Олимпискиот дух не прекина да живее во Сараево и меѓу сараевчани, и 41. година по Зимските олимписки игри, секако најубавиот историски спортски спектакл што се случил во Сараево, Босна и Херцеговина и на нашите простори (тогашна Југославија), кои беа отворени на 8 февруари 1984 година.
Олимпискиот дух не прекина да живее во Сараево и меѓу сараевчани, и 41. година по Зимските олимписки игри во 1984 година, секако најубавиот историски спортски спектакл што се случил во Сараево, Босна и Херцеговина и на нашите простори (тогашна Југославија), кои беа отворени токму на денешен ден, 8 февруари.
„Убаво беше во Сараево!”, тие што на каков било начин беа дел од тоа, со гордост ќе кажат и ден денес и секогаш се чувствуваат попривилегирани од другите, ама и ние, оние генерации кои го доживеавме тоа во „реално време” преку малите екрани.
Во ’84 падна снег и се собра целиот свет, со скиите на рамената и санки во рацете, и тргнаа на пат до снежната Рајска долина – Сараево!
Таму пак, на 8 февруари 1984 година, беа отворени 14. Зимски олимписки игри, и траеја до 19 февруари.
Отворањето го следеа околу 60.000 луѓе од Сараево, на стадионот Кошево, а околу две милијарди луѓе на телевизија.
Игрите ги отвори Претседателот на Претседателството на СФРЈ Мика Шпиљак, а Олимпискиот оган го запали лизгачката Санда Дубравчиќ.
Патувањето на Олимпискиот факел во 1984 година започна во Олимпија и факелот потоа пристигна во Дубровник со авион. Вкупното растојание поминато со факелот низ Југославија е 5.289 км (плус 2.879 км на локалните патишта). И тоа на две главни линии: едната на запад (Сплит – Љубљана – Загреб – Сараево, во должина од 2.602 км) и другата на исток (Скопје – Нови Сад – Белград – Сараево, во должина од 2.687 км). Последен носител на факелот беше уметничката Сандра Дубравчиќ, која го презеде од скијачот на крос-кантри Иво Чарман. Еден од двата оригинални факели денес се наоѓа во приватна колекција во Жалец, Словенија. Исто така, уште 20 факели се наоѓаат во Грција во сопственост на индивидуални спортисти кои го носеле факелот од античка Олимпија до блискиот воен аеродром, а потоа од аеродромот во Атина до стадионот Панатинаико, каде што се одржа церемонијата на предавање на олимпискиот оган на Олимпискиот комитет.

За жал, Олимпискиот симбол е оштетен за време на војната во Босна и Херцеговина.
По 11 олимписки денови, церемонијата на затворање на Зимските олимписки игри се одржа на 19 февруари, а тогашниот претседател на Меѓународниот олимписки комитет, Хуан Антонио Самаран, рече дека Сараево бил најдобриот организатор на Зимските олимписки игри до тој момент во нивната историја.
-„Збогум, драго Сараево“, беа зборовите на Самаран.
ЗОИ СО КУП НОВИ РЕКОРДИ
Рекорден број на учесници (над 2.500) пристигнаа во Сараево, а градот- домаќин ги отвори вратите и ги пречека сите! Тие беа во многу аспекти посебни игри на кои беа соборени многу рекорди од тоа време.
На Игрите учествуваа рекордни 1.272 натпреварувачи од 49 земји (998 машки и 274 женски натпреварувачи), се одржаа 39 натпревари во шест спортови (10 дисциплини).
Меѓу натпреварувачките 49 земји, од Европа учествуваа 28 (910 спортисти), а дебитанти беа натпреварувачите од Египет, Монако, Порторико, Сенегал и Британските Девствени Острови. Со одлука на кинеската влада, спортистите од Кина го прекинаа бојкотот на Олимписките игри поради настапот на спортистите од Тајван, а за првпат настапија на една од игрите на кои настапи и Тајван (под името Кинески Тајпеј).
За организацијата беа потрошени многу пари.
