Почетна СТАРО КУМАНОВО Нагорички сокак – белегот на старо Куманово

Нагорички сокак – белегот на старо Куманово

Нагорички сокак – уште еден во низата познати сокаци во старо Куманово, што датира уште од времето на турското владеење. Секојдневно поминуваме по него. Секојдневно ја забележуваме интересната градска архитектура и погледот го свртуваме кон објектите кои се оставени на забот на времето. Како што мразот, водата и ветерот ги распаѓаат карпите, така „времето“ ја распаѓа старата градска архитектура на Нагоричкиот сокак. Тие стари објекти на сокакот се сведоци на едно поинакво време, време на важни настани, луѓе и животни приказни.

Сл. 1. Нагоричкиот сокак во 30-тите години на минатиот век

Нагоричкиот сокак, со карактеристични и нему својствени белези, за кумановци денеска е еден од најмаркантните градски сокаци. Како и останатите други познати сокаци, започнувал од познатата Тумба, а завршувал до кланицата и сушелницата за кожи, и двете во сопственост на тогашната градска општинска управа.

Над кланицата се простирало едно возвишено место, каде што се наоѓале повеќе трла за овци и копи за слама, во народот познато како Банево Трло.

Според географот Атанасије Урошевиќ (1949), во периодот помеѓу 1840 и 1870 година се пополнувал празниот меѓупростор во градот и Куманово започнува топографски да се шири. Варош маалото се проширувало кон југоисток сé до просторот помеѓу сегашниот Нагорички и Проевски сокак, а до 1884 година Нагоричкиот сокак се продолжил до некогашниот Манушев млин.

Luxury Catering Service

Според (М. Арсовски 2006), Нагоричкиот сокак името го добил по селаните од селата Старо и Младо Нагоричане, кои при доаѓањето на пазар во Куманово морале да поминат низ него. На самиот влез на Нагоричкит сокак се наоѓала општинската Баждарина, каде што луѓето кои доаѓале на кумановскиот пазар плаќале такса – баждар, за своите производи.

Сл. 2. Нагоричкиот сокак во 20-тите години на минатиот век, со поглед кон куќата на Ѓорѓе Тасковиќ

Во подалечното минато, Нагоричкиот сокак бил познат и по една чешма, во народот позната како Дервишка чешма, која имала неколку елаци, каде што луѓето го напојувале својот добиток, особено оние што доаѓале на пазар. Куриозитет бил што водата од Дервишката чешма летно време била студена, а зиме прилично топла.

Нагоричкиот сокак бил калдрмисан нешто непосредно пред Балканската војна (1912), а тогаш општината спровела и делумна канализација во градот. Каналот подземно бил спроведен од Велешкиот сокак и преку Тумба и Нагорички сокак бил насочен во реката Кумановка.

Сл. 3. Нагоричкиот сокак во 1941 година

Нагорички сокак бил исполнет со повеќе анови. Тука бил анот на Караџинци, потоа на Бабагинини, па на Саре Дренички, на Пашко Ташковски-Влав, на Туше Аџикин, Бабаќарски ан.

Бабаќарскиот ан бил изграден во 1903 година и бил во сопственост на Јован Петровиќ.

Јован Бабаќарски потекнувал од велешкото село Новачани. Неговата семејна куќа и денес постои на Проевскиот сокак, додека на соседниот Нагорички сокак поседувал Ан – зграда запуштена, што уште му одолева на забот на времето.

Во него можело да бидат примени 300 до 400 коњи, магариња, волови и друг добиток, а анот бил добро уреден, имал соби за ноќевање, а гостите имале можност да се измијат, удобно да преспијат и да се нахранат во ашчилницата. Имало човек кој ги примал добитоците и се грижел и одговарал за нив.

Инаку, кон крајот на XIХ и почетокот на ХХ век во Куманово имало 3З ана. Најголемиот и најпрочуениот бил баш Бабаќарскиот ан.

