Почетна АНАЛИЗИ Реката Кумановка по својот изглед наликува на пловечка депонија

Реката Кумановка по својот изглед наликува на пловечка депонија

Дека човекот е најголем загадувач на природата говори примерот со реката Кумановка, единствената река којашто со своето течение го „краси“ градот Куманово, а таа во последните десетина години, а веројатно  и повеќе, по својот изглед, наместо  на река, сé повеќе и повеќе наликува на вистинска пловечка депонија.

Неверојатно,  но вистинито е тоа што денес,кога навлеговме и во 25-тата година од 21-от век, од страна на едно живо суштество наречено човек,  се има толку крајно нехуман и нецивилизациски  однос кон природата од којашто сите ние како луѓе ги користиме  најважните природни  ресурси, неопходни за опстанокот на човековиот род, а од коишто  секако еден од најважните ресурси, покрај сонцето, е водата.

Luxury Catering Service

Вина за ваквата моментална состојба со реката Кумановка секако постои, а истата е лоцирана на адресата на надлежните институции на локалната самоуправа, односно на општината којашто, барем засега, не успева да се справи со овој долгогодишен и сериозен проблем и покрај  тоа што во минатото во неколку наврати го исчистија речното корито што, за жал, не вроди со плод, а се покажа како неуспешно и недоволно .

Во случајот со нашата река повеќе од јасно и очигледно е дека овој проблем на глобално ниво на градот бара едно  системско и законско решение  со коешто реката трајно би се заштитила од неконтролираното загадување од страна на неодговорните граѓани кои, користејќи го беззаконието, секојдневно во реката фрлаат разновиден шут и ѓубре коешто го носат директно од своите домови.

Голем удел во тоа што реката со својот изглед наликува на депонија  и претставува вистинско ругло за град со над сто илјади жители , град  којшто важи и за најголема локална самоуправа во државата,  има  и изгледот на самото речно корито коешто на времето, наместо да биде изградено во духот и со текот на едно современо и  урбано  време во коешто денес живееме,  а по примерот на кејот во главниот град, Скопје, истото е изградено во многу примитивен и неурбан стил и по својот изглед,наместо на кеј, истото наликува на еден обичен одводен канал создаден како заштита од евентуални поројни дождови и поплави,  со исклучок на еден сосема мал дел и тоа само од една страна на реката, во должина од мостот кај маркетот „Туш“  до таканаречениот „Митев мост“.

Како и да е, случајот со реката Кумановка во нашиот град  денес претставува еден класичен пример за крајно нехуманиот однос на човекот кон мајката природа  со што пак, од друга страна, автоматски го одсликува и степенот на нашето цивилизациско ниво за нас, луѓето, кои што живееме на овој дел од планетата наречена Земја.

Т.Д.