ЉУБИША ЈОВАНОВСКИ ЖИШКА: Ќе пеам за да им се извинам на кумановци за неиспеаното!
Прошетавме низ рок историјата на Куманово – лесно! Затоа што е важно да се познава сопствената историја, на градот, но и да се разбере кое место таа го зазела во целокупната музичка слика. И добивме целосна претстава, која не е нималку налик на онаа што можеби сме ја имале досега, мислам. И?! Слушнавме повеќе од кумановски рок. Слушнавме историја. Затоа што го одбравме – вистинскиот. Кој ако не Жишка од бендот „Тумба“, за пошироката публика звучно име, а за рокерската општо – „ваууу“, страшен вокал.
-… Пред да го вклучам диктафонот, Жишка ајде да оставам на Вас да ми одберете тема која ќе нѐ води, да не одиме по оној класичен образец на испрашување. Ќе шетаме, линеарно, по вертикала, вкрстено. Затоа сакам Вие да одлучите дали сакате тоа да биде она по што најмногу јавноста Ве знае, како пејач од “свој момент”, или она по што имате најмногу заслуга во тој позадински дел на култура, како сценограф, директор…
– Сеедно, сето тоа си се испреплетува и во општествениот живот и во културата и во некаква приватна моја позадинска кариера, која не може да се каже дека е некаква естрадна, но…
Ми се допадна што рековте „приватна кариера“- а станува збор за музичката, бидејќи тоа никако не може да е приватна, сигурно го нарекувате така бидејќи го чувствувате како лично, најмногу свое, како нешто многу драго во себе.
– Па, добро, сакам да кажам тоа не ми е професија и никогаш не сум се занимавал со музика заради егзистенција, освен еден дел од животот, пред сѐ како продуцент, како тон мајстор, како издавач, сопственик на радио станица итн. Но сепак, не како експониран професионален музичар, некој во прв план, некој од македонската естрада.
А, зошто сте се оттргнале од позицијата од која сте можеле да бидете експониран?
– Пред сѐ во Македонија отсекогаш…уф, како да кажам…државата малку не ни е соодветна од тој аспект, некако е мал пазар за култура, затоа што секогаш постоеле фаворизирани личности кои го држеа монополот на естрадата, бидејки за повеќе и физички немаше место, уште во тоа време и сега. Ако не си човек кој ќе свиткаш кичма и ќе одиш да бакнеш рака кај некого, ти ќе се појавиш еднаш-два пати и веќе тоа е завршена ситуација, едноставно немаат есап да те менаџираат тебе. Не дека ти не си добар, туку не може да се спогодат со таков човек, знаат дека нема да дадеш пари или да им се молиш, а од друга страна ги немавме врските во тоа време за да влеземе во таа продукција. Така што, од тој аспект решив да не се занимавам на тој начин со музика, туку ете да најдам соодветен начин во кој ќе останам со неа и ќе се обидам да бидам присутен.
Хммм. Ама рокер и свиткана кичма некако не ми оди.
– Секогаш треба да имате нешто повеќе од желба за да успеете да станете дел од македонската естрада, дури и да свитка човек кичма, да замолчи, многу пати и да се согласи на нешто што е вон неговите принципи, а во тие години рок музиката ја разбиравме малку поинаку. Тогаш немаше студија како сега, па да може да снима кој што сака и како сака, имаше само едно студио во Македонија. Се снимаше во М2 студиото во Македонска телевизија, се знаеше кои продуценти се таму, се знаеше на кој начин можете да закажете термин и ако во почеток не се согласувате да соработувате со тие луѓе, односно ако тие видат дека со вас нема компромис, не се занимаваат повеќе со вас. Многу македонски групи едноставно ја ескивираа таа соработка.
Кога почнавте да се интересирате за музика, што го одреди Вашето стасување како пејач и рокер?
