Почетна ГОСТИНСКА СОБА Гостинска соба со проф.д-р Љубиша Петрушевски

Гостинска соба со проф.д-р Љубиша Петрушевски

Д-Р ЉУБИША ПЕТРУШЕВСКИ ДЕКАН НА ЕУРО КОЛЕЏ ЛОНДОН – МЕТРОПОЛИТЕН: Дипломата што ја добиваат нашите студенти овде е еднаква со дипломата што ја добиваат во Лондон!

Со свечена церемонија во хотел „Мериот” на 30 јануари 2025 година, беа доделени дипломите на најновата група студенти од Лондон Метрополитен Универзитетот од Обединетото Кралство, кои во партнерство со Скопје Метрополитен Колеџ ги имаат завршено студиите во С. Македонија.

На студентите многу успех лично им посака професор Пол Булок од Факултетот за бизнис и право од матичниот Универзитет во Лондон, госпоѓа Доминик Роулс – раководител во секторот во Британската амбасада во Скопје, госпоѓа Дијана Десподова – директор на Британската бизнис асоцијација во Северна Македонија, и секако најсрдечно и самиот декан и основач, д-р Љубиша Петрушевски, чии студенти сега веќе се подготвени да се соочат со професионалните предизвици, а воедно и да ги вкусат сочните плодови од нивното здобиено академско знаење и вештини.

Luxury Catering Service

Господин Петрушевски, радост е да се видат среќните дипломци и магистри како ги фрлаат во воздух своите капи, во рацете закитени со своите дипломи во кои вложиле многу труд енергија и посветеност. Честитам!

– Срдечни беа и нашите честитки кон сите нив. Најпрво, сакам да кажам дека ова е трета церемонија на доделување на дипломи на Лондон Метрополитен Универзитетот кај нас, кој според најновите критериуми на Times higher education е пласиран во топ пет проценти на најдобри Универзитети во Велика Британија, а да не заборавиме дека во таа земја има најмногу државни универзитети, 166 на број, така што, да бидете во топ пет проценти значи дека нашите студенти едноставно не завршиле кој било универзитет, туку завршиле еден од најдобрите. Она што за нас е најголема гордост е што тоа го имаа направено овде, кај нас дома, без да се изложуваат на непотребни трошоци за да бидат на друго место, но истовремено и да го добијат истиот квалитет, диплома и истото образование, какви што ги има на нивните универзитети низ целиот свет.

Што најмногу го истакнувате како адут во оваа светски распространета мрежа за едукација? 

– Метрополитен има 22 партнери во светот и е еден од најинтернационалните универзитети со голема традиција. Треба да кажам дека градоначалникот на Лондон, Садик Кан, има завршено во Лондон Метрополитен, значи најважниот човек во модерно време во Лондон доаѓа токму од ова училиште, и самото тоа кажува дека ние навистина нудиме квалитет. Нас ни е посебно драго што докажавме дека тој квалитет го поседуваат и нашите професори и нашиот персонал и, конечно, и нашите студенти. А годинава, освен додипломци по бизнис администрација и по туризам, веќе имаме студенти кои завршија мастер за компјутерски мрежи и сајбер безбедност. Тоа е многу важна научна област, а Метрополитен е најдобриот центар за сајбер безбедноста на Велика Британија, така што добивме навистина една престижна категорија на диплома која се надевам дека ќе биде искористена на најдобар можен начин.

Кој е заслужен за целиот квалитет?

– Ние сме пресреќни и многу сме благодарни што зад цаелата оваа работи стои целиот персонал, тимот на професорите, и на сите кои ни помогнаа околу Метрополитен универзитетот.

Работиме успешно и исто сме благодарни на Британската амбасада во земјава, која од самиот почеток го поддржуваше овој проект, така што имаме постигнато доста работи на повеќе полиња, кои се надевам во иднина ќе се развиваат уште повеќе. Веќе шест години поминаа од нашето партнерство, а постојано влегуваме од успех во успех. Евроколеџ е колеџ кој постои веќе 21 година и е акредитиран да дава македонски дипломи. Формиран е на 11 ноември 2003 година, од 2008 година е акредитиран од страна на Одборот за акредитација на Република Македонија, во октомври 2010 година е добитник на наградата за Европски квалитет како резултат на извонредните постигнувања во областа на глобалното образование, потоа во декември 2010, во Виена, Еуро Колеџ ја добива престижната награда „Најдобра компанија“ доделена од Европската бизнис асемблеја, а деканот на колеџот беше прогласен за „Менаџер на годината“. Во период од само три месеци меѓу мај и август 2011, колеџот беше акредитиран од две важни акредитивни тела – ИДЕАЛ и ЕДУ.

Универзитетски колеџ е базично сместен во Куманово, но своја филијала има и во Скопје.

– Е сега, нашите студенти доаѓаат главно од Македонија, но имаме многу студенти од странство. Имаме и наши студенти кои живеат во странство. Наставата е поставена како систем на хибридно учење и голем дел од нашите предавања се онлајн, така што имаме студенти од Америка, од Обединети Арапски Емирати, имаме од Јордан, од Сирија, од Норвешка, од многу земји и што е уште поважно – имаме професори од секаде. Значи, освен македонските професори, а сите тие имаат завршено британско образование и веќе се квалификувани да предаваат по тој метод, имаме професори и од Индија, и од Малезија, од Иран, од Америка, од Лондон, чии предавања се онлајн. Така што, на студентите им даваме шанси да добијат најквалитетно образование што може да се постави по стандардите на веќе таков реномиран систем на образование каков што е британскиот. Ќе повторам, со тоа припаѓаме во оние топ пет проценти на најдобрите, тоа се однесува на квалитет и во однос на поддршката на студентот што е многу важно кај нив, но и во однос на оценувањето и во однос на интернационализацијата. Лондон Метрополитен има 22 разни партнерства ширум светот меѓу кои едно е овде кај нас во Македонија, и горди сме што сме нивниот центар во цела Југоисточна Европа.

Каде сѐ има дисперзирани универзитети низ цел свет?

– Има 22 центри, во многу земји, во Кина, Сингапур, Шпанија, Германија, дури и во Америка. Лондон метрополитен во моментот брои 28.000 студенти, од кои 12.000 се надвор од Велика Британија. Имаат околу 4.000 вработени, значи се работи за гигант, составен од професори, соработници, персонал итн.

Колку студенти имате Вие во Куманово, тоа е голема бројка?

– Па да кажеме дека ако годишно се запишуваат до 150 студенти на нашиот Универзитет, од нив можеби 60 проценти од студентите се од Куманово, 30 проценти се од Скопје и од некои други градови, другите се интернационални. Дури минатата година имавме дипломец од Солун, Гркинка која заврши во Скопје зашто беше поевтино да студира во Македонија отколку да студира во Грција. Знаеме дека во Грција постои Универзитетот Шефилд, па Јорк, па постои и Сандерленд, постојат полно Универзитети, но ова е прв пат ние, независно од Грците, да имаме шанса нашите студенти, преку наши институции, да добијат британски дипломи овде кај нас.

И тоа е веќе призната диплома со која може да работаат по светот?

– Таа е најдобро призната диплома во светот. Британска диплома. Треба да сфатиме дека британскиот образовен систем е јавен. Односно дека 99 проценти од универзитетите се државни, тие ги нарекуваат „паблик“ универзитети, меѓу кои и Лондон метрополитен, и сите се сопственост на британската влада, вклучувајќи ги и Оксфорд и Кембриџ. Приватни универзитети има во Америка и таму тие се најдобри. Во Америка државните универзитети се за посиромашните. Во Велика Британија, пак, системот е само на државни универзитети, приватни има само пет, државата дури пред некое време дозволи формирање на приватните, по сите овие речиси илјада години нивна традиција. Тие имаат поддршка од државата, и таму државата го контролира образованието и се грижи за квалитетот да остане непроменет. За нас е голема чест да работиме со британски државен универзитет, спонзориран од британска држава, поддржан од Британска амбасада како што гледате, и на такво едно ниво ние фактички го поистоветивме нашиот систем со нивниот, до ниво до кое дипломата што ја добиваат нашите студенти да е еднаква со дипломата што ја добиваат во Лондон.