Игрите беа запаметени и многу засакани, и од учесниците и од гледачите.
Домаќините беа особено задоволни што 21-годишениот скијач од Нова Горица, Словенија, Јурек Франко го освои првиот медал (сребрен) и така стана југословенски херој на ЗОИ ’84 за тогашната заедничка земја, во велеслаломската трка во Бјелашница. На доделувањето на наградите во Скендерија, Сараевчани на свој карактеристичен начин го бодреа во ски-центарот со транспаренти на кои пишуваше „Повеќе го сакаме нашиот Јурек отколку нашиот домашен бурек“, или пократко „Го сакаме Јурек повеќе од бурек“.(„Више волимо нашег Јурека него домаќег бурека”, „Волимо Јурека више од бурека”), иако бурекот е нивна гурманска национална гордост.
Сепак, најголемите ѕвезди на Олимпијадата во Сараево беа учесниците во уметничко лизгање. Најдобар впечаток остави британската танцова двојка Џејн Торвил и Кристофер Дин кои го освоија златниот медал танцувајќи на „Болеро“ од Равел и ги оставија без здив сите присутни во ледената сала Зетра, а за прв и единствен пат во историјата на танцовите парови скејтери, тие ја добија максималната оценка за уметници од таа категорија.
Златен медал освои и источногерманската уметничка лизгачка Катарина Вит, која Олимпијадата во Сараево ја направи една од најголемите спортски икони на крајот на 20 век. Само еден месец по златото во Сараево, Катарина го освои Светското првенство во 1984 година, потоа златото на Светските првенства во 1985, 1987 и 1988 година и Олимписките игри во Калгари, Канада, во 1988 година.
Финецот Мати Никонен (кој почина во 2019 година на 56-годишна возраст), тогаш ги одушеви сите со своите одлични скокови на скокалницата на Игман и освои златен медал.
„БЕЛАТА ОЛИМПИЈАДА“ ВРЕДЕЛА ЗА СИТЕ ПАРИ
Кандидатура за изборот на Сараево за град домаќин на 14. Зимски олимписки игри е објавена на 18 мај 1978 година, за време на 80-тата седница на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во Атина. Противници на градот беа јапонскиот град Сапоро и заедничката кандидатура на двата шведски град Фалун и Гетеборг. По два круга на гласање, Сараево со мнозинство гласови ја доби организацијата на ЗОИ 1984, и со само три гласа ја претекна Јапонија.
Замислете, медиумите од Љубљана, Загреб и Белград се пожалиле на локацијата, но, сепак Сараево станало среќниот добитник.
Подготовките траеле со години, и во сето тоа инвестирани се многу пари. Спонзори од САД беа: Kodak, American Cyanimid, Miller Brewing Co. и U.S. Tobacco Co.
Нивната организацијата чинела 142,6 милиони долари, а половина од приходот е остварен од продажба на ТВ права. За настаните се продадени вкупно 250.000 билети, а само во странство 200.000 билети, додека ТВ преносот на „Белата олимпијада“ во Сараево го следеле две милијарди луѓе.
За време на подготовките за Олимпијадата, градот доби нови спортски објекти, се доградија уште многу населби, хотели, студентски домови во Неџариќи добија дополнителна зграда, а по Игрите во Сараево, покрај олимписките објекти, имало и 2.850 новоизградени станови, изградени патишта во градот, спортски центри Скендерија и Зетра, жичарници, ски-лифтови и хотелски комплекси на планините Бјелашница, Игман, Јахорина, а отворени се 9.500 нови работни места.
И, ПО НЕКОЈА ЗАНИМЛИВОСТ…
Овие ЗОИ, се всушност првите зимски олимписки игри одржани во социјалистичка земја (а втори одржани во социјалистичка земја по 21. Олимписки игри во 1980 година во Москва).
За нив известуваа повеќе од 4.500 новинари од цел свет.