– Јас мислам дека во седумдесеттите години немаше куќа во која немаше музика. Тоа беше она златно време на ренесанса на македонската култура, откога поминаа тие пост-воени години, обновата итн. и се создаде една, да речеме средна класа која почна да размислува на културата. Од друга страна, државата имаше една стратегија во смер на развивање на општата култура кај младината. Луѓето кои живееја во градот создадоа една атмосфера дека нивните деца треба да знаат да свират по некој инструмент. Тогаш масовно се појавија и хорови и училишни мандолински оркестри, основни музички училишта со предмети по солфеж, по инструменти, но и покрај таа масовност многу брзо се селектираа талентите, неталентираните се откажуваа и се оставаше простор за оние талентираните. Сето тоа беше плодна почва од која почнуваше да никнува музичката „армија“.
Некако, ми делува и како вистински начин на спознавање и создавање на таленти…
– Тоа функционираше, ми се чини, до крајот на осумдесетите години. Тогаш пазарот на музичката сцена беше поголем, имавме поголема држава, но сепак имаше и тогаш одредени услови ако сакаш да продолжиш по тој пат. Сметам дека Македонија некако беше ставена во подредена ситуација, бидејки ако сакаш да успееш мораше да си директно поврзан со Македонската телевизија, за поголем успех песните мораа да бидат на српски јазик, за да зафатиш поголемо подрачје, како бенд мораш да се преселиш или во Загреб или во Белград итн. Тоа за млади луѓе од Куманово беше „утопија“. Уште тогаш, фала му на Бога, сфативме (барем јас) дека не се живее баш лесно од музика, особено ако не си „тезгар“ и ако сакаш да туркаш еден друг тип на занимавање со уметност. Затоа многу како мене, музиката ја сфативме како општа култура. Како нешто што ти треба во лична надоградба. Има еден куп доктори кои ги познавам, инжењери, бизнисмени, правници, економисти кои завршија високи училишта, или се бават со успешни бизниси, или имаат сериозни работни места, но кои беа и останаа добри и одлични музичари и ден денес. Некои од нив се доста активни, со многу од нив дури и денеска музички се дружиме, а многу мал број од тие луѓе останаа да се бават професионално со музика и да живеат од неа, како што гледате на прсти можеме да ги изброиме.
…Рокерите ја сфатија логиката на големите музички процеси, тие од сам почеток се вклучени во таа генерална глобална култура. Самиот рок е и универзална музика, а за самите рокери па тоа е и стил на живот; тука има некое оригинално чувство, оригинален пристап и можеби затоа убаво рековте – затоа оние вистинските рокери и ден денес се тоа што некогаш биле. Меѓутоа, македонската рок музика е нешто бесценето, песните кои се создаваа во седумдесеттите и осумдесеттите години се фантастични. Не знам дали го делите моето мислење.
– Секоја добра музика можеме да ја категоризираме како фантастична или како просечна. Тоа е сепак работа на вкус. Но во други услови е создавана таа музика. Ние сепак треба да признаеме дека тоа се случуваше во време кога немаше интернет, немаше брз пренос на информации, првиот контакт беше радио станица. Ако отидеме уште поназад луѓево слушаа Радио Луксембург за да дојдат до музика. Сепак, и ние од нашата генерација можевме да го чуеме тоа на радио, а „тазе“ плоча можеше да си дозволи само оној што можеше да отиде некаде на страна. Кај нас со задоцнување доаѓаа сите нови изданија, па и згора на тоа, тоа мораше да помине некаква цензура. Ама да согледаме целосно – ние, односно мојата генерација, рок културата ја примавме од втора рака – значи од бендови кои беа веќе афирмирани во Југославија, како што се „Бијело дугме“, „Парни ваљак“ „Рибља чорба“, „Атомско склониште“, група „Смак“, меѓу другото и „Леб и сол“, и не случајно и во пост југословенско време рок музиката во Македонија остана да биде носталгична по она екс ЈУ време во кое имаше доста хитови и во кое време, па, сите македонски бендови се обидуваа да снимат нешто на српски, за да може да успеат на поголемо јазично подрачје. Впрочем, еве ви ги „Леб и сол“, ретко кога снимаа на македонски. Дури кон крајот на осумдесеттите почнаа. Е сега кај нас тогаш, тоа беше музика која се создаваше на мускули, бидејќи се снимаше во Македонска телевизија и сѐ мораше да биде на македонски јазик, а луѓево беа научени да прават текстови и песни на српски, па така малку бендови останаа кои снимија на македонски, меѓу другите и ние како тогашна група “Тумба”. Снимивме некои две-три песни, од кои две беа наши авторски, а едната мораше да ја снимаме за некаков фестивал што значи, пак по нечија нарачка. Значи уште тогаш постоеше огромен непотизам и не можеше ти да влезеш како автор во таа продукција ако не си се согласил на сето тоа.
Вие зошто не се согласивте?
– Ние бевме самостојни млади луѓе, не зависевме од никого освен од родителите, хахаха, но и имавме континуирани локални настапи во Куманово. И тогаш, една група кога нема да успее на естрадната поширока сцена, се растура. Куманово имаше богата рок култура во однос на тоа време и не се свиреа само „Бијело дугме“ и „Парни ваљак“ како сега. Тогаш како кавер бендови свиревме од Ten years after до Led zeppelin, Deep purple, Police,The Rolling Stones. Е сега, не целиот опус затоа што тоа беше доста сложено. Тоа се многу тешки партитури кои не можеш туку-така да ги тераш, свиревме она што можевме, од друга страна луѓево сакаат да чујат „Не спавај мала моја“. И, тогаш тие компромиси што се правеа по мене можеби се грешка, а можеби и не, немам поим, така што, гледајќи од овој аспект, знаеш, можеби и не е лошо да се направи еден концерт од некоја група која ќе се извини за сѐ она што не го направила во тоа време во кое требала да го направи, со што можеби и рок културата во градот ќе беше поинаква. Но тоа е мое размислување.
Дали „Тумба“ е од тие кои треба да се извинат?
– Мислам, да… па „Тумба“ во принцип и го створи тој дел на почитување на (се замислува, па вели н.з.) можен простор во рок културата во Куманово низ кој што на мала врата влегоа сите оние екс југословенски групи, кои ако ги гледате како структура на песна во принцип беа копија од сите светски бендови. Еве „Парни ваљак“ со „Лутка за бал“, тоа е всушност Honky Tonk Womаn. Ако гледате, да кажеме, од Цепелин, еден куп песни тоа е во принцип почетниот ракопис на Бреговиќ. Мислам, ретко кој отскокнуваше од сето тоа копирање, тоа беше на крај на краиштата „Атомско склониште“. Потоа, Бајага го почитувам како автор кој се служи не со плагијати туку со цитати. Едно е плагијат, друго е цитат, макар што многу од авторите сакаат да кажат дека тоа е всушност цитат, а прават плагијат. Како и да е, многу беше тешко да се направи една оригинална авторска песна со која ќе можеш да ја плениш публиката, како што е да речеме „Неправда“. Мислам, тоа се песни кои кај нас се многу ретки. Или на пример „Високи штикли и црни чорапи“. Еден куп автори постоеја од кои само мал број успеаја да направат нешто повеќе. Потоа во деведесеттите години сѐ се расплинува повеќе во масовност отколку во квалитет. Тогаш па сите мавнаа на правење на македонска музика, мислам дека тука од тој квантитет се родија доста квалитетни музички дела, но и тоа се измеша со она турбо балканско движење, затоа што тоа беше најкомерцијално и се направија многу, многу музички изведенки, така да кажам. А бендовите по кафулиња сепак мораа да ја свират онаа екс ЈУ музика која е популарна. Во принцип тоа е вистината за кумановската рок сцена.
Сега веќе ќе се врземе строго за прашањето за „Тумба“. Едноставно како решивте дека, ете, сакате да имате свој бенд, дајте ни ја целата таа приказна.
