Почетна ИНТЕРВЈУ Франко Унгаро, продуцент: – И Македонија ќе го види спектаклот „Нешто големо“!

Франко Унгаро, продуцент: – И Македонија ќе го види спектаклот „Нешто големо“!

Господинот Франко Унгаро е еминентен италијански театарски деец, чијшто живот е исполнет со театар и филозофија, а чијшто авторитет е еднаков со најврвните италијански мајстори на театарската уметност.  Впрочем, големо име, кое кореспондира со нешто што се нарекува театарска  мисија.

Поводот за нашата средба е веќе извесниот настан кој го подготвува во соработка со Општина Куманово, а во очекување на точниот термин почувствувавме  потреба да поразговараме на повеќе теми, од кои и по вертикала и по хоризонтала добивме речиси целосна слика за она што се случува на и зад сцената на театарот во Италија, во изминативе пет децении. Секако, преку неговата необична и речиси бајковита лична приказна, чијашто линија од почетна точка долу, се издигнала до најгоре.

Господине Франко, да се разговара со Вас значи да се разговара со еден од најактивните театарски творци и организатори на Италија. Најактуелно за нас во моментов е една фантастична музичка театарска претстава која ја продуциравте и со којашто беше отворен реномираниот фестивал „Нишвил“ минатото лето, со прекрасни млади изведувачи кои ги пеат најголемите италијански хитови. На огромна среќа ќе биде и во Македонија и пред сѐ во Куманово. Тоа е „Нешто големо“, „Qualcosa di Grande“ во оригинал.

Luxury Catering Service

– Најпрво ќе кажам дека во мојот регион, Пуља, немаше театарски академии структурирани како оние во Рим или Милано. Секој што сакаше да ја научи актерската професија мораше да емигрира на север. Сега тоа е можно да се направи во мојот град, Лече. Да бидам попрецизен, моментално сум директор на Accademia Mediterranea dell’Attore што ја основав во Лече во 2016-та година, театарска школа која има за цел да обучува млади актери и актерки и која исто така стана интересен инкубатор на идеи и проекти кои се предложени од студентите и младите дипломирани студенти на Академијата. Јас и Академијата ги придружуваме младите во работата и поддржуваме реализација на идеи и проекти кои ги сметаме за најинтересни. Ова е случајот на “Нешто големо”, шоу спектакл за соништата и сеќавањата на милениумската генерација, создадена од група млади дипломци кои формираа нов ансамбл наречен Maestrale Teatro. Да, оваа година се надеваме дека ќе успееме да направиме убава турнеја на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, во повеќе градови, вклучувајќи го и Куманово, се надевам.

Нешто големо“, самиот наслов асоцира на голема надеж кај секој од нас во животот. Вам токму тоа ви се случило, од младо момче од скромна средина успеавте да постигнете многу работи во животот. Како почнавте да се интересирате за театар, што ве поведе во таа сфера?

– Роден сум во Лепорано, мало село во провинцијата Таранто. Единствениот театар што го видов како момче во моето село беа Светонеделните поворки кои ги носеа наоколу статуите на Мадона и на распнатиот Христос за претстава на Страдањата Исусови. Маѓепсано ги слушав трагичните текстови, слушав песни за болка и пожртвуваност, се восхитував на мебелот, костимите, сценографијата, видов насока и чувствував многу силни емоции следејќи ги тие религиозни обреди, многу слични на оние што би ги открил како возрасен. Мојот интерес за театарот беше поттикнат благодарение на проф. Фердинандо Тавиани и неговиот асистент Никола Саварезе, професори по историја на театарот и спектакли на Универзитетот во Лече. Одлични и извонредни личности кои напишаа основни книги за учење за театарот, не само за италијанскиот театар. Книги преведени на многу јазици. Тие беа пријатели, советници, консултанти на Еуџенио Барба, меѓународно признат режисер, основач на Один Театрет во Данска, по потекло од Галиполи (Лече). Моите испити за Историјата на театарот кај проф. Тавиани ми се живи во моето сеќавање, го имав изнесено сиот ентузијазам за откривањето на театарскиот универзум, особено преку театарските и кинематографските револуции што ги извршија Мејерхолд, Станиславски, Ејезенштајн. Сфатив дека театарот не е само зграда, декорација, претстава,туку, пред сѐ,инвенција на еден свет и поинаков начин на живеење и размислување за животот. За жал, не успеав да го исполнам барањето на професорот кој сакаше да ја напишам мојата дипломска работа со него, бидејќи во тој момент веќе ја имав напишано мојата дипломска работа со мојот професор по филозофија на теми далеку од театарот. Тоа беше околу 1974 година кога Театрот Один на Еуџенио Барба, исто така, пристигна во Саленто за да експериментира со жителите на Карпињано Салентино со својот проект „театрална размена“, начин на уметничка резиденција ante litteram, за време на кој изведувачите на Еуџенио Барба стапија во креативен однос со локалната заедница. За мене тоа беа и годините на мојата политичка определба, како млад човек вклучен во студентските движења. Моите „огнови“, моите изворни страсти, моето сентиментално образование, сè започна во рамките на Универзитетот.

