Почетна СТАРО КУМАНОВО Koj e Милан Веселиновиќ, во чиј дуќан денеска се наоѓа кафетеријата „Јард“...

Koj e Милан Веселиновиќ, во чиј дуќан денеска се наоѓа кафетеријата „Јард“ ?

Минатата година, на 27 ноември, во Куманово, во една од просториите (дуќаните) на Занаетчискиот дом, свечено се отвори новата кафетерија во градот „Roastery by Yard“, каде кумановците можат да ја почувствуваат магијата на свежо печено кафе, и одвнатре да уживаат во погледот кон некогашната ул. Шумадијска, куќата на Тома Глигоријевиќ, Општинската зграда, Градскиот Плоштад и т.н, или едноставно речено, во центарот на градот.

Сл. 1. Занаетчискиот дом со поглед кон дуќанот на Милан Веселиновиќ

Просторијата во која се наоѓа новоотворената кафетерија има посебна историја долга 95 години од изградбата на Занаетчискиот дом во 1930 година. Има посебен дух и посебна приказна за себе. Како времињата одминувале, така и приказните се сменувале. Ние во оваа прилика ќе Ви ја раскажеме приказната за Милан Веселиновиќ, угледен и познат кумановец, кој баш во просториите на денешната нова кафетерија, во меѓувоениот период, држел часовничарски дуќан. Во поново време, во истиот дуќан се наоѓаше и продавницата на „Киро Фетак“ и бутикот „Дона“.

Сл. 2. Милан Веселиновиќ пред својот часовничарски дуќан, денес кафетеријата „Јард“

Според М. Арсовски, часовничарскиот занает во Куманово постоел и во турското време. Најстар часовничар бил Благоја Блажевски, со дуќан во Асановата чаршија, а до 1912-та година и Илија Веселиновски и Трајко Петровски-Никуљски. Во периодот меѓу двете светски војни познати часовничарски мајстори биле и Петко Шумановски, Благој Веселиновски, Ѓоше Петровски, Дане Димковски – Качак, Дане Германија (кој занаетот го изучувал во Германија) и некој Турчин Калиман.

Меѓу нив најпознат бил Милан Веселиновиќ.

Luxury Catering Service

Милан Веселиновиќ бил роден во 1887 година во Куманово. По кажувањето на неговата сега починатата ќерка Радмила Станковиќ, која имала само 13 години кога тој починал – Милан бил сираче. Бил многу мал кога родителите му починале, а за него и за неговите постари браќа се грижеле бабата и дедото. Тој бил оженет со Евгенија (1892 – 1967 ) од Кратово и имале две ќерки, Лепосава Веселиновиќ (1914-1921), која починала на седумгодишна возраст од последица на белодробни заболувања и помладата Радмила Станковиќ моминско Веселиновиќ (1927-2014), која била просветен работник во некои села во кумановскиот крај, а најголемиот дел од животот во ООУ „ Крсте Мисирков“ во Куманово.

Сл. 3. Милан Веселиновиќ во својот автомобил, што било реткост за тоа време, со сопругата Евгенија и ќерката Радмила во меѓувоениот период.

По кажувањето на неговата ќерка, таа не знаела како го изучил часовничарскиот занает, зашто бил сиромашен и бабата и дедото немале пари да го школуваат во странство.

Милан бил многу умен, интелигентен и снаодлив човек. Не се знаело како воспоставил врски со видни занаетчии и трговци од други земји. Имал директни врски со поедини фабрики во Швајцарија, Франција и Италија.

Милан по цел ден бил во дуќанот, кој бил сместен во центарот на тогашниот Занаетчиски дом, на плоштадот. Дуќанот му бил простран со естетски обликувани витрини и богат асортиман. Покрај поправка на часовници, тој продавал и ѕидни, џепни и рачни часовници, златен и сребрен накит, очила, квалитетни ременчиња за часовници, посребрени украсни садови за домаќинства. Вршел и монтирање на сочива за очила, зашто тогаш немало специјална оптичка работилница. Често патувал со авион или со автомобил.

Сл. 4. Милан Веселиновиќ, внатре во својот часовничарски дуќан, денес кафетерија „Јард“

Најголем впечаток на неговата ќерка Радмила, од нејзиното детство е кога една од трите бомби фрлени на Куманово на 6 април 1941 година разурнала половина од нивната семејна куќа во центарот на градот.