– Во тој период во Куманово постојат многу групи кои се занимаваа со рокенрол. Тоа беше група „НАЈ“, на пример, пред неа беше групата „Глечери“, потоа група „Илинден“, тоа беа групи кои свиреа светска популарна рок музика од која ние учевме. И едноставно од тука почна целата рок култура во Куманово. Затоа што сите овие рок бендови организираа игранки. Игранка беше како рок концерт. Како настан. И се случуваше секој петок, сабота, недела. Вие замислете во еден град да имате рок концерти со песни од „Об-ла-ди об-ла-да“ од Битлси) до Smokе on the water (Deep purple) или All right now (Free) или да кажеме еден куп светски хитови и тогаш луѓето кои доаѓаат на тие игранки, тоа е „цел град“, од 800 до 1.500 посетители во една сала. Можете ли да си замислите што е тоа? Немаше кафулиња. Тогаш во кафани, во ресторани, немаше млади луѓе, се знаеше каде се оди. И сега, вие одите на игранка во Соколана или во гимназиската спортска сала или во еднен магацин од стара пилана кај што свиреше групата „НАЈ“ каде што е таква гужва што едвај можете да влезете меѓу првите за да си зафатите простор за ѓускање. Таму се свиреше РОК, таму свиреа луѓе кои навистина беа рокери, Драган Денковски – Шајто, Антонио Тоскиќ, Драгомир Шоиќ, Драган Шутевски, Слободан Илиевски – Цобе, Тихомир Петровски – Ќусем, Данчо Јовановски. Од нив се учеше, од друга страна, сите ние прво сакавме да бидеме како нив, потоа да бидеме нешто друго. Ама прво да бидеш како нив! Во твој град да бидеш популарен. Куманово континуирано имаше една рок сцена, благодарејќи на која се организираа и годишни гитаријади и сите бендови, сите млади луѓе што воопшто нешто свиреа, можеа да се пријават и да учествуваат. Се избираа по десетина бендови од жири комисија, учествуваа на гитаријадата и нормално имаше победници од жири комисија и од публика, а секоја година се доделуваше и награда за најдобар пејач инструменталист. И таа локална сцена на некој начин делуваше едукативно, она што се вели со поттикнувачка енергија, а дополнителна добивка за нас беше што ние, слушајќи ги другите бендови, едноставно учевме песни кои не ги имавме дотогаш ни чуено.
Во кои групи бевте Вие?
– Прва посериозна група во која бев пеач и гитарист, се викаше „Анти-миш“. Главен ривал ни беше бендот „Гимназијалец 7+1“. Беа одличен бенд. Ми се чини дека во 1979 година на кумановската гитаријада победуваат тие, а следната година победивме ние како „Анти-миш“. Тие гитаријади мислам дека дефинираа кој ке се занимава со музика, кој е добар, кој е лош, кој оди понатаму, кој не оди понатаму, тоа беше некаков „рејтинг“ на моменталната рок сцена во градот . Во Антимиш бев сѐ до одење во војска, нели одевме во војска на 18 години. Се распадна и едната и другата група, и од двете нив се оформи групата “Тумба” во состав во кој ние конечно станавме најголемата рок атракција во Куманово. Имав 19 и пол години. Почнавме активно да бираме и репертоар, година дена траеше таа подготовка, после која почнавме да свириме. Имавме голем успех на тие игранки, па после една успешна сезона снимивме три авторски песни, едната се викаше „Индија“, другата „Немирна родена“ и третата „Марија“.
Како може да ги слушнеме тие песни?
– Ги има негде снимени како продукција. После снимањето на тие песни, се договараме да почнеме нешто со авторска музика, арно ама дел од бендот сакаше да свири комерцијално. Сите бевме студенти и, разбирам, ни требаа пари, но јас не можев да се најдам во таа констелација. Тогаш и јас направив доста добар бенд, но пречка беше разликата во години, бидејќи групата беше составена од бивши членови на „Илинден“, и од „Нај“. Е сега, тоа беа веќе повозрасни луѓе, некои со фамилии, кои ги интересираше нешто повеќе во однос на печалба, отколку авторската музика, па и тоа не потраја многу и јас потоа целосно се посветив на факултетот во Скопје. Потоа Тоше Поп Симонов во средина на осумдесеттите ме викна како главен вокал во групата „Раскољников“. Тие отидоа во Белград кај Лазар Ристовски да снимаат албум, јас во меѓувреме веќе бев апсолвент, плановите на групата беа многу амбициозни што на крај од моите студии не можев да ги исполнам, па „Раскољников“ отиде на снимање со Стево Чепишевски и Тања Станковиќ како вокали. Потоа сменија име во „Асторија“.
Аха. Возбудливо е и ми се допаѓа што во еден здив ја раскажавме целата рок приказна на Куманово. Или сѐ уште не?
– Значи, тоа е период до некаде 1987 г., кога неочекувано добив покана од организаторите на „Макфест“ да настапам сам како пејач, да отпеам песна на второто издание на “Макфест”, затоа што Ана Костовска требаше да ја пее, па не беше дошла од Суботица (работеше во театарот н.з.). Дури и ми се чини во официјалното издание на касетата ја нема песната, бидејќи беше многу доцна снимена. Јас отидов чисто да направам услуга, не ни беше предвидено за пласман во финалната вечер. Сигурно затоа и Ана ја имаше одбиено.
„Макфест“ не послужи како доволно силен фактор да Ве вметне повисоко во македонската музичка орбита?
– Тогаш дефинитивно одлучив дека не сакам да продолжам во тој правец. После тој „Макфест“ имав добиено ветување од „Македонска продукција“ дека ќе ми овозможат термини за снимање. Имавме идеи да снимаме авторски песни со мојот сега покоен другар Страшо Арсовски (член на Антимиш), Тој беше човек кој според мене беше авангарда, беше добар поет, добар текстописец и композитор, малку послаб аранжер, но човек со многу добри идеи, штета што почина за време на короната и многу ми недостасува. Со него верувавме дека поради ова што сум направил услуга, ќе добиеме термини, но тоа беше „лудо радовање“, никогаш не го добивме тој термин во МТВ. И јас тогаш сфатив дека еден значителен дел од луѓето таму се лажови, тезгари, пробисвети и битанги. Некои од нив се да кажеме некои „македонски имиња“, но јас искрено, интимно сметам дека токму тие беа терминатори на македонската РОК, но и секоја друга македонска музика во вистинска смисла на зборот, да биде квалитетна, да биде конкурентна. Како и да е, ја оставив музиката и сфатив дека нема што сега јас тука со глава низ ѕид, сѐ до 1991 г., кога се подготвував да отворам радио станица. А, до тогаш се занимавав сепак со култура, работев како сценограф.
Вашата професија на друг влез Ве внесува во културата, преку тоа што бевте технички директор на театарот.
– Завршив архитектура и почнав да работам како сценограф, станав технички директор на кумановски театар, работев на многу места во многу држави и тогаш дојде војната и пак нѐ затвори во една мала средина. Така што, кога дојде време да се реформира кумановски театар, почна да се создава екипа. Немавме сала, бевме под Дом на култура, но до 1992 г. успеавме да се отселиме, да го реновираме театарот и повторно да стане институција. Од Битола дојде режисерот Сашо Миленковски и почна да се подготвува репертоар. Се направија култни претстави, „Game over“, чија прва премиера беше во јануари 1993 г., работена според текстот „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, со Љубица Гојковиќ Бубе, Верица Ристоска, Горан Илиќ, Митко Апостоловски, јас сценограф, која во 1993 г. е прогласена за апсолутен победник на МТФ „Војдан Чернодрински” во Прилеп. И тогаш Венко Серафимов дојде да прави музика и веќе официјално почнавме да функционираме како театарска екипа во Куманово. Исто, кога отворив радио станица направив и мало продукциско студио и тука почнавме да снимаме, а Венко богами доста голем опус од своето творештво го има снимено кај мене. Еден куп луѓе снимаа. Сѐ до 2001 година. Последен албум што го снимав беше на „Морал“. И тука завршив со продукција и се посветив на професијата. Од друга страна се отворија многу студија на овој мал пазар, се намали и работата, не ми се исплатеше веќе и баталив. Сѐ до 2009 г., момент кога дојдоа Венко и Славчо од „Морал“, со зборовите: “сакаме да правиме нешто, дали би можел ова да пееш?”. Ми го покажуваат цедето Deep purple и Led zeppelin, јас гледам и велам: “Добро, ако можете вие ова да свирите, можам и јас да пеам” и така и го направивме бендот „Парпл-Цепелин“.
Се сеќавам на вашиот прв настап во Клубот на моторџиите во Скопје беше 2009 г., со специјални и адресирани покани и со многу возбуда.