Еве каде се одвивале настаните:
Стадион Кошево, Ледена сала Зетра – Скендерија, планински локации Бјелашница, Јахорина, Велико Поље (Игман), Требевиќ, Олимписко село, Мојмило Село за новинари, Добриња Хотели: „Игман“ (Игман), „Фамос“ (Бјелашница), „Смук“ (Бјелашница), „Бистрица“ (Јахорина).
МЕДАЛИ
Во Ковачницата во Мајданпек биле изработени вкупно 285 медали, а доделени 222. Логото симболизира стилизирана снегулка, како и вез произведен во регионот на Сараево со олимписките прстени горе.
Тоа лого стоеше на лицето на златниот медал- На предната страна на медалите стоеше официјалниот амблем, стилизирана снегулка, над која се олимписките кругови.
Текстот: ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ – САРАЕВО 1984 година е испишан на работ на кругот.
На задната страна на медалот е стилизирана глава на спортист крунисан со ловоров венец.
А НАЈМИЛ Е- ВУЧКО!
Нема кој не го знае и нема кој не го сака. Поточно, лудува по него.
Неговото олимписко височество е Вучко, официјална маскота на ЗОИ 1984 година.
Малото волкче, дизајнирано од словенечкиот дизајнер и илустратор Јоже Тробец.
Вучко е избран демократски, преку натпревар на кој учествуваа 836 учесници. По првичната селекција биле избрани шест, заедно со другите предлози верверица, јагне, планинска коза, еж и снежна топка.
А потоа, публиката гласаше преку купони од весници и телевизиски гласање и победник стана Вучко – волк, од расата волци кои живеат во Динарските Алпи, каде што се наоѓа Сараево.
Се сеќавате? Ах, и воздивнавте. Во кратките цртани филмови кои се прикажува пред преносот на некоја спортска дисциплина, Вучко обично беше прикажуван како несмасен, симпатичен спортист.
Гласот на легендарната маскота го позајми Здравко Чолиќ, кој пееше рефрен со името на градот: Сарајевоооооооооо!
Легендарниот пејач објасни дека тоа е неговата омилена песна во кариерата, а по многу години оттогаш откри еден интересен детал, а тоа е дека многу луѓе останале во Сараево само за да го запознаат него лично.
„Интересно е што луѓето не сакаа да се вратат дома, на пример, во Германија, додека не дознаат кој пее, додека Вучко си скија, се санка или се лизга. Во тоа време одморав во викендица на планина и во еден момент само го видов Зоран Реџиќ (тогашниот басист на „Бијело дугме”) како се пробива низ натрупаниот снег што паѓаше и ми вели на глас: „Луѓето не сакаат да си одат додека не излезеш да те запознаат!“. „Затоа морав да се вратам во Скендерија“ – се присети Чола многу години подоцна.
„Вучко“, кој остана запаметен не само по „широката насмевка“, туку и по светлопортокаловиот шал со снегулка, е заслужен за рекордната продажба на шалови и играчки со олимписки симболи на Зимските олимписки игри во Сараево. Рекордот на Сараево во продажба на олимписки сувенири сѐ уште не е соборен, а како заштитен симбол буквално на секоја чинија и филџан сѐ уште е застапен во хотелот „Холидеј Ин” во центарот на градот, кој бил отворен специјални за Олимписките игри.
Оваа незаборавната маскота и до ден денес останува една од најсимпатичните олимписки маскоти. Намерата на авторот била луѓето да се „спријателат“ со животните, а Меѓународниот олимписки комитет подоцна изјави дека се успеало во тоа, бидејќи по Вучко, волкот повеќе не бил крволочно и застрашувачко животно во очите на луѓето. Преку неговите насмеани, исплашени или сериозни изрази на лицето, тој му даде на волкот пријателски изглед, помагајќи да се трансформира често жестоката слика за тоа животно во мека.
Денес, многумина ќе се согласат дека „Вучко“ е еден од најубавите спомени што ги носат од земјата која веќе не постои и е симбол за некои подобри и поубави времиња на кои се сеќаваат со носталгија.

МНОГУ СНЕГ – А МНОГУ ТОПЛИНА НА СРЦЕ
Еве уште неколку занимливости:
-Два дена пред палењето на олимпискиот оган паднал снег кој ги кренал сите на нозе: работниците, војската, спортистите и граѓаните. Врнело толку многу што некои тренинзи морале да се одложат. Граѓаните на Сараево спонтано, со лопати излегле на улица и го исчистиле градот, за потоа сѐ да биде во најдобар ред и да се одржат најдобрите зимски игри кога било.
-Од 1982 до 1984 година, Поштата на Југославија издаде две серии поштенски марки кои ги прикажуваат борбените арени и спортовите на ЗОИ и една со препознатливите градски мотиви на Сараево.
-Американските медиуми за Олимпијадата во Сараево пишуваа: „Овие луѓе се неверојатни“.
А, славната анимирана серија „Симпсонови” во 10-та епизода од 10-тата сезона ги спомнува Зимските олимписки игри во Сараево.
За жал многу Олимписки објекти беа уништени во агресијата врз БиХ од 1992 до 1995 година. Некои згради се реновирани, како Зетра и Скендерија, додека патеката за боб на Требевиќ, речиси е целосно уништена и обрасната со плевел, а скијачките скокалници на Игман во распад. Само скијачките патеки во Бјелашница и Јахорина беа постојано во функција и се подобруваа со изградба на жичарници и ски-лифтови.
Но, како и да е, кога ќе се спомнат Олимписките игри, сите воздивнуваат и зборуваат за златните денови на Сараево и цела Југославија. Убавина и топлина околу срце, која никогаш нема да исчезне од сеќавањата на оние кои ги доживеаја ЗОИ ’84.
Ех. Носталгично се сеќаваме на деновите кога во Сараево сите живееја за, и сѐ пулсираше во ритамот на Олимпијадата: храна, пијалоци, пакување, поштенски марки, а тој кафанџија што на Кирк Даглас му наплати сто долари за ќебапи за малку ќе беше линчуван.
ЕКСКЛУЗИВНО: „120 долари за 10 ќебапи за Кирк Даглас!“
(Од “Енциклопедија за хумор и сатира” на Војче Китаноски- прв дел, 2017 година)
Имав голем чест, од први до 28 февруари 1984 година, да бидам во Сараево и да ги следам Олимписките игри. Задоволство што не може да се опише од денешна гледна точка. Олимпијадата во Сараево беше гордост на тогашна Југославија. Мислам дека тој месец воопшто не заспав од желба да следам што повеќе настани, кои траеја без прекин 24 часа.
Секој ден следев по неколку спортски натпревари, а вечерните забави и журки на спротистите се нешто што можеше да се доживее само во живо на лице место. Од сите ова убави случки во сеќавање, мене, и на многу што ја следеа Олимпијадата ми остана случката со големиот американски артист Кирк Даглас (кој неодамна прослави 100 години, и изјави дека сака да прослави уште сто, бидејќи овие сто му биле интересни).
Вистина беше дека во неговиот неколкудневен престој во Сараево Кирк Даглас со пријателите бил и во некоја ќебапчилница, каде што за 10 ќебапи и лепче платил 120 долари. Тоа се прочу кај сите учесници и гости на Олимпијадата, повеќето од нив низ смеа ја проследија оваа информација и со коментар дека тоа за Кирк Даглас не е никаков проблем, но сепак беше непријатно, зошто тоа да се случи.
Организаторите на Олимпијадата, по 2-3 недели, отидоа кај сопственикот на ќебапчилницата и меѓу другото го запрашаа зошто на Кирк Даглас му наплатил 120 долари.
-Зашто си господину Кирку Дагласу наплатио 120 долара? Он је ручао и вечерао и у други ресторанима, платио је колико кошта. Зашто си му ти наплатио 120 долара? (Зошто на господинот Кирк Даглас му наплати 120 долари? Тој ручаше и вечераше и во други ресторани, плати колку што чинеше. Зошто му наплати 120 долари?)
-Зато што сам га ја препознао (затоа што јас го препознав)!- одговорил сопственикот на ќебапчилницата.
Валентина Ѓоргиевска Парго