Новогодишната честитка на РКЕ до народот беше поскапување на цената на електричната енергија, веќе видливо од сметките кои пристигнаа за месец јануари. Ефтината тарифа поскапе за 0,9 %, првиот блок за 0,68 %, вториот блок за 0,9 %, третиот блок за 1,93 % и четвртиот блок за 2,24 %.
Од јули цената на електричната енергија повторно ќе оди нагоре. Зошто???
1. РКЕ објави дека со одлуката за јануарското поскапување на струјата народот ќе му врати на ЕВН 65 милиони денари, а ќе му остане должен уште 135 милиони денари (ова за следното поскапување во јули 2025 година). Никој не ѝ должи на државата, само државата е должна, по правило на странските компании.
2. Во енергетските капацитети јаглен ископуваат приватни компании. ЕСМ гигант со над 4000 вработени не е во состојба да ископува јаглен за потребите на термоелектраните. Со едните Марковски, со другите Топлина, нормално со тендери во четири очи.
3. Државата се откажа од финансиско помагање на ЕСМ, па дополнително ЕСМ се задолжува за набавка на електрична енергија која е потребно да го надополни недостатокот на домашното (државно) производство на електрична енергија. Државните капацитети тонат во долгови, а ЕВН остварува рекордни профити. Во 2023 година ЕВН Македонија остварува добивка од 28 милиони евра. Споредено со 2022 година има раст од 546 %. ЕВН Хоум остварува добивка во 2023 година од 20,8 милиони евра со раст на годишно ниво од 129 %. За некој ден ќе ги видиме профитите во 2025 година. МЕПСО потроши 2 милиони евра на спонзорство на спортски клубови со високо реноме како Шкендија од Арачиново. Според Министерство за финансии заклучно со месец септември 2024 година АД Електрани на Северна Македонија во државна сопственост има доспеан, а ненаплатен долг од 4 426.840.065 денари и недоспеан долг Т, Т+1 и Т+2 во вкупна вредност од 5 747.525.935 денари или вкупен долг според Министерство за финансии 10 174.366.000 денари т.е долг од 165.436.845 евра. ЕСМ производство на топлинска енергија според Министерство за финансии заклучно со септември 2024 година има вкупен доспеан и недоспеан долг од 510.522.167 денари т.е долг од 8 301.173 денари. Логично се поставува едно прашање, дали ЕСМ е следен за продажба?
4. Во последните три години се изградија 900 MW фотоволтаици (приватен капитал) од кој државата нема никаква корист.
5. Во буџетот на Македонија за 2025 година нема предвидено ниту денар за изградба на Чебрен. Не само што доцниме туку и дополнително ќе губиме време, па сега одново ќе се разгледуваат студиите и проектите за да се избере кој е најповолен. Дополнително изгубено време, а повеќе од јасно е дека Чебрен може да се изгради за десет години од наши фирми под надзор на наши еминентни професори од ФЕИТ, Градежен и Машински факултет за една милијарда евра (10 години х 100 милиони евра годишно).
6. Дали има еталон во Бирото за метрологија за мерење на точноста на броилата за мерење на потрошената електрична енергија? Не верувам, ЕВН си поставува броила, ЕВН ги менува, ЕВН ги баждари, ЕВН наплатува. Народот плаќа!!!
Доколку се исклучи факторот популизам, електричната енергија сигурно ќе поскапи повторно во јули. А да, и парното во Скопје поскапе за 5 % на барање на ЕСМ.
м-р Дејан Димовски