Сл. 4. Некогашниот Бабаќарскиот ан во 2024 година, фот. Ф. Ѓошевски

Нагоричкиот сокак се карактеризирал и по тоа што на неговиот простор имал три производствени објекти – еден вид полуиндустриски претпријатија и тоа: Автоматската мелница „Жеглигово“ (Манушевиот млин), Работилница за шиeње на машки кошули „КИР“ (Кумановска индустрија рубља) во сопственост на Владо Шуман и Шарлаганџиницата на парен погон на Никола Пешев. (М. Арсовски, 2006).

Во Куманово, во 1935 година, ортаците Павле Стојковиќ од Ниш, Стојко Лопарски и браќата Манушеви од Куманово, потоа Мијалчо Костов, велепоседник од Мездра, Светиниколско, и Андреја Недев, трговец од Скопје, ја изградиле мелницата „Жеглигово“. Таа работела на сопствен погон, што го давал еден индустриски мотор. Машините биле увезени од Германија и Унгарија. Млинот почнал да работи во 1937 година. Тука биле вработени 21 лице – работници, стручњаци и луѓе во администрацијата. Подоцна, Манушеви ги откупиле деловите на своите ортаци и тие станале целосно сопственици на овој индустриски објект. Мелницата им била одземена од страна на комунистичката власт. Денеска се наоѓа во руинирана состојба на Нагорички сокак.

Сл. 5. Некогашниот Манушев млин на Нагоричкиот сокак

Според (П. Трајковски 1997), на Нагоричкиот сокак, од левата страна од денешното кино „Козјак“, некогаш постоела кафеаната „Едисон“. Во неа биле прикажувани филмови, а ја изградил учителот Јован Мурговиќ со Илија Вукотиќ и Коста Гудос. До „Едисон“ се наоѓал анот на Влавот Ташко, а потоа бакалницата и анот на Пеце Чушкарски, па бакалницата на Атанас Мишков, магаза и анот на Борис Секирарски, влачарницата на Борис Вруќа-вода, кафеаната и бакалницата на Петре Сливов, чевларскиот дуќан на Крсто Мицев – Драчка и на ќошето фурната на Тасо Крив. Понатаму биле дуќаните и куќите на семејството на Владо Сушелски, па Бубаќарски ан и крчма, куќите на Душко и Мирко Гареви, на Атанас Манушев, старата куќа на Јован Муфтински, неколку дуќани и кафеани.

Сл. 6. Само на стотина метри на Нагорички сокак, 4 кафеани: на Трајко Лопарски, Лазар Таневиќ, на семејството Ташковиќ (Влашка кафеана на Петар Чушкаревиќ) и хотел „Србија“ на браќата Пандиловиќ

Според (М. Арсовски 2008), родените браќа Манушеви, Јован и Васил, биле мошне имотни луѓе во Куманово за време на Кралството Југославија. Во градот се доселиле од Башино Село (велешко). Јован Манушев, со сопругата Маца и ќерките Гена и Јулијана, живееле на стариот Нагорички сокак.

Семејната куќа со просторниот винарски подрум во приземјето, изградена во 1929 година сè уште му пркоси на времето и е бисер во староградската архитектура на Куманово. Како и повеќето семејни куќи во тој период, проектот го изработил рускиот инженер Владимир Антонов. Јован се бавел со производство на вино и ракија на големо, но и со продажба на колонијална стока за секојдневни потреби на населението.

Постарата Јованова ќерка Гена, со сопругот Душан Гаревски и синовите Тошо и Раде, живееле во куќата на Нагорички сокак. Помладата ќерка Јулијана, со сопругот Јефто (синот на хотелиерот Васа Поповиќ), со децата Свето (завршил Медицински факултет) и Мирјана (аптекар) живееле исто така во Куманово. Јефто раководел со репрезентативниот Хотел „Куманово“, а бил сопственик и на угостителскиот објект „Фрушка Гора“, лоцирана на некогашната Тумба.

