Бојкот на маркети во Куманово, 31 јануари 2025 г., до 14 часот:
Забележана помала фреквенција на луѓе низ градот, што не е типично за петок, особено кога е сончев ден.
Граѓаните на Куманово, според мини анкетата што ја направи „Плоштад“, се поделени во три групи:
Во првата група се оние кои ги бојкотираат сите маркети, и поголемите синџири и помалите маалски продавници. Едноставно, им се допаѓа Балканската иницијатива, што побрзо и од Корона вирус се шири низ социјалните мрежи. Не се важни последиците или резултатите. Важно е да бидеме единствени.
Во втората група се апологетите, кои „мора“ да купат барем леб и млеко, но кои срамежливо се провлекуваат помеѓу полиците и ја скенираат состојбата на терен. „Јас сум овде само да прашам нешто, до колку работите, ќе се вратам“.
Во третата група се пензионерите кои штотуку ја подигнаа пензијата и со маски и шалови на лицето, поради загаденоста, се разбира, се мислат дали да влезат во аптека по својата терапија. „Синко, важи ли т’ј бојкот и за апотеку?“. Да не ѝ го качам крвниот притисок уште повеќе на кутрата старица, се направив дека сум турист и дека не го разбирам јазикот на кој ми се обраќа. „Ахх, нашла сам кој да ме оправи!“, вели баба Цвета и вади долг список на лекови од својот цегер.
Единствената раздвиженост е на кејот. Се пие кафе, најверојатно од дома понесено во термос, децата имаат резервни гумени бонбони по џебовите, па на голем одмор не излегуваат, административците си носат од дома чиа пудинг со обезмастено какао, гравот ни е сварен од синоќа, суџук и онака купуваме еднаш месечно.
Надвор е како пролет, живи сме. Наздравје бојкот, па и за некој поголем протест да си исчекаме!