Во Вашата биографија стои дека на почеток, кога почнувавте, со група ентузијасти формиравте театар и своеволно дававте претстави пред италијанската публика. Претчувствувавте ли тогаш дека ќе станете дел од вистинскиот голем театар? Што ве водеше напред? Кој ви помогна најмногу?

– Веднаш штом дипломирав, мојот професор по филозофија ме повика да бидам негов (неплатен) асистент волонтер, а моето професионално искуство во театарот имаше вкус на авантура и невозможен облог. Затоа што, во средината на седумдесетите, во Лече, многу студенти и млади луѓе учествуваа во протестите и демонстрациите со своите соништа и своите жестоки утопии. Меѓу нив, исто така, имаше мала група млади луѓе од „Арадео“ кои често ги среќавав во мојата куќа, која исто така стана место за собирање и живот во заедницата. Таа група млади луѓе од „Арадео“ почувствува силна потреба да се обидат да го доживеат животот во заедницата, некои од нив страстни за музика, некои за уметност, некои за локалните традиции. Еден од нив, Трамачере, дури дојде кај мене на универзитет за да си го положи својот испит по филозофија,и тој се сретна со професорот Саварезе и токму тој самиот се понуди да ја води малата група од „Арадео“, која во меѓувреме изнајми прво соба, потоа две соби, а потоа цела фарма што сите ја нарекуваа Кастело Тре Масери. Кога јас го завршив мојот тригодишен мандат на универзитетот, решив да го напуштам Лече и да барам работа во северна Италија. Почнав да предавам во училиштата во Сондрио и Варезе, градови многу блиску до Милано, каде одев секој викенд за да гледам претстави во театарот. Таму, помеѓу 1978 и 1985 година, ја имав таа среќа да ги видам сите најважни претстави на современиот театар, од Кантор до Барба, од Питер Брук до Боб Вилсон и сите најиновативни и најрадикални искуства на италијанскиот и на меѓународниот театар. Испратив критики за претставите до локалниот весник и почнав да пишувам за театарот и во списанија. Во исто време одржував врски со групата „Арадео“, која во меѓувреме си го даде името „Кореја“ (на локалниот дијалект од грчка деривација значи кружно движење, хорско, но и младо, адолесцентно). Тие почнаа да организираат работилници и театарски состаноци во Замокот и мал уличен фестивал надвор од Замокот, поканувајќи уметници кои летото дојдоа од фестивалот Santarcangelo di Romagna, сè уште еден од најрелевантните фестивали на националната и меѓународната театарска сцена. Сѐ додека не дојде време повторно да се сретнеме: љубовта кон моите корени и кон театарот ме доведе до одлука да се приклучам на групата „Арадео“ со цел заедно со другите да создадам професионално искуство на иновативен театар, сега познат на национално и на меѓународно ниво, прво како театарска куќа, а потоа и како продукциски центар, признат од Министерството за култура. Ги раскажав тие години во мојата книга „Dimettersi dal Sud“ (изданија на Латерца, Бари).