Васил Манушев пак, со сопругата Вита (моминско Паневски) и синовите Мето, Боро, Атанас (род. 1927 г.), Раде и Душко, живееле во близина на Нагоричкиот сокак. Неговата семејна куќа, по Втората светска војна била национализирана и претворена во Дом за стари.

Инаку, голем дел од имотот на браќата Манушеви бил национализиран по ослободувањето.

Како што напоменавме, во 1935 година браќата Васил и Јован Манушеви, заедно со Павле Стојковиќ од Ниш и Стојко Лопарски ја изградиле автоматската мелница „Жеглигово“, во градот познат како М а н у ш е в  млин.

Браќата Јован и Васил Манушеви биле ценети и почитувани личности, кои заземале значајно место во општествените збиднувања во Куманово во периодот пред војната.

Сл. 7. Семејната куќа и кафеаната „Крчма“ на Јован Манушевиќ на Нагорички сокак

Од десната страна, почнувајќи од зградата на УЈП, се наоѓале куќите на семејствата Борис Аџија, на Стојко Лопарски, Трајко Малински, Трајко Мочана, дуќанот на Игњат Тенекиџија, бакалницата на Ѓорѓи Кратовац, куќата на Дана Шолјакова, столарската работилница на Трајко Шетко, а понатаму куќата на Петруш Аџи-Стефанов, на семејството Бабагинини, Јашкова кафеана и ан, куќите на Ѓорѓи Тасковиќ и Денко Младеновски.

Кога се зборува за Нагорички сокак не е можно да не се спомене староградското семејство Секирарски, чија куќа постои и денес и претставува белег на старата градска архитектура. Браќата Борис и Трајко Секирарски биле угледни луѓе. Борис бил прочуен житен трговец на големо со магаза и ан од спротивната страна на семејната куќа. Според (Д. Масевски, 2019), нивната куќа била изградена некаде 1911 година, извесен период за неа се врзувало името на познатиот кумановски манифактурист Ќира Маневиќ, додека не била откупена од браќата Секирарски.

Интересно е да се одбележи дека Борис на 8 годишна возраст со својот дедо бил на аџилак, па оттука го добил перкарот Аџија. Наспроти Борис, неговиот брат Трајко завршил учителско школо во Вршац.

Сл. 8. Нагоричкиот сокак во педесетите години на минатиот век со поглед кон куќите на семејството Секирарски и Трајко Малински

На почетокот на Нагоричкиот сокак, од неговата десна страна, се наоѓал дуќан, единствен во тоа време во градот, кој на вљубениците во ловот им нудел разновиден ловечки прибор. Тоа бил трговскиот дуќан на Киро Златановски, сместен во приземјето на куќата на Петрија Шољакова.

Според (М. Арсовски 2006) во разни временски периоди на овој стар кумановски сокак живееле Стојко Лопарски, Стојман Зајац и Каранфилски, сите житарски трговци, Стојко Сушелски бакалин, Ангел-Фуц, угостител, Перо Мадетра, ќурчија, Спасо Здравковски, Киро Капетан, качар, Симон Четирски – ќурчија, Ване Стојчевски – книжар, Доце Петковски со синовите Владо Вунар и Киро Бобе – волнарски трговци, Туше Аџикин, Саре Дреначки.

Познати берберски дуќани на Нагорички сокак биле на Славко Кобур, на Јоско и на Герасим Стојановски. Тука биле и ќурчиските дуќани на Ѓорѓи Дуприја, на Стеван и Нисо, а најпознати фурнаџии на сокакот биле Нако Канаревски, Илија Јанковски, Стамен и Тасо Крив. На Нагорички сокак постоела и реномираната чајџилница на Крсто Мадев во која се играле карти и табла, а во задниот дел и комар. На „барбут“ се губеле големи суми на пари, а понекогаш и семејни домови.