– Од тогаш наваму настапуваме во истиот состав, тоа е веќе 15 години, со пауза за време на короната. Макар што и тогаш нешто пробувавме, снимавме по студио и пробите ги снимавме. Од пробите беше таа снимка на „Кашмир“ што ја пуштивме како спот, составена од сите фотографии што сме свиреле на многу места, низ цела Македонија. Не можевме повеќе од два пати максимум месечно да свириме затоа што Славчо тогаш беше директор на правна служба на Народна банка, Цале работеше исто во Народна банка, јас бев во Министерството за транспорт. Венко беше слободен уметник, но тој работеше еден куп проекти. Многу свиревме, но поради недостиг на време и не прифаќавме многу свирки. Од едни пријатели имавме понуда да одиме и во Италија, но тоа не се изведе поради обврски.
Ве освежува ли тој репертоар, тие свирки Ве враќаат ли во некој филм?
– Тоа е основата на хард рокот. Нема што да те освежува. Тој репертоар и покрај тоа што е многу тешка партитура, тој и физички е тежок за изведба. Не е едноставно. Тоа се песни од најдобри светски вокали, од Роберт Плант, преку Јан Гилан и Глен Хјуз до Дејвид Ковердејл, тоа се луѓе кои пееле, не се зафркавале. Е сега, јас колку сум можел тоа да го направам, не знам, но се обидувам. Фала му на Бога сме имале добри журки. Ние каверот сме го свиреле онака како што ние сме го доживувале, сме ги свиреле “стварите” онака како нас што ни звучело. Особено што немавме клавијатура, но ние едноставно сме изведувале наши аранжмани кои ете така звучеле.
Јас сум ве слушала во неколку варијанти, во клубот, во кафуле во Лептокарија и во дискотека „Хавана“ и секаде тоа звучело предобро и уште веднаш поставивте критериуми со кои „малкооо“ како да нѐ зафркнавте, па сега не можеме да слушаме секого на таа тема, да признам чесно е.
– Видете, тоа се луѓе кои свират над половина век, значи како што ви кажав од деца, од 7,8 години почнале да учат музика, до деца од 63-4 години кои уште учат музика (се смее). За Венко не ни треба да дискутирам за каков гитарист станува збор. Славчо Стојанов исто е одличен басист. Тој е основачот и басист на „Морал“ и не знам ни јас колку албуми имаат снимено. Пред сѐ, тој посветува многу големо внимание на тонот на бас гитарата што ќе го постигне на сцена. Сашо Ангелов Цале е еден од најдобрите тапанари во Македонија и може комплетно да се носи со половина Европа. Многу интересно е што тој вади добар тон без разлика на каков тапан ќе го ставите, и тој е многу лесен да го озвучиш. Славчо и Цале свират во „Морал“… Башка, Цале е член на „Морал“ и тапанар на „Меморија“. И сега, куп луѓе кои свиреле толку време заедно, плус ритам секција со гитарист кој е виртуоз, па мора да звучи. Како пејач многу е битно да имаш добар бенд зад себе па затоа многу е лесно да бидеш пејач во таков бенд. Затоа што имаш…сѐ. Знаеш, многу комотно се однесува човек. Ако се однесува комотно во музиката, тогаш тоа звучи како што треба. Значи нема фалш, нема лага, нема маскирање, туку тоа свири и тоа е рок музика. Диру и ако се погреши, од тој дефект автоматски настанува ефект.
Тука морам да забележам дека рокерите, сите вие речиси, некои се во пензија, некои за брзо време ќе одат, веќе повторно станувате едни „слободни момци“ кои ќе имаат повеќе време да се занимаваат со тоа.
– Па не. Во принцип оваа музика полека, полека си е на крај од своето постоење.
Уф. „Рокенролот (ќе) е мртов!“. Има сѐ уште широка публика.