Претпоставувам, наставата се одвива на англиски јазик.

– Да. Целосно. Сѐ е исто како и во Лондон.

Кој е начинот да се пристапи, има ли некаква селекција, посебни критериуми?

– Главна селекција е пред сѐ знаењето англиски, сепак ова е академски јазик и потребно е да поседувате некое повисоко ниво на владеење на англискиот јазик. Ако гледаме по знаење на јазик „C1 to C2“ и тоа е многу повисоко ниво од овие на почетничко ниво. Друго, потребно е студентот да има некакво искуство во струката која ја работи, на пример ако сега студирате мастер за сајбер безбедност треба да имате претходно познавање од IT секторот. За насоката бизнис нема такви критериуми, но од Лондон бараат мотивациско писмо, да знаат зошто студентите го избрале тоа, да видат дали нивната желба коинцидира со онаа на студентот, така што критериумите, мора да признам, не се престроги, но се коректни.

Само три насоки имате?

– Имаме четири. Насоката за бизнис менаџмент, сајбер безбедност и компјутерски мрежи, интернационално организирање на настани и туризам, а од наредна година ќе почне да дипломира и прва генерација на музички бизнис.

Вие кој предмет го предавате?

– Јас предавам economy and society. Економија и општество. Тоа е некој вид на економска мисла поврзано со филозофија, нешто што сега сакаат да го избркаат од нашето образование, но Британците го држат како многу важно.

Да го избркаат?! Зарем? Без филозофија нема економија и обратно.

– Економијата е создадена како термин и како поим и како организација од страна на филозофијата.

Да се зборува за образование, особено современото, е неопходно и во некоја прилика верувам дека ќе се видиме на подолг разговор.

– Да, секако.

Би сакала само уште да не ја изоставиме Вашата порака до студентите кои доаѓаат, како и до оние кои веќе ги видовме во улога на дипломци и магистри.

– Јас би сакал да им порачам – сите да бидат во ситуација во која се сега нашите студенти, да видат дека иако тие не веруваа дека ќе можат да се поистоветат со најдобрите во светот, дека можат. Во суштина ние имаме талентирана нација, без разлика што поинаку се зборува во медиумите, јас не се согласувам. Мислам дека нашите студенти може да се држат и да бидат рамноправни со најдобрите. Тоа го покажува и сето ова. Според тоа нема потреба да се потценуваат себе си, нека бидат храбри, зашто овој момент покажува дека сѐ е можно.

Правите ли нешто за тие да останат тука и по дипломирањето, ги мотивирате ли дополнително?

– Тоа е работа на Британската бизнис асоцијација која е формирана од страна на Британска амбасада, која ги обединува сите бизниси кои се поврзани со Велика Британија. Меѓутоа некои големи фирми и бизниси, како рудници Саса, Алкалоид, Тиквеш се расположени пред сѐ да ги изберат нашите студенти кои завршиле и да работаат кај нив. Некои од ИТ компаниите овде се британски, и тие ги примаат и на пракса нашите студенти, уште додека студираат. Тоа е дел од студиите, ама Британската бизнис асоцијација и служи токму за тоа. Така што, преку нашата севкупна соработката со овие фактори се обидуваме максимално да им ја дадеме можноста тие да најдат работа овде и да работат за британски компании, сега кога веќе имаат британски дипломи.

Студиите траат четири години?

– Четири години траат додипломски за сајбер секјурити, за бизнис траат три години, а мастерите две години.

Ви благодарам многу, Ви посакувам успех и понатаму.

Валентина Ѓоргиевска Парго