Познати семејства кои се доселиле од Велес и велешките села кои во градот биле познати како велешани, а кои се населиле на Нагоричкиот сокак се: Лазо Домазетов, Петре Џимревски, Јован Шакир, Димче Дутко, Оцко Танев, Славе Бајрактаровски, Петре Сливовски, Лазо Танев, Пецко Чушкар, Јован и Васил Манушеви, сите од Башино Село и Јован Бубаќарски од велешкото село Новачани. (М Арсовски 2006).

На Нагоричкиот сокак се наоѓа и познатиот хотел „Солун“. Бил во сопственост на богатиот тетовски кафеџија Премче Пандуловиќ. По кажувањето на стариот кумановец Трајко Левков, во изградбата на овој хотел учествувал и братот на Премче, Трифун како и двајца богати луѓе кои биле на печалба во Америка. Интересно е да се одбележи дека Премче бил осуден од страна на турските власти на 101 година робија, но со време успеал да се откупи.

По 1903 година, хотел „Солун“ го преземале и работата долго време ја обавувале познатите браќа Тома, Власи од Крушево, кои по Илинденското востание се населиле во Куманово.

По Првата светска војна и создавањето на Кралството на СХС во 1918 година, хотелот „Солун“ бил преименуван во хотел „Србија“. (Д. Масевски, 2016).

Сл. 9. Реконструираниот хотел „Солун“

По евиденцијата на Пододбор на „Удружење на гостионичарски, хотелиерски, кафеџиски, механџиски и свих точиоца пића“ од Куманово, од 1927 година, тогаш на улицата „Краљица Марија“ (Нагорички сокак) биле кафеаните и други угостителски објекти: меаната „Биоскоп“, во друг период „Абисинија“, „Париз“ на Јосип Пешиќ, кафеаната „Влашка“ на Петар Чушкаревиќ, хотел „Србија“ на Божин Анѓелковиќ, „Балкан“ на Јосиф Трајковиќ, меаната „Цивкова“ на Јован Петровиќ, „Баба Гинина“ на Петруш Димковиќ, „Македонија“ на Ангел Тасиќ, „Паланка“ на Јаким Младеновиќ, „Мл. Нагоричане“ на Димитрија Анѓелковиќ, подрумите на Јован Игњатовиќ, Славко Бајрактаревиќ„ Теодор Пачковиќ, Милан Драгомановиќ, Лазар Андоновиќ, Лазар Божиновиќ, Петар Сливковиќ, Ѓорѓе Тасковиќ, Стојко Сушеловиќ, меаната „Лазаревац“ на Стефан Караџиќ.

По Втората светска војна, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улицата „Иво Лола Рибар“ (Нагорички сокак): биле угостителските објекти на: Манчевски Иван, Јовановски Јаким, Бубеарски Јован, Серафим Караџински, Петар Чушкарски, Ангеловски Серафим, Петруш Бабагинин, Бајрактаровски Славко, Таневски Лазар, Спасовски Петруш, Манушевски Борис, Ангел Крстевски.

Од поновиот датум, мора да напоменеме дека на Нагоричкиот сокак се наоѓа и ресторанот „Кобра“, основан во 1985 година од Јовица Стојановиќ.

Денешниот Нагорички сокак, во минатото носел друг назив. Па така, на една стара разгледница од 1917 година е запишана како ул. „Царица Елеонора“, која била бугарска царица. Подоцна, во периодот меѓу двете светски војни, улицата се нарекувала „улица Краљице Марије“, по сопругата на кралот Александар I Караѓорѓевиќ.

Во повоениот период, улицата го носи денешниот назив  ул. „Иво Лола Рибар“.

Со надеж дека на интересен начин ви ја претставивме фактографијата за овој наш легендарен сокак, ве поздравуваме до следното читање за некој друг дел од Куманово.

Сл. 10. Нагорички сокак во 1917 година

Користена литература:

 А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.

М. Арсовски – Болто – Нагорички сокак – своевиден белег на старо Куманово. Списание Корени, (Год. 5, бр. 20, декември 2006, стр. 3411-3417)

М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).

Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.

Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.

 

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник