За архитектите велат дека се душата на градот. Емилија Сларидис – Јаневска е токму тоа. Дипломирана архитектка, која од неодамна е нов Секретар на Општина Куманово. Со оваа позиција таа ги крши стереотипите, дека мора правник да е носител на таква позиција. Покажува, а со нејзиниот професионален „бекграунд“ докажува, дека има простор за успех во кариерата – сѐ додека можеш, умееш и знаеш. Плус ако си жена, на еднакво рамниште со маж, во таканаречена машка струка, инспирира многу кумановки да веруваат во себе. Во Општина Куманово е вработена од 2010 година, а за раководителка на Секторот за урбанизам е назначена осум години подоцна. Во нејзиниот мандат е направен Планот за одржлива урбана мобилност Куманово 2020 – 2030 година. Тргнувајки од ова нејзино резиме, ја прашавме за нејзината Азбука.
А
Архитектура – мојата професионална љубов, архитект, акропол;
Б
Бесконечност, без граници (свет без граници и никогаш не поставувајте граници на своите можности);
В
Вода, воздух, два елементи без кои не може да се замисли животот, верба;
Г
Галеб, „летај ми летај ти галебе мој тажен…“, гордост, градење, да градиме мостови кои нѐ поврзуваат;
Д
Моето двојно Д, Драган мојот сопруг, Деспина мојата ќерка, дом најсигурното место на светот, „само једно место на свету се зове дом“;
Ѓ
Ѓорѓи е мојот татко, човек од кој многу научив во животот;
Е
Емоции, емпатија, енергија, движечка енергија;
Ж
Живот, желби, животот е еден, а желби без број;
З
Земја, нашата планета Земја која треба да ја сочуваме;
Ѕ
Ѕид – да ги срушиме ѕидовите помеѓу нас, ѕуница;
И
Илија мојот син, Илинден, нашиот двоен Илинден;
Ј
Јуни е месец на родендени (мојот и на ќерка ми), месец кога почнува летото, годишно време кога сите сме поопуштени;
К
„Круг“ од ЕКВ, Кумани, Куманово, диско во Кристал, базен Куба, корени, јас моите корени ги пуштив во Куманово;
Л
Липа, мирисот на липите на мојата улица (порано ги имаше повеќе), лале, цвеќе кое секогаш ме асоцира на Велигден;
Љ
Љубов, седмиот елемент без кој ако недостасува животот не е убав;
М
Мајка, мојата мајка, жена која ме инспирира, мамо – збор кој ме радува секогаш кога ќе го слушнам;
Н
Надеж, надежта последна умира, неимар (градител, архитект);
Њ
Њума, њега – карактеристични зборови на нашиот кумановски дијалект кои останатите не ги разбираат;
О
Оган, огниште, домашно огниште-место каде се собира семејството, Охрид;
П
Почит, правда, правичност, за ова секогаш треба да се бориме;
Р
Разбирање, работа, ред, „ред, рад и дисциплина“;
С
Слобода – основно човеково право, сон, мирен сон, соништа, секогаш да се стремимиме да ги оствариме своите соништа;
Т
Точка како крај, но и нов почеток;
Ќ
Ќебапчиња од Старата скопска чаршија;
У
Убавина, уметност, уметност на живеењето, урбанизам;
Ф
Фасада – надворешна обвивка на објектите, но и на човекот, фудбал најбитната споредна работа на светот;
Х
Храброст, херој, секое време мора да има свој херој, хуманост;
Ц
Цреши, охридски цреши;
Ч
Човек, сѐ помалку го има човекот во вистинска смисла на зборот;
Џ
Џокер, џокер во ракавот;
Ш
Шекспир, Шуберт, Шопен