– Има. Широка, не се согласувам, но дека има публика, има. Оваа нова рок музика која се создава е нормално да биде музика која си ја сакаат новите генерации, но полека, полека, како што нели еден по еден заминуваат и ние мора да сме свесни дека таа музика ќе ја снема. Е сега, побрзо или подоцна, ќе видиме, кој колку има кондиција. За жал, иако сега гледате кавер бендови во Македонија, вие ќе забележите дека многу мал број од тие бендови сѐ уште издржуваат да не почнат да се „претопуваат“ во бендови кои свират екс ЈУ рок. Јас немам ништо против, таму има добри мелодии кои се исто бесценети во однос на своето креирање, како музичко дело. Но аудиенцијата која треба да ви биде музички пообразована, за жал е образована само во еден тесен дел. И тогаш имате луѓе кои велат: да, јас сум рокер, но слушам само „Рибља чорба“. Или слуша само „Бијело дугме“. Тоа е нели онаа широка публика која од концерт на Цеца сака да отиде на концерт на некаков си сегашен српски или хрватски поп пејач и кога ќе дојде „Зизи топ“ во Скопје, тогаш гледате ни 2.000 души не можат да ја наполнат „Борис Трајковски“ и тогаш мене ми е срам.
Значи, сега се подготвува концерт на “Тумба”!
– Во 2019 г. случајно кај мене дома во студио седнуваме неколку музичари од Куманово, да посвириме малку, вака или онака, меѓу кои тапанарот на „Тумба“ – Моме Констадиновски. Тој предложи да го викнеме Младен Протиќ малку на гитара да посвири. Басистот што ни беше, Његош Секуловиќ, беше во Авганистан и беше во најава да се врати. По извесно време се врати и потоа ние „као“ почнавме да свириме и добро ни појде. Како и да е, после скоро 40 години што не сме се собрале, супер е. „Ај овуј песму, ај онуј песму“, и велам „Зошто не направиме еден концерт после 40 години постоење на групата?“. И почна идејава, Зоран Краљевски, стоматолог, беше зафатен со работа, тој е наш клавијатурист кој оваа година ни се приклучи, но тогаш ние четворица почнавме нешто да вежбаме, на крај на 2019 г. и почеток на 2020 г., и тамам да се собереме и нешто да правиме – почна короната. Понатаму, конечно се подготвуваме да направиме концерт и дури и датумот на 18 мај 2024 г. го резервиравме, на отворено, сѐ беше договорено – како, што и каде, сѐ, и сценарио, сѐ живо, арно ама се случија други малери, но фала Богу сѐ се заврши како што треба, но тоа траеше некаде до септември. Се надевам и планираме сега во мај да биде концерт и тоа баш онака, на атрактивна локација во Куманово. Репертоарот никогаш не бил проблем. Светски хитови. Концертот ќе биде со мотив да се извиниме на градот што на времето не сме им ги оствариле овие песни, кои навистина требало да бидат чуени во тоа време и можеби градот и ќе имал друг смер на музичко движење, сѐ ќе се одвивало можеби поинаку ако тогаш сме ние инсистирале на таков репертоар. Тоа ни е идејата. На пример Come together од Битлси, од White snake Fool for your loving и потоа еден куп „ствари“ кои ние не сме ги свиреле, од AC/DC, Bad company, Zeppelin, не заради друго, туку ете така сме сметале и сме иделе по линија на помал отпор. Сѐ она што требало да се отсвири и да биде една лектира. А тоа се сѐ евергрини кои и ден денеска се актуелни во рок музиката и сакаме тоа да го направиме и како еден перформанс да биде проследено со видео материјали. Едноставно да си биде по сите тертипи, сѐ како што доликува на еден високо професионален организиран концерт. Се надевам дека ќе го направиме „гледљиво“. Во театар тоа е многу битен термин кога ќе те прашаат “Како претставата?” и ти кога ќе кажеш „гледљива“. Значи не ти доаѓа да станеш и да си излезеш, тоа е многу битно (се смее). Така што во добра форма се сите, да чукнам во дрво, ќе има и гости, јас се надевам ќе биде интересно, целовечерен перформанс, ќе почне по 20ч., ќе трае до доцна, се надевам на отворено да има простор за сите. Во принцип да биде добра журка е многу битно. Па, ќе видиме…
Стегам палци да Ви помине извинувањето, а потоа ќе седнеме пак, и на кумановски ќе продолжиме со темите- апсурди на македонската продукција, предрасуди, минати стравови, грешки, знаете, ми влева надеж овој разговор дека вината е лоцирана и работите ќе може да се поправат!
Валентина Ѓоргиевска Парго