоционално а со тоа и на физиолошко ниво.

Често поставувано прашање меѓу луѓето е кој тип на психотерапија? Семејна и системска, интегративна и психодинамска, транскациона, гешталт и тн… Да постојат многу психотерапевтски насоки кои имаат една заедничка цел, и тоа низ примена на техники и методи на работа,  да им помагне на луѓето да развијат нови модели и начини на функционирање а со тоа да ги надминат проблемите со кои се соочуваат. Вообичанео ние психотерапевтите во текот на сесиите  практицираме техники и знаења од едена или повеќе психотерапевтски школи а со цел подобро разбирање на нашите клиенти и проблемите со кои се соочуваат и заедничко изнаоѓање на решенија за истите.

Психотерапијата е одговорна професија која бара наш постојан личен раст и развој како и усвојување на нови методи за работа. Но, психотерапија не е еднонасочен процес, тоа е взаемен однос клиент – терапевт.  Ние психотерапевтите не сме магионичари, немаме магично стапче за решавање на проблеми, или пак да имаме едно унифицирано решение за секој проблем кој ќе се примени и ќе делува кај сите исто. Секој поединец е уникатен и како таков секој има потреба од уникатно решение.  Клиентот всушност е богат извор на идеи и на снаги во себе, кои што низ психотерапевтскиот процес се поттикнуваат и доведуваат до трансформација. Моќта на промената е кај клиентот, психотерапевтот помага во „расчистување на патот“ и „избистрување на погледот“, или како што вели познат универзитетски професор Норман. Д. Сунберг „Психотерапевтот не е механичар кој ги поправа дефектите, туку градинар кој го отстранува плевелот и го наводнува растението, обезбедувајќи му ги сите услови за непречен раст.

М-р Сања Јовановска
Лиценциран психолог
Семеен и системски психотерапевт под супервизија
ОЛИ советник