Велите дека уште како премлад го напуштивте домот,без пари во џебот, само колку да го доживеете тој уметнички театарски живот. Денес е друга перспектива. Но,лично во себе, кога најсилно се чувствува театарот- кога сте момче од улица, без пари, или возрасен професионалец со свој статус?

– Роден сум во многу сиромашно семејство, можев да студирам на Универзитетот благодарение на стипендијата што успеав да ја добијам од Универзитетот, а емигрирањето во северна Италија за да предавам не беше прошетка ни пикник, бидејќи ја трошев целата моја заработка за да  платам домување и храна. Честопати успевав да не платам билет во театарот, акредитирајќи се себеси како млад критичар. Дури и мојот почеток во „Кореја“ се карактеризираше со целосна сиромаштија. Сите заедно живеевме како заедница внатре во фармата, без никаква удобност, без греење во зима и без клима во лето и пред сѐ без пари. Долги години напорно стажирање, но со силни мотиви и страсти…

Кои театарски ансамбли ги имате формирано и на кој начин функционираа тие? 

– „Кореја“ првично беше колектив, театарска компанија, кооперативно друштво, но и фестивал, првиот театарски фестивал што се одржа летото во Арадео, кој привлече голема публика од граѓани и туристи кои го знаеја Саленто благодарение на фестивалот. Потоа, на крајот на деведесеттите решивме да го оставиме „Арадео“ да работи во Лече, кадешто купивме стара напуштена фабрика и ја претворивме во театар со сите услови потребни за уметниците и публиката. „Кореја“ стана Cantieri Teatrali Koreja, за да нагласи колку е важно во театарот да се дизајнираат, замислуваат и покренуваат доблесни процеси на создавање и продукција во театарот, во однос на местото кадешто живееме. Денес Кантиерите се простор признат од Министерството за култура како центар за продукција и домаќин на претстави. Ги потрошив моите најдобри физички и ментални сили за да го спроведам овој проект, создавајќи врски и носејќи ги во Лече најиновативните театарски искуства од националната и меѓународната сцена. Работев на тоа да има свој идентитет, отворен за иновации и истражување и за вклучување и дијалог со други слични искуства кои постојат на меѓународно ниво.

Театарот е подвижна филозофија, а Вие завршивте и факултет по филозофија кај еден до најголемите имиња на Италија. Кратко поработевте како професор, но театарот повторно ве повлече назад, во своите прегратки. Не поминува магнетот на театарот? Што е тоа што го прави толку силен?

– Моите родители беа земјоделци. Кога бев мал, тие не сакаа ништо друго освен нивните деца да водат подобар живот од нивниот, без напорна работа и онаа жртва што ја бара обработувањето на земјата. Ме насочија кон класични студии, а потоа избрав да студирам филозофија во Лече кадешто сфатив колку е важно да се поврзе мислата со практиката, разумот со чувството, филозофијата со политиката. Разбирањето на реалноста во контекст на нејзино променување, не е само политички слоган, туку движечка сила што го придвижува човечкото битие и уметникот кој во својот креативен напор замислува и реализира промена (на формите, на материјата, на идеите). Кога видов дека во 1980-тите дека политиката влезе во криза, дека повеќе не ги држи луѓето заедно, дека ја губи својата трансформативна и еволутивна моќ, видов дека сè она добро што политиката го изгубила,се најде во театарот. Односно, во оној дел од светот кој е малцинство во општеството, во тој интимен и социјален простор во кој театарот е како агора, собир на луѓе и тела кои споделуваат различни имагинации и можности за размислување и живеење. Овде, сè уште го гледам театарот како можност за вистинска промена во нашето размислување и нашето работење, овде и сега, овде и секаде.

Каква е состојбата со театарската уметност сега во Италија? Дали доминираат средновечните или младите актери? Какви дела се прикажуваат повеќе? Со модерна тематика или класични дела?

– Ако театарот ја изгуби својата ендогена способност да иновира, да се регенерира и да ги прифати новите предизвици што ги поставува општеството во нашево време, тој станува склеротичен, повторувачки, конзервативен, самопрославен, служи само, можеби, да им ги пополни џебови со пари на оние што го продуцираат и го организираат, но станува бескорисен, а понекогаш и штетен за луѓето и заедницата на која им служи. Ја напуштив „Кореја“ токму поради овие причини, веќе не разбирав во кој правец одиме, каков е нашиот проект. Сите живеевме во поповолни економски услови, добивме добро јавно финансирање, многумина нѐ гледаа со завист, но имаше нешто во нашите внатрешни односи што повеќе не функционираше, многу актери заминуваа еден по друг, разочарани и огорчени, не разбраа зошто мораа да работат таму. Потребен беше поинаков чекор, нов проект на лична и колективна регенерација. И јас го почувствував истиот немир и непријатност и по 30 години активност и живот со „Кореја“, решив да заминам и ја создадов Accademia Mediterranea dell’Attore во Лече. Почувствував потреба да работам за нова генерација актери и изведувачи, останувајќи малку надвор од официјалниот театарски систем. Многумина од мојата генерација, кои беа протагонисти на сцената од 1980-тите и 1990-тите, се префрлија на менаџерски улоги во националните јавни театри и големите јавни културни институции или работат во филмска продукција, оставајќи ја зад себе својата вокација за експериментирање со нов „јазик“ и визии. Сè уште навистина ги ценам Ромео Кастелучи и Сосиетас Рафаело Санцио кои успеваат да работат со големи институции додека ја одржуваат својата поетска и политичка кохерентност.

Вие денес сте посветен на помагање и откривање на млади таленти и дури и на повозрасни кои во својата младост ја немале таа шанса да се вклучат во театарот. Дали затоа што кога почнувавте тргнавте по потешкиот,трновит пат?

– Независните млади уметници имаат многу мали шанси да бидат видени од јавноста и живеат во состојба на трајна маргинализација. Текстовите на младите драматурзи не ги поставуваат ниту приватните ниту јавните театри. Накратко, гледам многу склеротична ситуација и во исто време состојба на аутархија и мала споредба со меѓународната сцена. Една од најважните награди во Италија, наградата Убу, се доделува на млади автори, драматурзи и режисери, но откако ќе се доделат, никогаш не ги гледаме или ги гледаме ретко присутни на билбордите на јавните театри. Лично, многу од мојата енергија посветувам на обуката за актерство и ја гледам кореографската сцена, циркусот и современата уметничка сцена многу пожива и повитална од театарот. Сметам дека таму е поиновативен и поотворен пристап кон јазиците на телото и неговата перформативна димензија, и многу поголема отвореност и меѓународна размена.

Заедно со други режисери, меѓу кои и Дејан Пројковски, ја формиравте и театарската мрежа на Европа, во која членуваат над 40 организации од разни држави. Како функционира таа и што е придобивката од тоа?

– Да, на крајот на деведесеттите, заедно со Дејан и други режисери, актери, компании и европски театри, ја основавме InterAct, платформа којашто ги поврза балканскиот театар со европскиот и меѓународниот театар. Се сеќавам на многу убави средби и многу размени меѓу нашите театри. За мене тоа беше важна можност за професионален раст, пред сѐ да откријам многу извонредни балкански уметници, пред сѐ Горан Стефановски, голем автор кој исто така е заборавен од јавните театри. За жал, InterAct повеќе не функционира, многумина се вратија да работат во своите домови и држави, Проjковски беше повикан да режира во Македонскиот народен театар, на неколку месеци ме замоли да работам со него во Народниот театар, и за мене тоа беше извонредно искуство на дијалог и соработка.

Но, во Македонија имате обработено доста проекти со кои им го отворивте и патот на наши креативци да гостуваат во Италија, особено на Вашиот фестивал во Лече, во соработка со организацијата на Иванка Апостоловска Баскар. Можете да ни раскажете за некои од нив?

– Како што можете да видите, моето континуирано присуство на Балканот е една од опсесиите што го придружува мојот живот во театарот. Со големо задоволство се сеќавам дека во 2006 година бев поканет од професорката Анастасија Ѓурчинова, на Универзитетот Свети Кирил и Методиј да одржам предавање за современиот италијански театар. Уште кога бев студент, во мене растеше желбата да знам што е животот и како луѓето живеат надвор од Железната завеса, ѕидот што ја дели нашата Европа меѓу Истокот и Западот. И живеејќи во најекспонираниот дел на Италија, на исток, односно регионот Пуља, моето срце чукаше кон исток, кон Ориентот. Не можев физички да го надминам тој ѕид, но отсекогаш ме привлекувале рускиот и советскиот театар и литература. Веднаш штом падна ѕидот и комунистичките режими, побрзав да се обидам да воспоставам односи за соработка со балканските универзитети и театри, обидувајќи се да обновам неформални мрежи и планирајќи активности за театарска едукација, влегувајќи во релации со ромските заедници, започнувајќи копродукции меѓу Босна, Србија, Македонија, Црна Гора, Албанија, додека не пристигна проектот EAST OF THE STAGE со кој изградивме мрежа на драматуршки резиденции во кои беа вклучени Апостолова Баскар и Искра Шукарова, Дејан Дуковски, Јетон Незирај, Стефан Чапалику, Валтер Прете и Густаво Д’Аверса, Соња Антинори и многу млади драматурзи и автори и обични граѓани поканети да напишат оригинални текстови на тема климатски промени. И ова беше незаборавно и неопходно искуство.

Пред самиот крај на ова интервју, раскажете ни за Вашиот фестивал во Лече, инаку,за тие што не биле да кажеме дека е прекрасно гратче кое дише во медитерански дух, богато со стара архитектура и препознатлива традиција.

– Да тргнеме од насловот на фестивалот кој го организирам, TEMPORA/CONTEMPORA. TEMPORA на латински значи времиња и зборот често со себе носи упатување на минатото, но исто така е контракција на ПРИВРЕМЕНО, и на СОВРЕМЕНО. Накратко, сакав да создадам нешто што ќе го поврзе минатото со современото, бидејќи фестивалот се одржува во Лече, град којшто во далечното минато бил место на „слетување“ на важни култури и цивилизации, од грчката до феникиската, од француската, турската,шпанската и многу други. Тоа е град којшто го одржува култот на минатото, но кој во ерата на глобализација ризикува да ја загуби можноста да стане дел од меѓународните мрежи, затворајќи се во самосозерцанието на сопствената убавина. Јас ја замислувам ТЕМПОРА/КОНТЕМПОРА како чин на враќање на знаењето, средбите и дијалозите започнати за време на моите патувања надвор од Италија. Во Лече поканувам меѓународни уметници, особено млади, кои ги познавам и ги откривам на турнеи на европски и меѓународни фестивали. Тие се фасцинирани од убавината на градот,а ние сме воодушевени од нивниот талент и креативност. Перспективата е секогаш малку вкрстена, сè уште гледа ИСТОК ОД СЦЕНАТА, на Балканот и на Истокот. За идентитетот и антрополошкиот профил на градот Лече имам напишано две книги, „Lecce sbarocca“ и „Vado a Lecce“, фокусирајќи се многу на концептот на микро-мегаломанија, ментален црв што ја мачи совеста на граѓаните коишто живеат во малите периферни градови, луѓе кои се чувствуваат супериорни во однос на другите, без да имаат причини и без посебни заслуги.

Велат дека животот ја имитира уметноста, а уметноста го имитира животот. Театарот е вистинскиот живот или имитирање на истиот?

– Во време на постдраматски театар кој се обидува да ја врати реалноста на јазикот на театарот и во времето на вештачката интелигенција, останувам приврзан на идејата за театар способен да ги наведе луѓето да го преминат прагот на познатото, секојдневното, сообразувањето и да ги води нив кон нови светови и нови визии за иднината, со свесност дека нашата природа е секогаш ограничена и условена.

Која е Вашата главна порака што сакате постојано да ја оставате зад себе?

– Некогаш се обидел. Некогаш не успеа. Без разлика. Обидете се повторно. Повторно неуспешно. Пропаднете подобро, вели Бекет… (Семјуел Бекет драмски писател, н.з.).

Валентина Ѓоргиевска Парго