„Татко ми го продаде автомобилот и ја купи куќата, која во турско време служела како училиште. Кога почна војната, татко ми беше во Белград, во болница каде што требаше да ги оперира очите. Слушнавме дека починал во болницата и, додека мајка ми да организира да го донесат, во куќата ни експлодира бомба. Во куќата бевме двете со мајка ми, ама останавме неповредени. Во исто време останав без татко, без куќа, а и без неговиот имот, зашто дуќанот беше разграбен – се присеќала Рада во една прилика“.

Така, од едно можеби најбогато семејство во градот, за миг се соочиле со голема сиромаштија.

Од дуќанот во кој имало швајцарски часовници, накити и кој знае што уште, им останало само еден ѕиден часовник, еден изгравиран сервис за кафе и чаши за вода, кои Милан ги донел од неговите патувања.

Милан Веселиновиќ исто така бил активен и во Занаетчиското здружение на млади занаетчии во Куманово. Тој помагал на посиромашните семејства. Еднаш на некое патување во Србија часовничарот се сретнал со некој врсник, кој му раскажал дека е многу сиромашен. Часовничарот се растажил и ја извадил стоката што ја носел, и, на вчудовиденост на сиромавиот, му ја подарил. Во Куманово се вратил со празна чанта.

Сл. 5. Управа на занаетчиска младина „Душан Силни“ во Куманово, 1932 г. На сликата во среден ред, петти од лево спрема десно е Милан Веселиновиќ.

Исто така кога слушнал дека се собираат парични средства за изградба на Соколскиот дом во неговиот град, се одзвал на повикот и донирал парични средства. Во градот го паметеле како човек кој се трудел на секого да му помогне во рамките на своите можности, а тоа го чувствувал како граѓанска обврска. На одржаниот аеро митинг во Скопје каде присуствувале голем број на натпреварувачи Веселиновиќ бил импресиониран од настапот на победникот и поради тоа решил да му додели златен часовник.

Според (П. Трајковски 1997) за овој мајстор е сврзана една случка. По време на Првата светска војна, кога низ Куманово минувале војски, еден српски војник дошол во дуќанот на Милан Веселиновиќ и му оставил часовник на поправка. Се спогодиле мајсторот часовникот да го направи за наредниот ден, а за тоа војникот да плати 20 динари. Мајсторот му издал потврда дека примил часовник на поправка.

Часовникот бил поправен, но војникот не дошол да го земе. Мајсторот чекал неколку дена, а потоа часовникот го затворил во прирачна кеса. И заборавил на него. Меѓутоа, по завршувањето на војната, по 10 години откако бил оставен часовникот на поправка, неговиот сопственик дошол во дуќанот на Веселиновиќ и ја покажал потврдата, дошол да го земе својот часовник. Мајсторот ја проверил потврдата, веднаш го пронашол часовникот и му го врачил на сопственикот. Овој бил изненаден, сакал да плати повеќе од спогодените 20 динари, но мајсторот тоа одлучно го одбил. Напротив, за својот муштерија нарачал чај и заедно пиеле и поразговарале. Дознал дека овој српски патник, откако го донел својот часовник на поправка, истата ноќ со својата единица кренале на фронт, па не дошол да си го земе часовникот, меѓутоа потврдата ја чувал. А мајсторот чесно, исто така му го чувал часовникот. По ова станале пријатели и се допишувале.

Милан Веселиновиќ, во 1941 година заминува за Белград на операција на очи, каде тогаш му се губи секаков траг и мистериозно исчезнува. Не се знае каде починал и каде му се наоѓа гробното место.

Починал и останал далеку од својот град, а неговото семејство никогаш не дознало каде е погребан. По иницијатива на неговата ќерка Рада, на градските гробишта во Куманово, каде се погребани членовите од неговото семејство, е испишано и неговото име.

Користена литература:

М. Арсовски – Болто – Старо Куманово низ фотографии, Наш весник, 15 јануари 1987 година, стр. 9.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.

Весник „Нова Македонија“, сабота 28 јануари 2012 година

М. Стошевски – 90 години Соколана – Куманово, Графотекс, Куманово, 2020.

Фото: С. Станковиќ (приватна архива)

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник